Доколку внимателно се проучи Повелбата на Обединетите нации, може да се заклучи дека воздушните напади на НАТО врз Република Србија, односно тогашна Сојузна Република Југославија, беа спротивни од основачките принципи на Обединетите нации и меѓународното право, а наедно ги нарушија суверенитетот и интегритетот на држава членка на Обединетите нации. Бомбардирањето на НАТО се одликува и со уште еден преседан, односно за првпат во историјата, одлуката за бомбардирање на тогашната Сојузна Република Југославија беше донесена без одобрение на Советот за безбедност на ОН, а американскиот Конгрес исто така не го одобри барањето на тогашниот американски претседател Бил Клинтон за напад на СРЈ
На 26 јуни 1945 година во зградата на Воениот меморијален центар и Центарот за сценска уметност, во Сан Франциско, САД, беше потпишана Повелбата на Обединетите нации, основачкиот договор за формирање на Обединетите нации, од 50 од вкупно 51 првични земји членки (Полска, која немаше претставник на конференцијата, потпиша подоцна). На 24 октомври, Повелбата стапи во сила откако беше ратификувана од пет постојани земји членки на Советот за безбедност – Република Кина (подоцна заменета со Народна Република Кина), Франција, СССР (подоцна заменет со Руската Федерација), Обединетото Кралство и САД – како и од повеќето други потписници. Во суштина, Повелбата претставува основачки договор и сите држави се обврзани од нејзините членови, а дополнително во Повелбата се наведува дека обврските кон ОН ги надминуваат сите други обврски произлезени од договорите, најголемиот дел од државите во светот ја имаат ратификувано.
Во преамбулата на Повелбата на Обединетите нации, меѓу другото, се вели: „Да бидеме толерантни и да живееме заедно во мир, како добри соседи, и да ја обединиме нашата сила за да ги одржиме меѓународниот мир и безбедност, да прифаќаме начела и да воведуваме постапки, кои гарантираат дека оружената сила ќе биде наменета само во заеднички интерес и дека ќе ги користиме меѓународните институции за да го поддржиме економскиот и социјалниот напредок на сите“.
Во однос на меѓународното право, особено е значајно и првото поглавје каде што се нагласува дека „Организацијата е заснована врз начелото на суверената еднаквост меѓу сите членки. Со цел осигурување на правата и придобивките од членството, секоја земја ги исполнува преземените обврски во согласност со сегашната Повелба. Сите земји членки ги решаваат своите меѓународни спорови на мирен начин, така што нема да бидат загрозени меѓународниот мир и безбедност. Во меѓународните односи, сите земји членки се воздржуваат од закани со сила или користење сила против територијалниот интегритет или политичката независност на која било држава или на кој било начин што не е усогласен со целите на Обединетите нации“.
Доколку внимателно се проучи Повелбата на Обединетите нации, може да се заклучи дека воздушните напади на НАТО врз Република Србија, односно тогашна Сојузна Република Југославија, беа спротивни од основачките принципи на Обединетите нации и меѓународното право, а наедно ги нарушија суверенитетот и интегритетот на држава членка на Обединетите нации. Бомбардирањето на НАТО се одликува и со уште еден преседан, односно за првпат во историјата, одлуката за бомбардирање на тогашната Сојузна Република Југославија беше донесена без одобрение на Советот за безбедност на ОН, а американскиот Конгрес исто така не го одобри барањето на тогашниот американски претседател Бил Клинтон за напад на СРЈ.
Бомбардирањето започна на 24 март 1999 година во 19.45 часот, откако одлуката за неприфаќање странски војници беше потврдена од парламентот на Србија, кој предложи силите на Обединетите нации да го надгледуваат мирното решавање на конфликтот на Косово. Деветнаесет земји на Алијансата почнаа да бомбардираат од бродови во Јадранско Море, од четири воздушни бази во Италија, поддржани од стратегиски бомбардери што полетаа од базите во Западна Европа, а подоцна и од САД. Најнапред цел беа касарните и единиците за противвоздушна одбрана на Армијата на СРЈ, во Батајница, Младеновац, Приштина и во други места.
Според податоците на Министерството за одбрана на Србија, при воздушните напади на НАТО загинале 1.031 припадник на српската армијата и полицијата. Се проценува дека загинале околу 2.500 цивили, меѓу кои 89 деца, околу 6.000 цивили биле ранети, од кои 2.700 биле деца, како и 5.173 војници и полицајци, 25 лица се водат како исчезнати.
Покрај прекршувањето на меѓународното право, бомбардирањето на НАТО се одликуваше и со уништување на многу цивилни објекти и цивилна инфраструктура, беа уништени и оштетени 25.000 станбени објекти, онеспособени се 470 километри патишта и 595 километри железница. Беа оштетени 14 аеродроми, 19 болници, 20 здравствени домови, 18 детски градинки, 69 училишта, 176 споменици на културата и 44 моста. Беше уништена и третина од електроенергетскиот капацитет на СРЈ, бомбардирани беа и две рафинерии во Панчево и Нови Сад, а силите на НАТО користеа и таканаречени графитни бомби за да го онеспособат електроенергетскиот систем.
Бомбардирањето заврши со потпишување на Воено-техничкиот договор во Куманово на 9 јуни 1999 година, а три дена подоцна започна повлекувањето на силите на СРЈ од Косово и Метохија. Откако на 10 јуни генералниот секретар на НАТО издаде наредба за запирање на бомбардирањето, последните проектили паднаа во атарот на селото Коколеч во 13.30 часот. Истиот тој ден, Советот за безбедност на ОН ја усвои резолуцијата 1244, а во покраината беа испратени 37.200 војници на КФОР од 36 земји, со задача да ги одржат мирот, безбедноста и враќањето на стотици илјади албански бегалци.
Преседанот со прекршувањето на меѓународното право со бомбардирањето на СРЈ како домино-ефект предизвика и други тешки кршења на меѓународното право и воспоставениот меѓународен поредок. Кршењето на Резолуцијата 1244, односно прогласувањето независност на Косово покажа дека земјите сојузници се подготвени да поддржат сецесија и распад/поделба, односно отцепување на територија што е дел од суверена држава, што, пак, како акт е во директна спротивност на Повелбата на ООН и на меѓународното право. А НАТО всушност беше алатка да се направи тоа. По прогласувањето на косовската независност, Европската Унија го презеде надзорот во управувањето со Косово преку свои цивилни мисии, а Република Србија и понатаму е во спор со САД и ЕУ околу суверенитетот врз Косово, повикувајќи се на Резолуцијата 1244 дека прогласената независност на Косово не е во согласност со меѓународното право.
До пред извесно време Обединетите нации беа и би требало да бидат гарант за стабилноста на меѓународниот поредок и балансер помеѓу моќните и послабите држави. Бомбардирањето врз СРЈ го однесе светот во опасни и хаотични води, а меѓународните односи, особено помеѓу моќните држави, станаа нестабилни и непредвидливи, додека на меѓународната сцена сѐ уште се чувствуваат последиците од неколкуте преседани што беа направени.
Република Македонија е меѓу помалите држави што го чувствуваат и на своја кожа прекршувањето на меѓународното право, а за што сведочат болните искуства од промената на името, знамето, историјата, симболите, Преспанскиот договор, уценувачкиот договор со Бугарија…
Глобалната меѓународна заедница бара и ѝ е неопходен систем во меѓународните односи и меѓународното право, кој соодветно ќе биде почитуван, бидејќи немањето систем, немањето меѓународноправен поредок и непочитувањето на универзалните општочовечки вредности го носат целиот свет во спиралата на неповратен хаос.