Многу често во нашата комуникација знаеме да кажеме дека државата треба што поскоро темелно да се посвети на решавање на проблемите во земјоделството и во сточарството, кои се недоволно искористени, иако нудат големи можности за зголемено земјоделско и сточарско производство, за обезбедување прехрана на населението, за нови вработувања и за остварување повисоки приходи. Па, се набројуваат голем број услови како неопходни, кои треба да ги обезбеди државата, но многу ретко сакаме да ја видиме и другата страна на проблемот. Сѐ помалку има кој да ја обработува земјата.
Се разбира, тој факт не ја елиминира, па дури не ја ни намалува потребата надлежните сериозно да стават ред во земјоделството, а не да се дозволува стихијата да ги води земјоделците на планот на тоа што и кога да се насади и во кое количество, за на крајот прекупците и накупците да го собираат кајмакот, за оние што живеат од својот труд да останат со некоја минимална сума што едвај ги покрива основните трошоци.
На оваа тема се навратив откако деновиве случајно се сретнав со група земјоделци во Бањичко Поле, Гостиварско, кои од пеколната горештина одмораа под ладовина. Им се придруживме во разговорот со провокативно прашање: „Слушнавме дека во вашево поле имало организирана пљачка на мотики и на други земјоделски алатки?“ Нѐ погледнаа во очи зачудено, не поверуваа во провокацијата туку веднаш одговорија: „Не, не сме слушнале дека има кражби. Кај нас дури и во времињата кога цветаше земјоделството не паметиме дека имало кражби на мотики, лопати, вили и слично, а не пак сега“. Кога им рековме дека се шегуваме, слатко се изнасмеаја. Раскажуваат дека никој не сака мотика, младите бегаат како од ѓавол. Останале само повозрасните да се занимаваат со земјоделство, а лицата што се занимаваат со одгледување овци, крави и со друг добиток можат на прсти да се набројат. Помладите одамна се откажале од земјоделството и сточарството, бараат работа без пот и добро да заработуваат! „Таква работа им наоѓаат партиите, ги вработуваат во администрацијата, таму ја нишаат вратата и земаат плата. Партиите го расипаа народот и ја турнаа државата во хаос“.
Нашите соговорници, вредни земјоделци, кои од утро до стемнување се во полето, со загриженост ни велат дека и годинава, пак ќе има помало градинарско и житно производство во Горни Полог. Според нив, причините се многубројни, со години се таложат, а ниту една власт не се посветила да почне да ги решава, да создаде услови, земјоделците да се задоволни од трудот што го вложуваат да им биде награден и да не се соочуваат со проблеми во производството и пласманот на производите.
Но колку и да сакаме да ја прикажеме состојбата порелаксирано, сепак, средбата со случајно собраните земјоделци го илустрира проблемот, кој не е само полошки, туку се однесува и на други делови од Македонија. Многумина со гордост сакаат да кажат дека имаме плодна земја, која дава род доволен да нѐ прехрани сите, па дури и да извезуваме, но од година на година таа слика како да бледнее. Токму затоа како пример го земаме Полог, бидејќи во него можат да се препознаат и другите некогаш плодородни региони.
Според добро упатените во оваа проблематиката, проблемите, конкретно во Полог, се од многу одамна, од пред три-четири децении. Градежните профитери со изигрување на недоречените законски прописи направија да исчезнат најплодните ораници во Горни Полог. Земјоделското плодно земјиште од прва категорија, со посипување чакал и друг отпад, го претворија во неплодно земјиште, општинските служби го класифицираа како градежно и започна непланска изградба на куќи, производствени хали, угостителски објекти, асфалтни и бетонски бази, отпад за возила и за други предмети…
Ако на почетокот на овој милениум беше задоволство да се патува низ Полог, денес тоа е една неубава слика – ги нема зеленилото, овоштарниците, градинарските и житните култури, колоритот што тие го создаваа. Се гради без план, без вкус, без решена инфраструктура, канализација, изметот се складира во септички јами, се загадува чистата и здрава човечка околина, без асфалтирани патишта итн. Сопствениците на производствените капацитети почнаа едни на други да си пречат во работењето, општините не се економски моќни, ниту пак се заинтересирани да ги решаваат проблемите што сами ги создаваа со одобренијата за непланската градежна експанзија.
Поради непланската изградба и создадениот урбанистичкиот хаос, на неколку места беа затрупани и прекинати каналите за наводнување на плодните површини. Полошките плодни површини речиси се преполовени со незаконско пренаменување од земјоделско во градежно земјиште, а подоцна легализирано. Поради слабиот интерес за занимавање со земјоделство, голем процент на обработливи површини не се обработува. Нивните сопственици одамна кренале рака и ги оставиле на милост и немилост, а нема заинтересирани земјоделци да ги обработуваат нивите, дури и без да плаќаат надомест, само нивите да останат во кондиција, да не се претворат во џунгла.
Ако на ова се додаде дека цената на дизел-горивото постојано се зголемува, а вештачките ѓубрива и хемикалиите споредени со лани двојно и повеќе се зголемија, дневницата на аргатите двојно е зголемена… Тогаш станува појасна сликата зошто сѐ повеќе наши сограѓани, а пред сѐ помладите го напуштаат земјоделството. Во таква ситуација, кога градежните профитери гледаат дека земјата не се обработува, тогаш тие многу полесно можат да дојдат до неа. Тоа што неповратно се губи исклучително плодно земјиште, како никого да не го загрижува. Како што по сѐ изгледа никого не го загрижува што се градат објекти на површини што ни од далеку ги немаат дооформено инфраструктурните услови. Битно е да се гради, а за условите, ќе мислиме кога ќе дојде време.