Обелиск на отруените со арсен во Липковско

Во право се историчарите кога велат дека спомен-кулата во Слупчане е споменик на поделба бидејќи, како што објаснија, за да се подигне споменик на обединување, за каков што го претставуваат од ДУИ, прво треба да дојде до помирување и до одговор на прашањето што, всушност, се случи во 2001 година, а потоа и до евентуално подигнување споменици со, условно речено, неутрална симболика. И социолозите се во право кога велат дека тоа е уште еден пораз на идејата за концептот на заедништво, особено во услови кога некои трауми од тој период сѐ уште не се надминати и дека тоа е сериозен удар на сѐ уште кревките меѓуетнички односи. Не претеруваат ни оние што тврдат дека поставувањето на оваа, според некои, дивоградба, е уште еден доказ за нефункционирањето на системот, како ни уставобранителите, кои стравуваат дека упорно се чекори кон федерализација на државата. А каде е тука ДУИ? Насекаде, само не таму каде што им е најпотребно на своите гласачи

Фалусоидниот споменик што во височина од дваесетина метри, деновиве, во празничниот амбиент, се издигна над липковското село Слупчане, по сѐ изгледа, ќе остане запаметен како единственото видливо остварување од првите сто дена на Владата на СДСМ и на ДУИ. Иако за ова „уметничко“ остварување, кое според некои информации, вреди околу 200 илјади евра, а според таму реченото, би требало да симболизира обединување, се разбира, повеќе е заслужно ДУИ, кое, да не се правиме сега изненадени и навредени, во континуитет гради бисти, обелисци и други спомен-обележја посветени на загинатите, знајни и незнајни, припадници на некогашната ОНА. За оние, кои не загинаа во она што во 2001 година не беше наречено ниту мир ниту војна, поради што, патем, секој и доби можност подоцна да го нарекува и интерпретира како сака, а кои потоа беа амнестирани, ДУИ обезбеди државни пензии и вработувања во државна служба, како и разни други привилегии.
Можеше, зашто повеќето од две децении непрекинато е во власт, која и двете доминантни македонски политички партии толку многу ја посакуваат што не избираат со кого и под кои услови коалицираат, а и овој „фолклор“ на ДУИ добро им доаѓа како забава за широките народни маси кога сакаат да ја дефокусираат јавноста од некои други, можеби не толку впечатливи, но секако финансиски многу потешки проекти. И тоа е шемата во која влегуваат и СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ кога се на власт, а ја критикуваат кога се во опозиција.
Се разбира дека, како и во многу други ситуации, и во овој случај има простор за критика, по повеќе основи.

Во право се историчарите кога велат дека спомен-кулата во Слупчане е споменик на поделба бидејќи, како што објаснија, за да се подигне споменик на обединување, за каков што го претставуваат од ДУИ, прво треба да дојде до помирување и до одговор на прашањето што, всушност, се случи во 2001 година, а потоа и до евентуално подигнување споменици со, условно речено, неутрална симболика. И социолозите се во право кога велат дека тоа е уште еден пораз на идејата за концептот на заедништво, особено во услови кога некои трауми од тој период сѐ уште не се надминати и дека тоа е сериозен удар на сѐ уште кревките меѓуетнички односи. Не претеруваат ни оние што тврдат дека поставувањето на оваа, според некои, дивоградба, е уште еден доказ за нефункционирањето на системот, како ни уставобранителите, кои стравуваат дека упорно се чекори кон федерализација на државата.
А каде е тука ДУИ? Насекаде, само не таму каде што им е најпотребно на своите гласачи. Во јавноста, повеќе или помалку оркестрирано, веќе се изнесени голем број идеи за тоа како локалната власт во Липково, која исто така е раководена од ДУИ, можела попаметно да ги потроши парите. Локалната инфраструктура и јавните услуги сигурно не им се на завидно ниво, а за некакви развојни проекти не се сеќавам дека во последниот период е зборувано.
Но се сеќавам дека токму во тој регион со децении е присутен сериозен проблем со загадување, поради што тој се смета за една од најголемите еколошки црни точки во земјава. Станува збор за арсенот и другите отровни минерали расфрлани околу некогашниот рудникот за хром, антимон и арсен „Лојане“, кој престанал да работи во далечната 1979 година и оттогаш наваму непрекинато ги труе луѓето и животните, а ги загадува и водите, воздухот и почвата.

Претставниците на некогаш доминантните политички партии на Албанците, ДПА и ПДП, повремено се обидуваа да ја наметнат оваа тема и бараа некакви решенија за проблемот. Но тој, очигледно, сѐ уште не е решен бидејќи до неодамна училиштето „Рилиндја“ во Лојане немаше вода за пиење токму поради високото присуство на штетните материи, што е потврдено и од Центарот за јавно здравје во Куманово.
Од ДУИ за оваа ниту збор не слушнавме, а како што известуваа некои медиуми, не слушнале ниту министрите од оваа партија. Можеби, откога ќе слушнат и ќе се запознаат со проблемот, како и со сите погоре изнесени аргументи, конечно ќе им проработи свеста за државотворност и за одговорност кон своите гласачи, и новоизградениот споменик, или обелискот на слободата, како што го нарече самонаречениот прв вицепремиер Артан Груби, ќе го легализираат и ќе го преименуваат во споменик на жртвите на труењето со арсен. Тоа би можел да биде прв чекор кон обединувањето во сочувство кон жртвите.

[email protected]