Крајно време е целосно да се искорени стереотипот дека жените се слаби, дека се нерелевантна алка во креирањето на општеството, мирот. Ни требаат жени на сите нивоа, на сите полиња, во сите сфери… Ни требаат повеќе жени на одговорни позиции, за да го промениме светот во подобро место за живеење.
И да ја издигнеме жената на пиедесталот, на врвот, таму каде што ѝ е местото и каде што заслужува да биде
Ако жени беа претседателки низ целиот свет, светот ќе беше побезбедно место, помирно место. Светот ќе беше место еднакво за сите. Светот ќе беше подобар свет, се зборови на железната дама, Елен Џонсон Серлиф, поранешна претседателка на Либерија и прва избрана жена за шеф на држава во Африка. Елен ја исправи Либерија на нозе по 14 години брутална граѓанска војна. Успеа да ја преземе улогата што по дифолт им припаѓаше на мажите… Докажа дека кога се слуша гласот на жените се трансформира светот.
Оттука неминовно е прашањето што деновиве се врти низ социјалните мрежи – ќе се гинеше ли толку лесно ако жените ги водеа државите, ако мајки го управуваа светот? Што ако жените ги носеа одлуките? Ќе имаше ли војни?! Масовни престрелки! Бомбардирања! Во каков свет ќе живеевме тогаш…
Никој, па ниту жените не се поштедени од страдања во воени услови.
Традиционалната улога на жената во војната е како жртва. Но за светот да се развива здраво, да еволуира човештвото, за да се спаси планетата ни требаат трајни решенија и рамноправност, правата на жените за целосно учество во создавањето на мирот, демократијата и политичкиот поредок.
Крајно време е целосно да се искорени стереотипот дека жените се слаби, дека се нерелевантна алка во креирањето на општеството, мирот. Ни требаат жени на сите нивоа, на сите полиња, во сите сфери… Ни требаат повеќе жени на водечки позиции за да го промениме светот во подобро место за живеење. И каде и да се свртиме забележуваме силни жени, и мудри, и борбени. Успешни во своите кариери. Расте бројот на жени на високи и одговорни позиции, жени војници, жени генерали, жени режисери, жени пилоти, политичарки, астронаутки, фоторепортерки…
Но жените сѐ уште не доспеваат до врвот!
Кога ќе се направи збир, пак, доаѓаме до заклучокот: Светот го управуваат мажи!
Останува фактот дека жените лидери се малцинство. Им се отстапува минимален простор. Еден од начините да поттикнеме жени лидери е сите заедно да работиме на создавање средина што ќе биде пријателски настроена кон жените. Да се смени начинот на размислување и да се спречи мизогинијата, да се едуцираат младите, пред тие несвесно да го впијат светогледот дека сите живееме во машки свет во кој жените првенствено постојат за да ги задоволат потребите на мажите.
За да ја оствариме глобалната цел и светот да го направиме поубаво и побезбедно место за живеење, за да успееме во нашите идеологии, мора да се подели одговорноста во носењето одлуки со мажите.
Жените треба да имаат поактивна улога во решавањето на конфликтот, да бидат градителки на мирот и преживеани, а не само жртви.
„Трајниот мир не може да се изгради ако половина од населението не може да учествува во градењето мир. Истите луѓе што ја почнаа војната преговараат за мирот“, своевремено изјави шведската политичарка и дипломатка Мајор Брит Теорин.
И покрај ваквите поединечни размисли, предлозите, обидите за зголемување на бројот на жените вклучени во мировните операции, во политиката, во државниот врв, не е постигнат голем напредок, речиси никаков. Војната (и нејзиното решавање) досега е институција предводена од мажи.
Иако битките за родова рамноправност одамна се почнати и од година на година се поместуваат границите, нашиот свет сè уште не функционира за жените како што треба. Наша задача е да доизградиме свет што ќе ги прифати жените во сите сегменти, ќе им даде почит и признание што го заслужуваат, ќе им обезбеди достојно место под сонцето.
Потребно е уште многу работа, уште многу маршови, битки, пред сѐ за безбедност дома, пристап до здравствена заштита, почит во работата, еднаков глас во одлучувањето, еднакви плати… Има уште многу жени заробени во безизлезна состојба, сред насилство, оружено и домашно. И имаме уште подлабоки теми за разглобување…
Овој 8 Март (и секој друг), кој не е само подарена роза, ниту скап парфем, ниту „мала пажња“, кој не е ден на мајката, ниту на понежниот пол, не е осмомартовско патување, ниту пак кафеанска прослава, треба да ги истакнеме големата улога и пожртвуваноста на жените на сите полиња.
Треба да го посветиме на градење подобар, побезбеден свет во кој родовата еднаквост не е само женска грижа, маргинална работа, феминистички движење, туку е еднакво важна и за мажите и за момчињата и за жените и за девојчињата, бидејќи е од суштинска важност за целокупниот напредок на општеството.
Меѓународниот ден на жената може да се одбележи кој како што сака и секој како што се чувствува комотно нека го ужива и празнува, но да не заборавиме и да оддадеме почит, важност и на вистинската поента, да не бегаме (многу) од вистинската кауза на денот, да не ја испревртуваме иницијативата на Клара Цеткин и со почит да ги прославиме сите жени во нашиот свет. Сите оние жени што се бореле, гинеле за еднакви права и можности, но и на оние што и денес се залагаат за постигнување на родовата еднаквост. Да ја продолжиме непрекинатата борба на жените за уживање на политичките, економските и социјалните правата, кои треба да им се загарантирани.
Осми март само нѐ преиспитува до каде сме, да ги преброиме статистиките, да си ја премериме моќта, да ги побараме правата, да ја продолжиме мисијата…
Можеби во моментов живееме за нијанса на поубаво место од Сирија, Украина, Пакистан, Иран, Либија…, каде што некои жени не знаат ни кој ден е, не им е ни важно и се борат само да преживеат. Но во нивно име и во име на сите оние што не можат сами да ги водат битките, треба да ги нагласиме вистинската улога и значење на Меѓународниот ден на жената. И да ја издигнеме жената на пиедесталот, на врвот, таму каде што ѝ е местото и каде што заслужува да биде. И секој со своите сили и амбиции да се труди да го направи светот еднаков за сите, не само на овој ден, туку секој ден.