Непрегледен е бројот на верзиите што може да се состават и напишат посветени на историјатот на весникот „Нова Македонија“ од излегувањето на првиот број до денешни дни. Под тој историјат се подразбираат основањето, организацијата, функционирањето и уредувачката политика како стожер, како живо битие на самиот весник.
Темата на моето излагање ја насловив „’Нова Македонија’ во чекор со државноста“, со намера да се осврнам на трите клучни периоди во кои весникот имаше и има речиси незаменлива улога. Тие три клучни пункта, според мене, под број еден се годината на првиот отпечатен број и неколкуте следни години, под број два се годините на добивање на независноста и под три се годините од возобновувањето на весникот до денес.
Иако се познати историските околности, секако дека треба да се повтори дека „Нова Македонија“ е чедо на Антифашистичкото собрание на народното ослободување на Македонија, односно на државата Македонија, државност извојувана низ виорот на Втората светска војна. Уште од првиот отпечатен број во Горно Врановци, „Нова Македонија“ колку и да беше државен орган толку или можеби повеќе беше орган на македонскиот народ. „Нова Македонија“ не беше извршна власт, но беше јавниот глас на националната слобода, духовниот водач во новото време, најголемата огласна табла на која беа испишувани задачите и ориентирите за развојот на слободната татковина. Со тоа што беше првиот дневен весник на македонски јазик и со македонско писмо стана преносник на националниот занес и на реалноста дека конечно се затвора едно големо историско поглавје кога други владееја со Македонија и нејзиниот народ, а се отвора друго кога е остварена идејата за Македонија на Македонците. Народот ја прими „Нова Македонија“ како негов „вистински народен лист“, како лекција преку која се запознава и се сака својата држава, а се шири и сликата за светот.
Како што чекореше државата така „Нова Македонија“ будно ја следеше, особено што државата и весникот беа безмалку врсници. Во весникот е објавена првата официјална азбука на македонскиот јазик, првата фотографија на Јосип Броз-Тито, по што стана буквар за описменување на илјадници неписмени или полуписмени луѓе. Низ четивата во весникот се објавувани клучните државни одлуки, се поддржуваше создавањето на националното стопанство, се пишуваше за зачувувањето на традициите и создавањето на новата култура.
Со низа написи учествуваше во создавањето на демократската власт и државната администрација, во негувањето на братството на Македонците, Турците, Власите, Албанците и со другите народи на Југославија. „Нова Македонија“ израснуваше во еден од столбовите на асномска Македонија, негувајќи ги илинденските и партизанските традиции, чувајќи ги тековините на Народноослободителната борба, застапувајќи ги националните интереси на македонскиот народ, форсирајќи ги македонскиот литературен јазик и писмо. Преку првиот број граѓаните на Македонија ја видоа и првпат објавената фотографија на Јосип Броз-Тито, првпат го видоа ликот на водачот на револуцијата и борбата на југословенските народи.
Основните пионерски насоки за уредувачката политика беа кратки, јасни, дури и наивни, но во секој случај ефективни. Весникот да биде народен, да биде оружје во рацете на народот. На читателот работите да му бидат разјаснети сестрано да ги разбере како неопходни за него и за негова полза. Една од задачите беше да ги изразува волјата за единство, желанијата и интересите на сите собрани во Народноослободителниот фронт без разлика на нивната верска, национална и политичка припадност. И во тие рамки да го следи друштвениот живот. Скромната по број но мошне агилна и посветена новинарска екипа своите задачи ги извршуваше сосема солидно, речиси професионално, мерено со критериумите на професионалноста и слободата на говорот од тоа време. Со текот на времето тие новинари израснаа во генерација што го осовремени македонското новинарство, ја создаде познатата и признаена новинарска школа на „Нова Македонија“.
Гледано, анализирано од денешен аспект, покрај афирмативноста што беше главна одлика во насоките за уредувачката политика и во објавуваните содржини, треба да се подвлече дека весникот не ги бележеше настаните што беа поврзани со сериозните внатрешни политички судири, како и кадровските елиминации на оние што не се согласувале со генералната политичка линија по националното прашање и по определбата за или против Сталин. Но тоа е тема за некоја друга дискусија.
Сума сумарум, 29 октомври 1944 година во Горно Врановци и излегувањето на првиот број на „Нова Македонија“ како дневен весник е денот што без претерување може да се означи како почеток на вистинскиот македонски журнализам, како ден на македонското печатено новинарство. Денешниот датум, денешниот јубилеј, по 80 години оттогаш, несомнено е неформален празник и за државата Република Македонија, сега Северна.
