ОН да излезат од филмот од Б-продукција, каде што играат споредна улога

  • Ме ра­ду­ва тоа што во фил­мо­вите, ка­ко во ми­на­то­то, та­ка и де­нес, по­стои не­ка­ква ор­га­ни­за­ци­ја на на­ро­ди што вле­ва на­деж де­ка све­тот ќе се вра­ти на оние ос­нов­ни по­сту­ла­ти што га­ран­ти­ра­ат функ­ци­о­ни­ра­ње на ме­ѓу­на­род­но­то пра­во и вид­ли­вост и за­шти­та на ма­ли­те на­ции. А тоа де­нес е по­ве­ќе од по­треб­но, оти мо­же­би на овој наш свет не му се за­ка­ну­ва не­ка­ков ар­ма­ге­дон од все­ле­на­та, но се­ри­оз­но му се за­ка­ну­ва са­мо­у­ни­шту­ва­ње по­ра­ди чо­веч­ка­та алч­ност и су­е­та

Се снимија многу научнофантастични филмови во кои светот или планетата се наоѓаа пред сериозни закани од уништување, но во нив секогаш имаше понекоја сцена во која постоеја некакви обединети нации, некаков совет на цивилизации, интергалактички совет, односно постоеше некакво заедничко тело во кое се решаваа глобалните проблеми.
Колку и да ги сметаме филмовите за фикција, сепак сите работи порано или подоцна стануваат стварност. Денешните паметни телефони не се ништо друго туку комуникаторите што ги гледавме во „Ѕвездените патеки“, вештачката интелигенција што зборува со луѓе нè фасцинираше во „2001-Одисеја во вселената“, од „Терминатор“ ги препознаваме денешните хуманоидни роботи, кои стануваат сè пософистицирани (за оние што ги развива воената индустрија страв ми е да размислувам), реклами што нè препознаваат и ни се обраќаат по име како во „Малцински извештај“ и уште многу други предвидувања денес се реалност. Искрено се надевам само дека не го живееме светот како во „Матрикс“ или „Труман шоу“, оти тоа би било премногу.
Но, нејсе, ме радува тоа што во сите тие филмови, како во минатото, така и денес, постои некаква организација на народи што влева надеж дека светот ќе се врати на оние основни постулати што гарантираат функционирање на меѓународното право и видливост и заштита на малите нации.
А тоа денес е повеќе од потребно, оти можеби на овој наш свет не му се заканува некаков армагедон од вселената, но сериозно му се заканува самоуништување поради човечката алчност и суета.
Затоа е повеќе од важно овие сегашни Обединети нации да се вратат на своите темелни вредности и принципи, да ги коригираат преседаните и да почнат да го применуваат меѓународното право еднакво за сите, без разлика дали станува збор за големи или мали земји.

Во превод, тоа значи дека за судбината на светот не може да одлучуваат само пет земји членки во Советот за безбедност, кои можат да си ставаат вето според она што е нивен интерес, туку тој Совет за безбедност треба да биде едно пошироко тело во кое ќе се носат одлуки во согласност со меѓународното право, во кое секогаш ќе му се дава приоритет на мирот, на решенијата што ќе бидат во полза на граѓаните и на нивната благосостојба, а не на профитот и големите корпорации, кои всушност ги генерираат сите војни и несреќи на човештвото.
Никој не треба да има какви било илузии дека е можен свет без Обединетите нации. Не, гаснењето на една ваква организација ќе значи крај на светскиот поредок каков што го знаеме, а тоа геополитичко прекројување веќе се случува. Можеби некој мисли дека потезите се влечат контролирано, дека веќе однапред е договорено кој што треба да добие, но сите тие работи многу лесно излегуваат од контрола и во оваа ера на нуклеарно вооружување, за миг работите можат да отидат во неврат.
Затоа е важно ОН да го започнат итно процесот на реформи, да ги исклучат влијанијата на големите сили на кои им одговараат послушни ОН и да се вратат на меѓународното право и на основачките одредби. Тоа е важно за да не се случуваат војни, да не се поставуваат подобни влади и државници спротивно на волјата на народот, да не се случува уништување на идентитети, јазици, култури и историја на народи, токму она што нам ни се случува, а се случува бидејќи ОН го дозволија тоа. Со тој преседан, ОН ја отворија вратата и за други вакви слични преседани. Прашањето за Гренланд деновиве станува сè поактуелно, а моќта на парите веројатно ќе направи 60 илјади нови Американци и исчезнување на Инуитите, домородни жители што зборуваат инуитски јазици и имаат вековна култура поврзана со лов, риболов и арктички начин на живот. Можеби овие генерации ќе го паметат своето потекло, но секоја нова генерација на Инуити сè помалку ќе памти, сè додека не се родат генерации што ќе бидат Американци. Таква судбина и нам ни се заканува ако дозволиме идентитетското обезличување да продолжи, а кое токму ОН го дозволија.
Затоа е време за разум, а разумот може да биде само реформирани и моќни Обединети нации, од чија говорница и низ чии тела ќе се гради еден поубав и посигурен свет за сите, исто онака како што доброто секогаш победувало во филмовите во кои одлуките заеднички ги носеле сите народи и така светот секогаш бил спасен. Така треба да биде и сега, оти во спротивно ќе надвладее темната страна. Такво сценарио и таков лош филм не посакува никој од нас.