Заостанатите и натрупани долгови кај општините се стара рана што се провлекува со години, па и со децении. И, за жал, досега за неа не се најде ефикасен лек. Затоа и деновиве голем број новоизбрани градоначалници, кога даваа отчет за сработеното во првите 100 дена од мандатот, наместо да се задржат на успесите што ги постигнале и проектите што ги реализирале во првите три месеци од стапувањето на градоначалничката функција, во најголем дел тие зборуваа за долговите и проблемите што ги наследиле
Не знам што да правам. Кога се кандидирав за градоначалник бев полн со ентузијазам и елан за работа. Бев решен и по 24 часа на ден да работам само да го подобрам животот на моите сограѓани и да ги реализирам проектите што им ги понудив на изборите. И само што седнав на градоначалничката фотелја ми ја блокираа сметката и ми ја исклучија струјата. Ни самиот не знам како преживеав тој ден. Притисокот ми скокна над 200. Помислив дека ќе се шлогирам. Таман успеав да се снајдам и да најдам начин да ја приклучам струјата, речиси секој ден почнаа доаѓаат по пошта опомени, барања, тужби, извршни решенија… за заостанати и неплатени обврски со години. Вака сликовито ни ја отвори душата и ни ја опиша состојбата во која се наоѓа неговата локална самоуправа градоначалникот на една мала општина во нашата држава. Заостанатите и натрупани долгови кај општините се стара рана што се провлекува со години, па и со децении. И, за жал, досега за неа не се најде ефикасен лек. Затоа и деновиве голем број новоизбрани градоначалници, кога даваа отчет за сработеното во првите 100 дена од мандатот, наместо да се задржат на успесите што ги постигнале и проектите што ги реализирале во првите три месеци од стапувањето на градоначалничката функција, во најголем дел тие зборуваа за долговите и проблемите што ги наследиле. За тешката финансиска состојба во која се наоѓаат голем дел од општините деновиве мошне отворено предупреди и градоначалничката на Скопје и претседателка на ЗЕЛС, Данела Арсовска. Таа посочи дека поради енергетската криза и презадолженоста, функционирањето на голем дел од општините е сериозно загрозено. Констатацијата е дека најпогодени се малите општини, оние што немаат можност да најдат дополнителни ресурси за да се справат со оваа енергетска криза. Доколку не се најде решение, општините не само што ќе бидат нефункционални туку во прашање ќе биде доведено и нивното основно функционирање, предупредуваат од локалната самоуправа.
Некои градоначалници не кријат дека доколку енергетската криза подолго време потрае и доколку не се најде начин и не им се помогне да се справат со истата таа, тие освен за плати на вработените и за плаќање на сметките за струја, за друго ќе немаат пари. Но високата цена на енергенсите не е единствениот проблем со кој се соочуваат локалните власти. Тие со години мака мачат и со презадолженоста. Уште пред неколку години, Владата издвои 50 милиони евра за раздолжување на општините, но сепак, освен неколку општини што ги искористија овие средства да се раздолжат и да ги одблокираат своите жиро-сметки, еден голем дел од општините не успеаја да се раздолжат и натаму се соочуваат со огромни долгови. Според некои истражувања, во Македонија мал е бројот на општините што се солвентни и немаат финансиски проблеми и долгови. Во Министерството за финансии, пак, долга е „должничката“ листа на општините што поради преголемата задолженост не можат навреме да ги сервисираат своите обврски. Тоа што е уште позагрижувачко во Македонија, голем број од општините со децении имаат блокирани жиро-сметки и не само што не можат нормално да функционираат туку поради судските и извршните трошоци и каматите, кои се трупаат, уште повеќе се задолжуваат, па во некои општини, каматите за долговите неколкукратно се поголеми од главницата. Упатените во овие (не)прилики на општините велат дека дури 70 од вкупно 80 општини во земјава имаат доспеани, а неплатени обврски по различни основи. Она што е уште поизненадувачки е фактот дека одредени општини имаат блокирани сметки со години, при што се смениле и неколку гарнитури, а проблемот останал нерешен. Водени од непишаното правило „држете го арамијата“ секој нов градоначалник за блокадата на сметките го обвинувал претходниот и така со децении. Иронијата да биде поголема, некои градоначалници и при водењето општини со блокирани сметки се фалат во јавноста дека реализирале милионски проекти.
Затоа и централната и локалната власт мора да се бараат начини како најбрзо и помалку болно да се излезе од таа наталожена должничка криза, за да може потоа целата енергија да се посвети на остварување на проектите и подобрување на животот на граѓаните. Зашто овозможувањето на што поефикасна и пофункционална локална самоуправа е во интерес на сите и најмногу во интерес на граѓаните
Свое интересно видување за проблемот околу долговите на општините дават и од Комората на извршители, од каде што велат дека нивното функционирање со блокирани сметки е овозможено само поради законската одредба, судот да им определива лимит на пари на сметката, до која тие можат слободно да трошат без да размислуваат да исплаќаат долгови. За некои општини лимитите до кои можат слободно да трошат, а кои им се одредени од судовите се толку многу високи што тие можат да живеат како бубрег во лој, иако се презадолжени. Тоа значи дека сите пари до тој износ се слободни за општината да ги располага, каматите да течат и понатаму, а доверителот сѐ потешко да ја исполнува сопствената солвентност“, тврдат од Комората на извршители. Во едни вакви околности, навистина е нејасно како ќе се надмине и реши проблемот со задолженоста на општините, со цел тие растоварени од наталожените долгови и да можат максимално ефикасно да дејствуваат во интерес на граѓаните и со цел подобрување на условите за живеење, што, всушност, е и нивната основна намена. За тоа и централната и локалната власт мора да се бараат начини како најбрзо и помалку болно да се излезе од таа наталожена должничка криза, за да може потоа целата енергија да се посвети на остварување на проектите и подобрување на животот на граѓаните. Зашто, на пример, ваквиот начин на функционирање за приватните фирми и стопанството е незамислив. Додека приватните фирми не се оддолжат не можат да се одблокираат, а поради тоа не можат ни да функционираат, ниту, пак, вработените да земат плата. Сосема веројатно истите правила и принципи треба да важат и за локалната самоуправа. Токму затоа луѓето од светот на бизнисот, предлагаат за да се реши проблемот со (пре)задолженоста на општините да се избрише законската можност за одредување лимити од страна на судовите. Со тоа општините ќе преземаат обврски за плаќање само онолку колку што можат да плаќаат, но истовремено ќе се превенира и можноста за евентуално нечие недомаќинско работење и нови задолжувања и во иднина. Секако има и други финансиски алатки и можности со кои може да им се помогне на општините да го надминат овој проблем, кој е наследен од минатото. Во одредени кругови се споменува и моделот на еврообрзница, која би ја искористиле и сервисирале општините под поволни услови. Сето тоа се модалитети што треба да се стават на маса и детално да се разгледаат и анализираат. Зашто овозможувањето што поефикасна и пофункционална локална самоуправа е во интерес на сите и најмногу во интерес на граѓаните.