Печатот на „Нова Македонија“ е печат на времето, втиснат, неизбришлив печат на развојот на државата, со сите нејзини успеси, промашувања, лутања, падови и достигнувања, состојби од кои не беше поштеден ни самиот весник.
Покрај сите големи настани што подоцна ги третирала „Нова Македонија“, секако дека најголем од сите е процесот на распадот на социјалистичка Титова Југославија, укинувањето на еднопартизмот и формирањето на политичките партии, промената на политичкото и општествено уредување и почетоците на трансформацијата на државниот капитал, особено во годините 1989-1992. Клучна, врвна точка е независноста на македонската држава, период на кој сме ние овде современици, сведоци или учесници.
Определувајќи се за целосна поддршка на независноста, „Нова Македонија“ со нужна претпазливост и одмереност ги восприемаше и третираше тие историски пресврти, проследени со колебања, неизвесности, со туѓи воени и територијални аспирации, со домашни провокации и тенденции за насилства и со срамежливи, не толку јавни, странски интервенции.
„Нова Македонија“ известуваше за сите формирани партии, со сета нужна објективност во информирањето, ги објавуваше нивните програми, коментираше нивни ставови, правеше интервјуа со сите новопројавени лидери, некои поддржуваше, некои критикуваше, особено за анационални ставови и милитантна ориентација. Весникот со сите свои осврти и коментари се трудеше да ја истакне потребата од одвивање мирен процес при преминот од еден систем во друг, од социјализам во капитализам, за задржување на атмосфера на мир, а не на крвави војни какви што веќе се одвиваа во поранешните југословенски републики, а за што имаше отворени повици и во самата Македонија.
Важно е да се напомене дека вклучувајќи се во крупните општествени промени во 1991 година, весникот „Нова Македонија“ издејствува да се оддели од формалната позиција на орган на Социјалистичкиот сојуз и да добие своја општествена сопственост во согласност со тогашните закони, иако неколку години наназад Социјалистичкиот сојуз ја немаше политичката и кадровската јурисдикција над него. Вреди, денес, овде, да се нагласи дека весникот никогаш не бил орган на Комунистичката партија, иако влијанието на партијата во одредени периоди не може да се негира.
Како што се отвораа процесите за ослободување на мислата и говорот така и „Нова Македонија“ максимално ги користеше тие сѐ поотворени врати на политичкиот и информативниот живот. Овде не е на одмет да се истакне, за да не се заборави фактот, дека весникот во 1991 година од страна на тогашната влијателна и популарна телевизија ЈУТЕЛ го доби признанието за весник со најголем демократски прогрес и достигнувања од сите други печатени медиуми во Југославија.
Ако се прелистаат броевите од тој период, ќе се види дека весникот што во тие години излегуваше на зголемен број страници и во поголеми тиражи беше отворена трибина за сите спротивставени мислења. Редакцијата добиваше по педесетина писма дневно, во кои обични читатели, претседатели на партии, кандидати за државни функции, поранешни функционери ги изнесуваа своите ставови, често предизвикувајќи сериозни дискусии и жестоки но плодни полемики. Беа објавувани и сите писма во кои „Нова Македонија“ беше критикувана, навредувана и клеветена, некаде искрено, повеќе со лоша намера, именувана како комунистичко-полициски весник, но самите објави и самите содржини беа доволни деманти на таквите злонамерни провокации.
„Нова Македонија“ ја поддржа одлуката за распишување први повеќепартиски собраниски избори и во детали известуваше за нив пред и по одржувањето, вклучувајќи ги и резултатите. Сеопфатно информираше за конституирањето на првото Собрание, за изборот на првиот претседател на државата и првиот претседател на Владата. Ја поддржа Декларацијата за сувереност и за определбата за европска иднина на државата. Весникот беше еден од важните фактори за успешно спроведување на референдумот од 8 септември 1991, со кој Република Македонија ја заокружи независноста, која беше потврдена конечно со приемот во Обединетите нации.
Во целиот тој период весникот „Нова Македонија“, во делот на НИП „Нова Македонија“, беше силна установа, низ свои текстови, со текстови на авторитетни соработници и со мислења на обични читатели вршеше силен отворен притисок во општеството, врз владините и другите административни структури и влијаеше во развојот на слободното информирање, во развојот на демократските процеси и во изнесувањето на вистината. „Нова Македонија“ израсна во четвртата општествена сила, статус што го имаат медиумите во светската номенклатура. За степенот на влијание при донесување важни државни одлуки може да се наведат низа примери, како и примери за влијание при некои кадровски решенија во македонските влади и институции.
