Пред новиот свет се уште многу предизвици, иако дипломатскиот мраз е скршен, а скршени се интегритетот и угледот на Европа, која во Белата куќа изгледаше како слика на Рембрант на која околу вечерата на некои богаташи се мотаат ловечки кучиња и чекаат нешто да падне. Ќе мора да се вадат, но и идентитетски да се менуваат, да си го пронајдат своето место во новиот свет. Гобленот, и тоа Вилеров, им го навезе Трамп, и таков ќе остане, тоа нема да се менува во блиска иднина. Ќе се преговара и договара мир, но и безбедносни гаранции, за кои Путин кажа дека им требаат и ним. Трамп е согласен! Можеби му е малку незгодно на канцеларот Мерц, но така стојат работите. Гаранции бара и Кина. Украина ќе влезе во една многу неизвесна фаза
Светот можеше во директен ТВ-пренос да го следи доаѓањето на новиот светски поредок кому му беше поставен и црвен тепих. Кој би помислил дека новото ќе дојде на Алјаска и од таа Земјина точка ќе почне да се шири глобално (секако и вирално). Ако „револуцијата не одеше во живо на ТВ“ (а и таа требаше да оди), ова, сепак, одеше и имало добра гледаност. Имаше и што да се види – лидерите на двете моќни светски сили (веројатно и империи), на Руската Федерација и на Соединетите Американски Држави, Владимир Путин и Доналд Трамп, направија спектакл. Дојдоа со своите моќни авиони, придружувани со ловци, бомбардери и со вклучени црвени копчиња за не дај боже, ако треба да се активира нешто нуклеарно. Путин и Трамп разговарале со саати за постигнување мир во Украина, но црвениот тепих бил прострен и подолго за да се покријат повеќе теми. Соработка, економија, ресурси, како да се спречи дедоларизацијата, па, да и безбедносни гаранции. Она што Европејците, а и ние Македонците заедно со нив не можевме до вчера да го видиме главно поради антируските пропаганди и русофобија што се мери во килотони, го направи видливо токму Трамп – Русија е велесила, а Путин лидер што треба да се почитува. Двајцата веруваат дека е можен мир, а се чини дека и украинскиот претседател Володимир Зеленски е на таа страна.
Зошто беше важна оваа средба? Првин затоа што токму Трамп успеа да ги одзатне каналите на комуникација меѓу Белата куќа и Кремљ, нешто што администрацијата на Џо Бајден го затна како фекална канализација. Америка и Русија не се банана-држави за да функционираат во дипломатска изолација. И затоа транспарентот истакнат во Алјаска „Потрага по мир“ има логика – дипломатите се вклучија, што значи полека ќе се олабавуваат активностите на бојното поле. Деновиве ќе се средуваат и деталите во речениците до последна запирка за да нема изгубени во преводот, како што тоа сега се претставува во Европа, особено во британските медиуми. Тоа е таа историска средба одржана на 15 август на Алјаска. Од тој ден ништо не е исто. Така било и порано. Средбите на Елцин и Клинтон, на пример, покажаа дека светот може да се менува и на арно и на лошо. Главниот проблем беше што Русите си го одржаа зборот, но не и Америка со сојузниците, кои се залетаа на Исток.
Како ќе биде сега? Па, од 15 август ништо не е исто, а тоа се виде на сликата што како навезен гоблен може слободно да ги краси ѕидовите на внатрешноста на Белата куќа. Една документ-фотографија од фотосесијата наречена „семејно фото“ на која се Трамп, Зеленски, шефот на НАТО и лидерите на ЕУ (Мерц, Стармер, Макрон…), плус претседателот на Финска затоа што земјата е мала, а границата со Русија голема. Ова уметничко дело е „насликано“ на 18 август, годината е 2025, и мислам дека таа фотографија со децении ќе се анализира како слика што во себе има безброј детали што кријат многу мистерии. Новата „тајна вечера“.
Не би сакал сега да почнам со декодирање, иако старата школа наречена „кремљологија“ веќе даде извесни одговори, како на пример, кој до кого седел, зошто Мелони ловела муви со погледот (здодевност, не мисли да праќа војници во Украина), зошто Зеленски немал вратоврска, зошто Фон дер Лајен од ракав извлече реченица за децата што биле киднапирани и зошто сега сите се согласни дека е потребен мир и дека токму Путин дури сега бил согласен да почне мировни преговори… Ако покојната кралица Елизабета Втора во својот кабинет го имала закачено портретот на Карл Маркс, Трамп слободно може, па и со гордост, да ја закачи таа семејна фотографија во неговиот кабинет, како доказ дека Европа е архивски материјал, таа не е функционална за новото време. Доцна дојдоа предлозите од Марио Драги, другите низ светот биле побрзи.
