И додека водечките македонски партии се караат и не сакаат да седнат ниту на заедничка маса, ДУИ веќе 20 години го користи тој политички антагонизам во македонскиот политички блок и буквално како диригент диригира со сите процеси во државата, додека другите коалициски партнери во Владата се само кореографија во една голема претстава
Македонија се наоѓа пред голема историска пресвртница кога е исклучително важно да се носат мудри и добро промислени одлуки за да се одбранат македонските национални интереси. Но дури и во вакви клучни моменти за државата повторно на површина испливуваат поделбите, кавгите и подметнувањата помеѓу најголемите македонски партии, на кои како да не им се важни зацврстувањето и опстојувањето на македонското национално ткиво, туку ги гледаат само ситнополитичките интереси и битката за фотелји.
Тој кусоглед антагонизам меѓу македонскиот политички супстрат постои 30 години, што доведе до тоа за крупните политички прашања што се од национален интерес да нема политички консензус во македонскиот блок, небаре Македонците имаат резервна држава.
И додека водечките македонски партии се караат и не сакаат да седнат ниту на заедничка маса, ДУИ веќе 20 години го користи тој политички антагонизам во македонскиот политички блок и буквално како диригент диригира со сите процеси во државата, додека другите коалициски партнери во Владата се само кореографија во една голема претстава.
Ниту премиерот има ингеренции над целата влада, ниту може да се состави влада во земјава без претходно да се подготви платформа во Тирана, ниту, пак, може да се организира попис ако не биде според замислите на интегративците. Се добива впечаток дека за сè одлучува ДУИ. Па не толку одамна во време на најголемото затворање поради пандемијата, наместо Комисијата за заразни болести, ДУИ решаваше да се отворат верските објекти, граничните премини, да не се бараат сертификати за вакцинација при влез од Косово и од Албанија. Таквиот насилен однос ја чинеше земјава илјадници новозаразени со коронавирус кога најмалку ни беше потребно, но и нов удар врз здравствениот систем, кој не само што и вака не може да ги задоволи потребите на македонските граѓани туку дополнително беше оптоварен со осигуреници од соседството, кои повторно по заслуга на интегративците влегоа во македонскиот здравствен систем. Разно-разни упади и диверзии од оваа партија на штета на македонските национални интереси има цел куп. Доволно е само да се посочи и нелегалното подигање споменик на борците на УЧК во Слупчане, настан што предизвика длабоки поделби и реакции на негодување во општеството.
Од тие причини, крајно време е македонските партии конечно да го стават прстот на главата и да помислат каде ја водат државата и зошто воопшто дозволуваат некоја партија да го држи во заложништво македонскиот народ, но и целата држава.
Тука веќе нема простор за никакви калкулации бидејќи се случуваат настани за кои никој и не претпоставуваше дека би можеле да се случат. Затоа и СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ треба да седнат и да ги закопаат антагонизмите од минатото, да се свртат кон иднината и да почнат да размислуваат за националните интереси, кои веќе се сериозно загрозени.
Попусто двете најголеми македонски партии се декларираат како државотворни, а кога беа најпотребни за овие три децении не покажаа таков капацитет, туку напротив, покажаа капацитет на попустливост за сѐ и сешто, скандали, поделби на народот и целосно игнорирање на граѓанските потреби. На политичка берза е сѐ и сешто, а во меѓувреме двете најголеми партии постојано се обвинуваат за продавање на државните интереси. Во пракса, полека исчезнува сè што е македонско, но очигледно и тоа не им пречи, па продолжуваат и натаму да функционираат само како обични подизведувачи на политиките и плановите на ДУИ, кои често се спротивни на државните интереси.
Токму таквото диригирање и мајоризација на една помала партија врз целото македонско општество создава огромно незадоволство кај македонските граѓани од сите етнички групи, па затоа е и таа огромна бројка на иселувања од земјава. Можеби тука треба да се бара причината зошто некој упорно инсистираше во пописот да биде вклучена и дијаспората, да може едно лице да ги кажува матичните броеви и на тие што не се присутни, да мора крајните бројки да ги потпише заменик-директорот на статистика, нормално назначен од ДУИ, само за да не се види колку навистина побегнале од државата поради нивните погубни политики. И не е само иселувањето. Тоа го покажуваат и изборите. Имено, на секој изборен циклус бројот на оние што не излегуваат да гласаат постојано расте затоа што граѓаните веќе не им веруваат на политичарите, не им веруваат на партиите, не им веруваат и на институциите.
Токму затоа најголемите македонски партии треба да покажат визионерство и да сфатат дека поделбите и кавгите нема никаде да ги одведат. Ако и за иднината на својата земја не можат да се договорат и да најдат заеднички јазик, тогаш очигледно не се дораснати за историските задачи пред кои се исправени
Поради сите овие причини сега можеби е последниот момент македонските партии да го покажат државотворниот капацитет, но не со празни зборови, туку со дела. Под државотворност се подразбира ставање во втор план на партиските интереси и работа исклучиво за она што е добро за државата и она што ќе им донесе бенефиции на граѓаните. Затоа она што треба да го направат и СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ, наместо да ги презентираат „матурантите“ на таблоа, е да седнат и да најдат заеднички точки околу кои ќе се обединат во заштита на државните и национални интереси. Тоа, секако, подразбира заштита на идентитетот, јазикот, историјата итн.. Полтронскиот однос и уцените мора да престанат. На народот му е прекуглава од политичари што доаѓаат, се богатат и си заминуваат, без некој кривично да ги гони за злоупотребите што ги прават, додека тој тоне во сè подлабока сиромаштија и апатија.
Истото се однесува и на ДУИ, од каде што конечно треба да сфатат дека не можат да ги држат во заложништво целата држава и нејзиниот народ, небаре ако тие не владеат, ќе следува потоп. Па дури и кога владеат, треба да не ја злоупотребуваат позицијата и со 15 пратеника да ја опструираат и уценуваат целата држава, не оставајќи простор за добри и способни кадри од други партии, кои можеби ќе можат да понудат нови и свежи идеи. Тоа е демократскиот капацитет, кој, за жал, го нема ниту една партија во Македонија.
Македонија е исправена пред можеби најголемиот предизвик, дали ќе ја биде или не, и затоа секоја постапка сега ќе влијае на она што ќе се случува во иднина. Токму затоа најголемите македонски партии треба да покажат визионерство и да сфатат дека поделбите и кавгите нема никаде да ги одведат. Ако и за иднината на својата земја не можат да се договорат и да најдат заеднички јазик, тогаш очигледно не се дораснати за историските задачи пред кои се исправени.