Деновиве поради големиот број пожари што ја зафатија Македонија сите наши мисли и молитви беа насочени кон храбрите македонски пожарникари и големиот број доброволци од земјата и соседните држави што беа вклучени во гаснењето на пожарите, кои се закануваа да ја пеплосаат државата. По неколкудневни натчовечки напори и деноноќно макотрпно ангажирање и битки со големите пламени јазици, во најголемиот дел од државата огновите се изгаснати. Изминатите недели и денови, гледајќи како пламените јазици и големите огнови пред очи ни ја пеплосуваат државата и кога Македонија личеше на во сцените од филмот „Републиката во пламен“, сите нас нѐ водеше една иста мисла – да не видиме повеќе ни огнови ни пожари.
Но токму во моментот кога кај нас беа угаснати најголемиот број пожари, во нашите срца почна да „гори“ еден нов оган, факел што кај сите нас денеска во Париз ќе го запали олимпискиот оган. Но огнот што ќе биде запален денеска во Градот на Светлината, Париз, со кој официјално ќе биде означен почетокот на Олимписките игри, никој не сака да биде изгаснат. И тоа не само сега туку и навек.
Олимпискиот оган, кој откако бил запален во древната Атина, иако имало обиди, сепак никој не го изгаснал. И освен некои екстремисти и болни умови, нема човек на планетата Земја што некогаш посакал да биде изгаснат. Напротив, секој посакува тој вечно да биде запален и на секои четири години да нѐ осветлува и да ги грее нашите души.
Воден од добрата и пред сѐ пацифистичка мисла, за мир и разбирање на народите, основачот на Олимписките игри, познатиот педагог и историчар Пјер де Кубертен, уште од формирањето на Меѓународниот олимписки комитет, во далечната 1894 година, го „запалил“ олимпискиот оган, со желба тој вечно да ги грее срцата и душите на сите жители на планетата Земја, со цел да ги промовира мирот и меѓусебното разбирање кај народите. Неговата позната мисла и идеја „важно е да се учествува, а не да се победи“ ги мотивира сите земји во светот, без разлика на големината, нацијата, верата, етничката и верската припадност, некои претставени на Игрите со стотици спортисти, некои само еден претставник, да се борат во разни дисциплини на спортски план, со своите постигнувања под едно знаме за своите земји и народи. Животен сон на секоја земја на оваа планета и на секој спортист, од која било земја на светот, е да учествуваат на Олимписките игри.
Олимпискиот оган, кој се пали во древната Атина, на секои четири години ги топли срцата на сите луѓе на светот. Тој пламен гори кај сите жители на планетата Земја, дури и кај тие луѓе што утре, кога свечено ќе биде запален олимпискиот оган, ќе бидат некаде далеку во вселената.
На прагот сме на уште едни олимписки игри. Денеска во Париз, во срцето на градот, по неговата главна артерија – Сена, свечено ќе бидат прогласени за отворени Летните олимписки игри. Денеска сите мисли ќе бидат насочени кон Париз, кон Градот на Светлината, кој треба да ни го осветли патот кон нашето подобро и посветло утре.
Ако при организацијата на првите Игри Французинот Кубертен го водеше мислата дека е важно да се учествува, денес најголемиот број земји учесници и спортисти ги водат мислата и желбата не само да се учествува туку и да се победи, бидејќи олимпиското злато е признание што има најголем сјај и вечно сјае, кое никогаш ниту бледнее ниту згаснува. И затоа за поздравување е идејата на организаторите на Игрите во Франција што на овие игри во главна улога ги вратија спортистите.
Според организаторите, свеченото отворање на Игрите за првпат нема да се одржи на стадион, туку парадата на 10.500 спортисти ќе се одржи на Сена, со чамци за секоја национална делегација, кои ќе бидат опремени со камери за да им овозможат на телевизиските и онлајн гледачите да ги видат спортистите одблиску.
