Кога веќе лдпејовците решиле да нѐ описменат, нека почнат за почеток од стручњаците во МНР, нека се обидат таму да одржат еден брз курс. Кога веќе толку добро ги научиле географијата и правилниот изговор на имињата на градовите и државите, можеби ќе знаат добро да ги распоредат и знамињата во протоколот, секое знаме под соодветната држава. Да не се срамотиме во иднина. Барем на тој план
Какви велемајстори сме станале за да ја погодиме суштината на проблемот, да се фатиме во костец со најзначајните прашања на денешницата, тоа е чудо едно. Директно во центар, нема многу трте-мрте.
И добро е што си имаме млади и умни глави, кои, ете, доволно беше само да отидат до Киев, пардон до Киив, и да ја исцрпат сета мудрост што им недостигаше за да нѐ просветлат нас необразованите и речиси неписмените. И сега во стилот на словенските браќа (кои веќе не смееме ни на сон ни по грешка да ги поврзуваме со Македонија, туку треба да нагласуваме дека се, нели, блиски до бугарското културно наследство или некоја таква несреќна кованица), младите политичари од ЛДП, „заборавам им имињата“, ни ги отвораат очите. Тие поднеле иницијатива за донесување одлука на Владата за употреба на локалните топоними за населените места во Украина на украински јазик, со нивна транслитерација на македонски јазик. Па, отсега Киев не е Киев, како што го вика цел свет, туку – Киив, како што го вика денес наводно цела Украина, како што ни посведочија двајцата очевидци.
Ајде, ако треба, и тоа ќе го проголтаме, што не сме проголтале досега. Но што правиме ако случајно се сетат Грците да ги викнат на гости истиве ликови, кога ги видоа колку се благодарни за секое гостување? Ќе запнат да ги смениме официјалниот речник и правопис, па ќе мораме според надобудните лдпејовци да користиме Флорина, Килкис и Тесалоники, да не редам подалеку, оти ако случајно го прочитаат ова, може да им дојде и некоја таква весела идеја. Затоа што, да не заборавиме, тие имаат да ни кажат нешто и за Белорусија и Летонија како се викале правилно.
Нема потреба тука да влегува некој во расправа за ова прашање, тоа воопшто не заслужува чие било внимание. Доволно е да се каже дека оваа проблематика е регулирана во Правописот на македонскиот јазик, каде што постои посебно поглавје – Транскрипција и транслитерација на туѓите имиња.
Според Правописот:
а) Туѓите имиња се пишуваат со наше писмо, по правило, онака како што се изговараат. Притоа, нивните гласовни особености се пригодуваат колку што е тоа можно кон гласовниот систем на нашиот јазик, т.е. гласовите што ги нема во нашиот јазик се предаваат со наши слични гласови.
б) Некои туѓи имиња се влезени во нашиот јазик посредно, преку други јазици, што оставило трага врз нивниот изговор, И за ова се води сметка при нивното предавање.
И толку. Но кога веќе лдпејовците решиле да нѐ описменат, нека почнат за почеток од стручњаците во МНР, нека се обидат таму да одржат еден брз курс. Кога веќе толку добро ги научиле географијата и правилниот изговор на имињата на градовите и државите, можеби ќе знаат добро да ги распоредат и знамињата во протоколот, секое знаме под соодветната држава. Да не се срамотиме во иднина. Барем на тој план.
А за тоа време, ако треба, ќе се измисли уште некој ваков проблем, или барем ситен гаф, некоја ваква идеја, само и само да се замајува народот, да не мисли многу на вистинските проблеми, да не се обиде случајно да побара или да понуди решение.
И мора уште еднаш да се навратам. Лесно ѝ е на една држава со вакви политичари, кои не се воздржуваат во вистинско време да се фатат во костец со вистинските проблеми.
Тоа е исто така важно како што нашата вредна градоначалничка се фати во костец со најважните градски проблеми, кои се навистина премалку, речиси и ги нема. Ама, нашата мајка на градот не остава ниту дреболија да ѝ го помати ореолот на вредна и иновативна градоначалничка. Па, така, реши да се соочи со непослушните граѓани на Кисела Вода, кои се дрзнале, без нејзино знаење и дозвола, да постават некој таму валкан симбол, кој таа со енергична акција одлучно го тргна од местото на злосторството сторено од страна на првите луѓе на Општината, кои, ете, и на тој начин сакале да ѝ пркосат. Има да се знае кој е стопан во градот.
И се разбира, тука секогаш на сцена стапуваме ние, новинарите. Да ѝ ја дадеме потребната гласност на секоја ваква иницијатива, на секој потфат, на секоја добра или лоша вест.
Е, сега, ако случајно ја оплескаме, па луѓе сме, нели, знаеме да грешиме при препишувањето. Повод ми е трагичниот настан од пред два дена во Битолско, во местото викано Сребрена Вода, во близината на селото Крстоар. При полнење минерална вода од јаглеродниот моноксид што повремено излегува кај јамскиот извор се задушија двајца битолчани, на возраст од 63 и 68 години. Веста во попладневните часови ја потврди и битолската полиција.
Но додека да стигне официјалното соопштение, најголемиот број електронски медиуми се покажаа во вистинското „копи-пејст“ или, по старо, во препишувачко светло. Имено, сите тие објавија дека двете лица настрадале во пожар(!?). Небитно е сега „кој прв почнал“, туку ова е уште еден повод да апелираме на барем малку елементарна професионалност, да не излегуваме смешни пред јавноста, а, од друга страна, да не доведуваме во заблуда кого било. Сепак станува збор за трагичен настан. Наместо да запнат да препишуваат едни од други, доволно било самонаречените новинари да свртат два-три телефона во надлежните служби и да ја добијат вистинската информација. Но трката по кликови и по следбеници очигледно е поважна од образот. За жал.