Македонија досега изгуби многу време во чекалницата за влез во ЕУ, па одложувањето од неколку месеци нема битно да ја промени динамиката за почеток на преговорите, ако се знае дека условите за дигањето на ветото се поставени ултиматуми што се од областа на криминалитетот. Точно така, со самото поставување такви услови, барателот врши дела од областа на меѓународниот криминал. А, пак, од друга страна и дома, инсистирањето на формирање на потребниот кворум за промена на Уставот, како во случајот со Преспанскиот договор, дефинитивно дополнително би ја влошило политичката клима во земјата
Германскиот канцелар Олаф Шолц ги повикал граѓаните заедно да се соочат со економските проблеми што ја потресуваат Германија. Најголемата опасност за Германците во овој момент е инфлацијата! „Мораме да се фатиме за раце и да се држиме заедно“, изјавил Шолц во видеопораката во која ги повикува синдикатите, работодавците, Националната банка и академиците, со заеднички напори, како и во претходните „судбински“ мигови од 1960-тите и 1970-тите години, да разговараат за тоа што треба да направат. Кампањата за спас на животниот стандард на Германците е насловена „Усогласена акција“ и почнува денеска од кабинетот на канцеларот. Оваа лекција за постигнување колективно единство на еден народ кога се наоѓа во криза доаѓа во вистинско време. Како тоа го прават Германците може да помогне и за нашите сегашни македонски состојби, кога нашите граѓани, покрај економските неприлики, се исправени пред историска одлука, која задира во националниот идентитет. Предизвикот е наречен „француски предлог“, односно пакет од предлози. Иако новиот текст на француското претседателство со ЕУ (обновен и надграден) за почеток на пристапните преговори на Македонија со Европската Унија требаше да ги реши сомнежите кај мнозинството македонски граѓани за прашањата за зачувување на македонскиот јазик, национален идентитет и историја, сепак, не се случи тоа. Од петокот, кога „поштарот“ ги достави новите писанија од Брисел, со француско-бугарски печат до Владата на Македонија, почнаа поделбите во јавноста за тоа дали да се прифати овој предлог или да се повтори одговорот „Не“, кој македонскиот премиер Димитар Ковачевски го искажа по првото читање на францускиот предлог. За само два дена од објавувањето на неговата содржина, не престануваат реакциите на граѓаните, но и на добар дел стручни лица и политичари, кои јасно и недвосмислено се изјаснија против прифаќањето на условите за почеток на преговорите со Европската Унија од овој понуден старо-нов пакет.
Вообичаено, како и за претходниот договор со Грција, можевме да слушнеме различни мислења за тоа што е подобро за нашата „европска“ иднина. Од Владата и премиерот го преповторија ставот изнесен на ниво на владејачки партии, а тоа е дека во преговарачката рамка ЕУ – Македонија стои дека „Северна Македонија ќе треба да подготви превод на заедничкото европско право на македонски…“ како што е наведено во рамката, во која се забележува и дека Унијата ги зема предвид унилатералните изјави на Софија и на Скопје за македонскиот јазик. Во рамката нема реферирање ниту на идентитетски или историски прашања. „Македонскиот јазик во преговарачката рамка е македонски јазик, сите идентитетски прашања се заштитени, зашто тоа беа нашите клучни барања. Овој предлог ќе оди во Собранието“, рече премиерот Ковачевски. Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицковски, кој присуствуваше на протестот што се одржа во саботата, против прифаќањето на условите за почеток за преговорите со ЕУ, рече дека треба да „почекаме, ако Европа не е подготвена да нѐ прими нас цивилизираните Македонци, на цивилизиран и достоинствен начин, таму каде што ни е местото, а тоа е во Европа“.
Необјавувањето на протоколите меѓу Бугарија и Македонија, кои треба да бидат дел од преговарачката рамка со Унијата, внесе дополнителна конфузија кај граѓаните, кои се обидуваат да препознаат што е тоа што ни се нуди на француското мени. Освен два-тројца експерти, кои се познати од порано, со преповторување на ставовите за „историската важност“ од сегашното прифаќање на бугарските услови, позициите на власта се бранат со неколку твита на партиски функционери од владејачката партија. Се чини, најгласен во одбраната на францускиот предлог е македонскиот министер за надворешни работи Бујар Османи, кој во минатиот период се истакнуваше со пласирање дипломатски кованици со некаква нејасна и маглива семантика, наводно да ја држи темата за преговорите со Бугарија на високо ниво.
А на граѓаните во овој момент најмалку им е потребно тоа. Сите сакаме јасни и педантно составени официјални ставови. Во таа негова желба за прифаќање на условите, кои беа диктирани од бугарска страна, како „аргумент“ го изнесе и заострувањето на меѓуетничките тензии доколку во македонското собрание не помине предлогот од Франција. Ова само дополнително ја намали неговата довербата кај граѓаните, кои изразуваат силно негодување од начинот на кој го менаџираше процесот на „усогласување“ на протоколите за соработка со Бугарија. Неговите објаснувања и дообјаснувања за одредени точки од преговарачката рамка, особено за делот што се однесува на употребата на македонскиот јазик, уште повеќе ја усложнија и така сензитивната атмосфера во изминатите два дена, што резултира и со масовно излегување на граѓаните пред Владата, со единствено барање за неприфаќање на понудените решенија од Брисел.
Власта, предводена од СДСМ и ДУИ, се обидува преку одржување серија „информативни“ средби да ја објасни потребата од почнување на преговорите со Европската Унија. Во таа насока беше и поканата за средба меѓу Ковачевски и Мицковски, прва од таков вид, по изборот на сегашната влада. Претседателот на државата Стево Пендаровски, исто така, го свика и Националниот совет за безбедност заради изградување единствен став за прифаќањето или неприфаќањето на преговарачката рамка.
Дали ќе се прифати „германскиот“ модел за подавање на рацете и сплотување на сите сили во одбрана на македонскиот идентитет останува неизвесно, покрај јасно изразените разлики кај главните политички партии во земјата. Главната спорна точка во овој момент претставува необјавувањето на протоколите меѓу Македонија и Бугарија, во кој се содржани и многу неповолни услови за македонската страна поврзани со идентитетот, образованието и историјата. За контроверзноста на протоколите укажуваат и од помалите партии во владејачката коалиција, кои побараа содржината од преговарачката рамка, заклучоци на Советот на ЕУ, акциски план, годишни прегледи и протокол, да поминат низ сериозна и широка расправа пред целиот македонски народ и, се разбира, да се изгради и презентира неговиот (најширокиот граѓански) став! Не на поединци или групи. Носењето единствена и усогласена одлука, во демократска и релаксирана атмосфера и дебати, без притисоци и уцени дека треба да се прифатат определени рокови, е најважно во овој момент, кога сѐ повеќе се продлабочуваат поделбите во општеството.
Македонија досега изгуби многу време во чекалницата за влез во ЕУ, па одложувањето од неколку месеци нема битно да ја промени динамиката за почеток на преговорите, ако се знае дека со условите за дигањето на ветото се поставени ултиматуми што се од областа на криминалитетот. Точно така, со самото поставување такви услови, барателот врши дела од областа на меѓународниот криминал.
А, пак, од друга страна и дома, инсистирањето на формирање на потребниот кворум за промена на Уставот, како во случајот со Преспанскиот договор, дефинитивно дополнително би ја влошило политичката клима во земјата.