Кавгите и расправиите меѓу челните луѓе на спортските институции толку зовреа, што околу тоа кој работел исправно, а кој не, се вклучи и Државната комисијата за спречување корупција, со најава за поведување иницијатива до Јавното обвинителство за кривично гонење на директорот на АМС, но и на членовите на Централната комисија на АМС. Комплексноста на ситуацијата во која е заплеткан македонскиот спорт со ваучерите бара и соодветна консултација и стручно правно толкување, но сето тоа може да се реши и со „ладни глави“, без вжештена реторика. Доста ни се кавги во парламентот, па сега и во спортските институции да пламнат
Ги скараа ли спортските ваучери и нивната распределба водечките луѓе на највлијателните македонски спортски институции, Македонскиот олимписки комитет (МОК) и Агенцијата за млади и спорт (АМС), предводени од нивните претседатели Даниел Димевски, односно поранешниот ракометар Наумче Мојсовски? Префрлањето на топчето преку мрежата како во пинг-понг партија на зелената маса, околу тоа кој е виновен за новонастанатата ситуација, деновиве беше интензивно присутна тема во медиумите, па следствено на тоа полемиката се разви и пошироко.
Тоа кој ќе добие и колку од ваучерскиот колач, а кој не, и како се делеле досега ваучерите сериозно ја заостри реториката меѓу двајцата челници, но и меѓу спортски клубови и поединци, кои се особено заинтересирани за ова прашање, оти за повеќето од нив зависи и нивниот опстанок во спортот на индивидуално и на колективно ниво. За жал, дискусијата почна сѐ повеќе да наликува на меѓупартиските кавги, кои секојдневно ги гледаме меѓу политичарите во македонскиот парламент, но и во политичкиот живот, што, секако, во голема мера остава лош впечаток.
Првите луѓе на врвните спортски институции наместо да изнаоѓаат начини како да го унапредат спортот со поголемо финансирање и овозможување соодветни услови за уште поголеми и поуспешни резултати, како и начин како да се надмине оваа економска криза во која е вовлечен и македонски спорт, со што позитивно би влијаеле кај спортистите и спортските клубови, тие го прават токму спротивното, односно со нивните кавги и меѓусебни обвинувања само долеваат „масло на огнот“, што, секако, претставува многу лош пример за целокупната македонска спортска јавност.
Вака се добива впечаток дека меѓупартиските караници и калкулации што ја преокупираат комплетно јавноста сега влегуваат и во спортот, што ни најмалку не ни е потребно. Разгорувањето на страстите на спортски план ни носи само дополнителни нервози и непосакувани решенија или одлуки, кои можат да имаат далекосежни последици.
Но наспроти заложбите за смирување на состојбите, се чини дека работите се движат во спротивна насока. Кавгите и расправиите меѓу челните луѓе на спортските институции толку зовреа, што околу тоа кој работел исправно, а кој не, се вклучи и Државната комисијата за спречување корупција, со најава за поведување иницијатива до Јавното обвинителство за кривично гонење на директорот на АМС, но и на членовите на Централната комисија на АМС. Комплексноста на ситуацијата во која е заплеткан македонскиот спорт со ваучерите бара и соодветна консултација и стручно правно толкување, но сето тоа може да се реши и со „ладни глави“, без вжештена реторика. Доста ни се кавги во парламентот, па сега и во спортските институции да пламнат.
Наместо тоа, не би било лошо сите инволвирани да го видат примерот на Шаховската федерација. И ќе има што да видат. Шахот има најголем напредок за една година. Зошто? Затоа што таму се прават цврсти темели (инфраструктура и база) со воведувањето на предметот Шах во училиштата, односно почетна реализација на проектот „Шах во основните училишта“, потоа со новоизградениот шаховски дом, кој наскоро ќе заживее во Скопје по повеќедецениско мирување, и со зголемениот број млади деца во системот на натпревари на разни домашни и меѓународни турнири. Со тоа се покажува дека успехот може да се постигне само со заеднички сили. Не случајно мотото кај шахистите е „генс уна сумус“, односно сите сме ист род.
А само со таква истрајност, еднаквост, заеднички договор и успешно менаџирање и може да се постигнат успешни резултати. Затоа не случајно е и добивањето можност мноштво домаќинства од европски и светски калибар да се одржуваат токму во Македонија, како и финансиска помош од Европската шаховска унија (ЕЦУ) и од Светската шаховска федерација (ФИДЕ). Очигледно, ФИДЕ препознава квалитет на организацијата на меѓународни турнири кај нас, па и годинава, како и минатата, повторно ни даде доверба, но и финансиска поддршка да продолжиме со уште посилно темпо во организацијата на традиционалниот меѓународен турнир „Скопје опен 2023“.
Шаховскиот пример е добар за разгледување и од еден друг аспект. Со правилно осмислување и влечење на потезите, но во тишина, која и овозможува да се одиграат најдобрите потези, се доаѓа и до посакуваниот, како организациски така и натпреварувачки, успех. Во спротивно, со сѐ почести кавги и расправии во спортот, само побрзо ќе тонеме кон дното.