Но да се навратам на новиот свет, тоа е сега важно, оти за него е поставен црвениот тепих. Да се потсетиме како беше кога се ковеше мирот откако со војна, крв и разурнување беше растурена Југославија – се водеа преговори и преговори, имаше многу конференции, како на пример, во Лондон и во Париз, но имаше и еден покрив што се вика(ше) Обединети нации. Па и друг помал, ОБСЕ. За Украина засега го нема тоа. Во серијалот што го објавив во „Нова Македонија“ пишував токму и за овој момент – што ќе се случува со мултилатералните организации во новиот мултиполарен свет. Некои одговори ги добивме. Засега тие не се потребни, иако најверојатно на крајот судбината на руско-украинскиот конфликт (па, ако сакате и на украинската нација) ќе биде запечатена со печатот на ОН. Но на „тајната вечера“ го нема Антонио Гутереш. Замислете. Каде се ОН? Секогаш доцнеле. Ќе треба да се подмачка, и тоа добро, тој кородиран светски механизам.
Една дилема се постави во медиумскиот Запад, кој ќе мора да го менува тонот на известувањето, зашто од 15 август поинаку се мери времето – мир или примирје? Да потсетиме дека, на пример, само во Хрватска или во Босна за време на војната по постигнувањето примирје на дневна основа имаше по неколку прекршувања на тоа примирје. Тоа не значи ништо. Примирје за, на пример, размена на заробеници и некој таму се нанервирал и распалил со автоматот. Не! Потребен е траен мир и што е поважно – Украина не би смеела да се остави како замрзнат конфликт.
Европскиот јазол сега е заплеткан околу безбедносните гаранции, зашто во ЕУ не можат да прифатат дека токму претседателот Путин е еден од клучните фактори за тие гаранции, но Путин во еден голем медиумски тираж беше портретиран со нацистички мустаки на еден познат нацистички злосторник, што секако не е демократска слобода на изразување, туку е една смислена пропаганда. Како понатаму? Мора да се оди понатаму. За Русија е неприфатливо некој да смета дека таа сега не би смеела да решава за безбедносните гаранции, кои некои ги нарекоа „еден вид повикување на членот 5 од Вашингтонската спогодба“, а тоа значи напад на членка на НАТО е напад против сите во НАТО и таа членка сите треба да ја бранат. Украина не е членка, а тоа значи ќе треба нешто поинвентивно. Холанѓаните веќе се понудија со испраќање 300 мировници и веднаш ми се наметна прашањето – како да се прифати тоа кога холандски мировници потфрлија во Сребреница?!
Пред новиот свет се уште многу предизвици, иако дипломатскиот мраз е скршен, а скршени се интегритетот и угледот на Европа, која во Блата куќа изгледаше како слика на Рембрант на која околу вечерата на некои богаташи се мотаат ловечки кучиња и чекаат нешто да падне. Ќе мора да се вадат, но и идентитетски да се менуваат, да си го пронајдат своето место во новиот свет. Гобленот, и тоа Вилеров им го навезе Трамп, и таков ќе остане, тоа нема да се менува во блиска иднина. Ќе се преговара и договара мир, но и безбедносни гаранции, за кои Путин кажа дека им требаат и ним. Трамп е согласен! Можеби му е малку незгодно на канцеларот Мерц, но така стојат работите. Гаранции бара и Кина. Украина ќе влезе во една многу неизвесна фаза. Сега картите на масата се поделени, лидери се Зеленски и неговите команданти, земјата е во воена состојба, но, тоа ќе заврши, а на масата се вади нов шпил карти. Каква транзиција ќе доживее украинското општество? Таа транзиција најверојатно ќе има рефлексија и врз Европа. За да ја доловиме сегашнава атмосфера во Европа еден кус цитат од Марко Михелсон, за нас анонимус, но тој е на чело на естонскиот комитет за надворешни работи, кој објавил ваков статус: „Русија сака за биде гарант на украинската безбедност. Навистина? Русија може да биде запрена со сила, а не со црвен тепих“. Трамп јасно знае дека силата не запали и го крена на пиедестал својот колега и соперник Путин како моќен лидер на силна земја. Така ќе функционира светот. Лавров вели: „Уверен сум дека на Запад разбираат дека да се зборува за безбедносни гаранции без Русија е утопија, тоа е пат што не води никаде“.
Ние имаме сериозни причини да веруваме дека костурот на новиот пат води кон мир. Се поставува и костурот на новиот светски поредок. Ќе има промени, сериозни промени, можеби и болни. Можеби светот ќе стане зависник на корпоративниот дух и сѐ ќе се купува со пари и моќ. А можеби ќе надвладеат силите на меѓународното право, кои ќе го кренат светот на ново похумано и поправедно ниво. Ние сме за таков свет.