Ќе направиме мала дигресија и ќе потсетиме дека Французите кога ја пеат Марселезата ѝ оддаваат почит не само на сопствената национална химна туку и на вековниот крик за слобода, еднаквост и отпор против тиранијата. Слободата се извишува во срцевината на Марселезата и не случајно во неа се вели „слобода, слобода драга“. Но доколку го земе предвид последното поведениe на Макрон и Европската Унија кон македонската држава и македонскиот народ, Франција како држава може слободно да избрише некои делови од сопствената химна и да ги внесе зборовите „вето, вето драго“ или „уцени, уцени драги“
Старата поговорка „повторувањето е мајка на знаењето“ ја кажува вистината за тоа како функционира нашиот мозок. Но што конкретно вели невронауката? Кога еднаш ќе се сретнеме со одредени информации, можеби ќе ги разбереме за момент, но честопати се случува да исчезнат. Повторувањето ги зајакнува невронските патишта, правејќи го сеќавањето полесно, а нашето разбирање за нештата е подлабоко и посуштинско. Ова може да се разбере и како пробивање патека низ шума, колку повеќе одиме по неа, толку е полесна и појасна за следење. Затоа кога на нештата постојано се навраќаме, тие бесконечно се врежуваат во нашето сеќавање. Наспроти ова, заборавањето е проклетство, бидејќи бришењето на меморијата е поврзано со состојби како деменцијата, која може длабоко да влијае на чувството на идентитет на една личност и неговата способност за поврзување со другите. Од културен и историски аспект, заборавањето може да има последици бидејќи оние држави, нации и општества што ја забораваат историјата може да ги повторат грешките од минатото. Од друга страна, оние што се несуштински сеќавања само ја искривуваат вистината.
Денес европската политичка елита не ја разбира идеолошката суштина на Европската Унија, поради што таа се соочува со деменција, а нејзините ментални (читај општествено-политички) процеси се нарушени! Оваа состојба се должи на фактот дека денешното европско сеќавање е несуштинско и површно, оттука патеката низ шумата за европските политичари е нејасна, со други зборови Европа ја изгуби својата насока. Но зошто Европа не знае во кој правец се движи? Одговорот е многу едноставен, европските политичари ги заборавија суштинските европски вредности.
Бидејќи повторувањето е мајка на знаењето, ќе се обидеме да ја потсетиме Европската Унија на она што никогаш не треба да го заборава. Деновиве, конкретно на 24 јуни, се одбележуваат 232 години од донесувањето на првиот слободарски Устав во историјата на човештвото. Споменатиот Устав беше донесен на 24 јуни 1793 година и беше кулминација на идеалите на великата Француска револуција од 1789 година. Да се присетиме, нешто што не е типично за европскиот политичар, во Уставот од 1793 година меѓу другото се вели дека „францускиот народ, убеден дека заборавањето и презирот на природните права на човекот се единствените причини за бедите во светот“, како и дека „слободата е моќ што му припаѓа на човекот да прави сè што не е штетно за правата на другите“ или дека секој има право на изразување на своите мисли преку печатот или на кој било друг начин, правото на мирно собирање и сѐ така до бесконечност.
Но зошто го нагласуваме ова! Европската политичка елита, вклучувајќи го и францускиот претседател Емануел Макрон, заборави дека идеалите на Француската револуција што се одразуваат во споменатиот Устав од 1793 година требаше да ја обликуваат денешната Европска Унија. Некои велат дека Европската Унија може да се смета за современ политички проект што ги насочува просветителските и револуционерните идеали во мирна, кооперативна рамка. Се вели дека Француската револуција го засади семето на претставничка демократија низ цела Европа, како и дека институциите на Европската Унија – особено директно избраниот Европски парламент – го отелотворуваат овој револуционерниот принцип од 1789 година преку насочување на волјата на околу 450 милиони граѓани во наднационално законодавство, со други зборови ЕУ го продолжува наследството на Француската револуција. Но реалноста говори нешто друго! Денес Европа заборава дека суверенитетот му припаѓа на народот, а Европската Унија се оддалечува од посветеноста кон човековите права и Повелбата за основните права, која гарантира еднаков третман за сите граѓани на ЕУ.
На оваа тема може бесконечно да полемизираме, но факт е дека Европската Унија ги заборави основните вредности, односно дека секоја влада е воспоставена за да му гарантира на човекот уживање на неговите природни и неотуѓиви права, слободата е моќ што му припаѓа на човекот да прави сè што не е штетно за правата на другите, како и морална граница – не прави му го на друг она што не сакаш да ти го прават тебе.
Некој може да ни противречи на искажаното, но токму примерот со македонската држава и сите припадници на македонскиот народ потврдуваат дека ја говориме вистината. Да се присетиме, со децении Република Грција ја блокираше и уценуваше Македонија и ги прекршуваше и сѐуште ги прекршува човековите и малцинските права на сопствените граѓани што имаат македонски национални чувства. И што правеше ЕУ? Ништо! Ни велеа морате да најдете заедничко прифатливо решение. Денес, кога Софија отворено ги негира македонските национални обележја – јазик, историја, култура итн., а ги прекршува и малцинските права на бугарските и европски граѓани што се чувствуваат како Македонци, што прави Брисел? Повторно ништо! Апсурдот е уште поголем доколку го земеме предвид искажувањето на Макрон дека ЕУ мора да има разбирање за бугарските барања! Каква глупост.
Ќе направиме мала дигресија и ќе потсетиме дека кога Французите ја пеат Марселезата ѝ оддаваат почит не само на сопствената национална химна туку и на вековниот крик за слобода, еднаквост и отпор против тиранијата. Слободата се извишува во срцевината на Марселезата и не случајно во неа се вели „слобода, слобода драга“. Но доколку го земе предвид последното поведение на Макрон и Европската Унија кон македонската држава и македонскиот народ, Франција како држава може слободно да избрише некои делови од сопствената химна и да ги внесе зборовите „вето, вето драго“ или „уцени, уцени драги“.
Некој може да се обидува да ја искривува вистината, но нештата потврдуваат дека европските вредности важат за секого, со исклучок за Македонија како држава, нација и општество, вклучувајќи ги и припадниците на македонскиот народ во соседните држави. Поддршката на Франција и ЕУ за бугарските барања, претходно и за грчките, се спротивни од европските вредности. Впрочем, Преспанскиот договор и т.н. Договор за пријателство со Бугарија се во спротивност од темелите на ЕУ. Но, колку и да звучи чудно, денес на најдиректен начин, на македонскиот народ му се прекршува правото да ги изразува своите мисли, национални чувства, правото на мирно собирање и сѐ така до бесконечност. Денес европските вредности не важат за Македонците и Македонија затоа што се угнетувани и понижувани од тиранијата, тиранијата што произлегува од постојаните уцени, блокади и притисоци за промена на уставното име или прифаќање на бугарските барања за историјата или македонскиот национален идентитет. Можеби македонскиот народ ги чувствува последиците од ова политичко угнетување, но на крајот и европските граѓани ќе се соочат со последиците бидејќи Европската Унија ќе се распадне поради недостигот од идеолошко врзивно ткиво.