Тогаш беа достигнати врвовите на уредувачката политика, на бројноста на информациите, на динамичноста на известувањето, на следењето на настаните, на значајноста на коментарите. Извесно време потоа почна падот што го предизвикаа домашните политички и економски состојби, вклучувајќи ги внатрешните политичко–партиски поделби во редакцијата, како и странските обиди за промена на информативниот простор во државата преку уривање на големите медиумски национални куќи и основање мали медиуми што ќе ги поддржуваат нивните интереси.
Третата историска точка е лоцирана во 2008 година, година што ја означи вистинската обнова на весникот, кога познатиот општественик и бизнисмен Минчо Јорданов ја презеде во приватна сопственост. Имајќи ја предвид темелната вредност од зачувување на континуитетот на весникот со континуитетот на нашата државност, знаејќи дека го отсликува супстратот на македонскиот народ како посебност, идентитет и битие, поаѓајќи повеќе од национални, а не од бизнис-мотиви, Јорданов ја врати „Нова Македонија“ повторно во живот во нејзиното вистинско светло.
Ако во Горно Врановци во 1944 година се создавала историјата, новата „Нова Македонија“ ја презеде светата должност да ја брани и зачува таа историја, да не ги напушта асномските начела и да стои на позиција од која се чуваат националните интереси на македонскиот народ. Намерно го нагласувам македонскиот народ од причини што токму тој останува најнезаштитен во сопствената домицилна држава и зашто нему, иако мнозински, му се случуваат настани и му висат закани што ја доведуваат под сомнение неговата национална и територијална иднина.
Во државотворниот континуитет „Нова Македонија“ застанува во одбрана на македонскиот национален идентитет, на македонскиот јазик и писмо, на културното вековно наследство, на меѓународната позиција на државата, на правата на малцинствата како во земјата, така и во соседните земји каде што тие опстојуваат, вклучувајќи ја големата македонска дијаспора.
Во тој контекст голем и непроценлив беше и е ангажманот на весникот во последната деценија и половина во врска со прашањето за името на државата. Аргументирано, со факти, укажуваше на замките, опасностите и последиците од неговата промена, кои всушност и се остварија. Со серија написи, свои и од надворешни соработници, ги посочуваше слабостите и штетите што ги носат Спогодбата со Грција за името и Договорот за соработка, пријателство и добрососедство потпишан со Бугарија. Притоа основниот белег, основната позиција е продолжување на асномската кауза и заштита на националните интереси на македонскиот народ, се разбира не на штета на другите национални заедници што живеат во Република Македонија (сега Северна). Не би било непримерно да се каже, иако тоа некому нема да му се допадне, дека промакедонскиот дух е главната карактеристика на уредувачката политика во општествената сфера и на повеќето текстови што се објавуваат за таа тематика.
Но, за да не биде погрешно разбрано горенаведеното, треба да се истакне дека „Нова Македонија“ е силен поддржувач на добрите меѓунационални односи, на остварување на националните права на заедниците од друга етничка припадност, на дијалогот меѓу партиите, на стремежите за единство по клучните државни прашања. Несомнено дека една од стожерните позиции е и поддршката на интегративните евроатлантски процеси и зачленувањето на Република Северна Македонија во Европската Унија, но не под понижувачки услови.
Задржувајќи ги стандардите на новинарската професија, како што се професионалноста, вистината, проверката на фактите и одговорноста кон јавноста, весникот изгради и задржа сопствен стил, негувајќи објективност, култура во изразот, достоинство во зборот, почит кон читателот. Духот и содржините на весникот, неговата сериозност, објективност и доследност го прават достоен на времето во кое живееме. Ослободен од надворешни влијанија и подметнувања, противејќи се на користењето јазик на омраза, не објавувајќи навреди и клевети, весникот и денес вирее и живее на темелите на принципите на првиот број објавен во славното село Горно Врановци.
За крај како заклучок: На историчарите, на хроничарите, на оние што некогаш би ја пишувале историјата на уредувачката политика на „Нова Македонија“ останува оцената дали изнесуваните ставови, особено околу македонското национално прашање биле позитивни или негативни. Но, едно е сигурно и непорекливо. Без согледување на историјата на весникот „Нова Македонија“ не ќе може да се создаде објективна, вистинита слика за најновиот период на македонската историја, особено од времето на нејзиниот прв број до независноста и до овој денешен ден. Нашиот весник е истовремено историја и современик, сведок и влијателен учесник во случувањата на нашето живо време.