Планирано е церемонијата на отворање на Олимписките игри во Париз во 2024 година да биде најголемата во историјата на Игрите. Спортистите ќе бидат срцето и душата на церемонијата. Со отворањето, со парадата на спортистите, Париз 2024 ја прекршува традицијата. Спортистите ќе бидат прикажани на сцената за време на воведот и во текот на церемонијата како дел од постојаната цел на Париз 2024 да се одржат Игри создадени за и од спортисти.
На Игрите Македонија ќе биде претставена со шестмина спортисти: маратонецот Дарио Ивановски, борачот Владимир Егоров, таеквондистката Милијана Релиќ, шеснаесетгодишниот пливач Никола Ѓуретановиќ, џудистот Еди Шерифовски и стрелачката Анастасија Мојсовска.
И додека спортистите се опседнати со мислата за успех на Игрите и постигнување што подобри резултати, организаторите и јавноста се прашуваат дали Олимписките летни игри во Париз ќе поминат без инциденти и во најдобар ред и мирна атмосфера.
Франција се обиде херметички да го затвори Париз. За спортистите да бидат безбедни, Франција распореди дури 35.000 полицајци секој ден за Олимпијадата, со максимум од 45.000 за церемонијата на отворање. Покрај тоа, 10.000 војници учествуваат во безбедносните операции во регионот на Париз. Воени сили од 10.000 лица патролираат по улиците и локациите во парискиот регион и извршуваат други безбедносни мисии. Франција исто така добива помош од повеќе од 40 земји што заедно испратија најмалку 1.900 полициски засилувања. Француските власти спречија неколку заговори за нарушување на Олимпијадата во 2024 година, изјавија официјални лица во средата, два дена пред церемонијата на отворање на Летните игри во Париз. Жералд Дарманин, францускиот министер за внатрешни работи, неделава рече дека властите прегледале над еден милион луѓе.
Со цел да им се посвети на Игрите, францускиот претседател Емануел Макрон изјави дека дури по завршувањето на Олимписките игри во Париз ќе именува нов премиер, а потоа ќе се формира и нова влада. Резултатите се она што треба да е примарна цел на олимпиското небо и тие се на моменти дури и посјајни од медалите. Учеството на Олимпијадата пред сѐ е гордост и разум за тежината на обврските преземени во име на државата чии бои се бранат, но и за пред аудиториумот, кој се брои во милиони. Спортистите треба да ја вознесат магијата на Игрите.
Но и овие игри ќе поминат со горчина во душата кај најголемиот број граѓани на планетата Земја. Додека порано во чест на Игрите прекинуваа дури и војните, а земјите барем додека траеја Игрите му се посветуваа на мирот, овој пат, за време на одржувањето на Игрите во Франција, кога илјадници спортисти на спортските борилишта и терени за своите земји ќе гинат за да постигнат што подобри резултати, на фронтовите во Украина и Палестина и за време на Игрите ќе гинат стотици и илјадници млади луѓе, оставајќи ги своите млади животи во рововите и гинејќи на фронтовите, кои веќе многу долго траат. И едните и другите ќе гинат за своите држави, под знамето на своите земји. Но ќе бевме многу посреќни, како сведоци на овие случувања, младите луѓе да „гинеа“ на спортските терени наместо на фронтовите. Но, како што стојат работите, завојуваните страни немаат намера, барем додека траат Игрите, да престанат со разурнувањата и страдањата на војниците и на цивилите.
Македонија како и на секогаш претходно, така и овој пат ќе биде застапена на Игрите со мал број спортисти што ја исполнија олимписката норма. Но тоа е добра шанса за промоција на нашата држава, која сѐ уште се бори за потврда на својот идентитет. Затоа е добро што и ние ќе бидеме присутни во Париз, каде што од денеска се вкрстуваат сите патишта. И нашиот пат врви низ Европа и оди во Париз. Нашата делегација на чело со нашето знаме ќе помине и пред Елисејската палата и низ Триумфалната капија и ќе зборува на македонски јазик. Колку да видат и да чујат оние што кројат некакви рамки на неправдата. Македонскиот оган никојпат и никој нема да го згасне.