Токму ништовноста на Преспанскиот договор е вистинската причина зошто грчкото собрание не ги ратификува меморандумите со кои би се потврдило прифаќањето на Преспанскиот договор од Република Грција. Грција како земја од која потекнува демократија не може да си дозволи да потврди нешто што не постои, што практично го нема. Од друга страна, Атина очекува од нас, како општество, држава и нација да му даваме легитимитет на нешто што само од себе не постои во меѓународното право и во светската пракса и политика. Преспанскиот договор беше диктат и уцена, нешто што е спротивно на демократските принципи за почитување на еднаквоста и на слободното учество. Преспанскиот договор беше наметнат, а грчкото општество е свесно за тоа
Со зборот ништо, кој потекнува од латинскиот збор nihil, најчесто го опишуваме отсуството или непостоењето на нештата, нешта што некој би можел да ги очекува или посакува да бидат присутни. Ништото е во целосна спротивност и антитеза со нештото, бидејќи ништото само по себе означува општа состојба на непостоење, односно димензија во која нештата престануваат да постојат. Поимот се користи и во математиката, каде што се означува со нула, а во филозофијата, ништото се разбира како небитие (тоа што го нема, што не суштествува, што не се остварува како битие), односно како концептуална негација на битието.
Не случајно од зборот ништо потекнува и зборот ништовен (што нема важност), збор што се користи во правото дека одреден договор е ништовен. Во оваа смисла, ништовен договор е оној договор што не е во согласност со законите и правото, а во случај на ништовност на договорот, секоја договорна страна е должна да ѝ го врати на другата сето она што го примила врз основа на таквиот договор. Повеќемина правни експерти посочија дека токму т.н. Преспански договор од 2018 година е ништовен, а како аргумент меѓу другото беше посочено дека договорот го повредува правото на забрана од дискриминација по основа на национална припадност и правото на слобода на уверување, совеста, мислата и јавното изразување на мислата, како и дека на најдиректен начин е во спротивност со македонскиот устав и националното право во Македонија. Со еден збор, диспозитивот на Преспанскиот договор не е во согласност со врховното перемпторно право – јус когенс. И со тоа приказната е завршена, уште сѐ уште непочната!
Токму ништовноста на Преспански договор е вистинската причина зошто грчкото собрание не ги ратификува меморандумите со кои би се потврдило прифаќањето на Преспанскиот договор од Република Грција. Грција како земја од која потекнува демократија не може да си дозволи да потврди нешто што не постои, го нема. Од друга страна, Атина очекува од нас, како општество, држава и нација да даваме легитимитет на нешто што само од себе не постои во меѓународното право и во светската пракса и политика. Преспанскиот договор беше диктат и уцена, нешто што е спротивно на демократските принципи за почитување на еднаквоста и на слободното учество. Преспанскиот договор беше наметнат, а грчкото општество е свесно за тоа.
Преспанскиот договор е ништовен затоа што во него отсуствува и е непостоен правниот легитимитет, односно не е во согласност со правдата и праведноста. Споменатиот договор е ништовен не затоа што со него се промени уставното име на Македонија или дека преку македонско-грчката комисија за историски и образовни прашања треба да се одобрат грчките политички ставови за македонскиот народ и неговите историски и културни особености, договорот е ништовен затоа што е директно прекршување на основните начела на Обединетите нации, во него не суштествува меѓународното право, договорот во суштина е негација на правдата.
Затоа Република Грција не ги ратификува споменатите меморандуми, како може да се ратификува нешто што не постои, нешто што го нема?! На крајот на краиштата, доколку еден договор во суштина е ништовен, тогаш Македонија како нација и држава може да поведе постапка во таа насока за Преспанскиот договор, особено ако се земе предвид дека е во спротивност со Виенската конвенција за правото на меѓународните договори. Доколку Атина не дава легитимитет на нешто што нема легитимитет, тогаш сосема е природно и македонскиот народ да не му дава легитимитет на нешто во кое целосно отсуствува меѓународното право.