И психолозите го вклучија алармот. Велат дека на денешната младина насилството ѝ е начин на живот. И, за жал, најголемата вина паѓа на семејството. Социоекономскиот фактор, сепак, ја има главната вина за ваквата состојба. Родителите во битка за пари и во битка да обезбедат брендирани патики и гардероба за своите деца заборавија да им обезбедат дел од своето време на своите поколенија. Наместо квалитетно одигран фудбал, одгледан филм, изеден сладолед во слаткарница, родителите одбраа да ја компензираат љубовта со материјални работи
Дрога, тепачки, лични пресметки, убиства, кражби се само мал дел од „активностите“ со кои функционира денешната младина. Денес нема малолетни на 13,14,15 години да играат „глупави игри“ како што игравме ние на таа возраст. Додека ние, генерациите од осумдесеттите и деведесеттите години на минатиот век, на таа возраст игравме „лепчиња“ и „жмурка на план“, сервис или тенис среде улица, денешнава младина комплетно избега од колосек. Сега, да му е страв на човек да прекори дете ако не му станал на постар во автобус, бидејќи не се знае со какво оружје располага во тој момент. Пиштоли, боксирачи, ножеви се „приврзоците“ што гордо ги носи денешната младина.
Се прашувам од каде тие примери? Дали денешната форма на семејството е до толку насилна или, пак, вината сепак паѓа на интернетот и социјалните мрежи?
Во некое минато време, кое сите ние сакаме да го викаме „наше“ време, немаше интернет. Интернет на сите ни беа улицата, соседите, друштвото. Денес улиците се мртви, но затоа, социјалните мрежи се живи и преполни со динамика. Но каква?!
Неодамна, една моја внука ми вели: „Фејсбук е за тетки, баби и дедовци. На Тик ток е забавата“. Веднаш ми стана јасно зошто. На оваа социјална мрежа нема апсолутно никакви ограничувања, што милион пати досега се докажа, и покрај многубројните наводни рестрикции што надлежните на оваа социјална мрежа ги воведуваат. На Фејсбук тоа не е така и токму тоа им пречи на младите. А деца, залетани во облаците, многу лесно зачекоруваат по грешниот пат, по патот од кој враќање назад нема. Да не се лажеме, тепачки имаше и во наше време, ретко, но ги имаше. И тогаш ако си бил дел од таков инцидент ќе си трпел системски ригорозни мерки дома, на училиште, во маало.
Тогаш, во некое поубаво време, насилството беше најостро осудувано, мерките беа ригорозни. Активирани беа психолози, педагози, директори на училишта, семејствата…
Денес се чини дека никој не обрнува внимание на овој феномен. Сите си бркаат „своја работа“. Родителите се на работа и се соочуваат со секојдневни егзистенцијални проблеми, професорите се во иста кошница, дури и полоша, затоа што многумина од нив се плашат од реваншизам од учениците, па премолчуваат, училиштата повеќе не се тоа што беа, па на децата им остануваат социјалните мрежи од каде што ги црпат сите примери, кои, за жал, се ужасни.
Фактот што бројката на вакви инциденти меѓу учениците е сѐ поголема јасно покажува дека нешто крупно недостига во системскиот пристап кон младите, па и во самото општество. Ако денес генерациите растат со насилство, какво општество ќе создадат тие во иднина?
И психолозите го вклучија алармот. Велат дека на денешната младина насилството ѝ е начин на живот. И, за жал, најголемата вина паѓа на семејството. А го забораваме воспитниот елемент во системот за образование. Одамна тоа отпадна, па веќе нема „воспитување и образование“, туку само ова второво. А и тоа е под прашање!
Се разбира дека и социоекономскиот фактор има вина за ваквата состојба. Да не се лажеме. Родителите во битка за пари и во битка да обезбедат брендирани патики и гардероба за своите деца заборавија да им обезбедат дел од своето време на своите поколенија. Наместо квалитетно одигран фудбал, одгледан филм, изеден сладолед во слаткарница, родителите одбраа да ја компензираат љубовта со давањето пари или материјални работи на своите деца.
Кога состојбата е таква, од каде младите да земат пример, со кого да разговараат за да научат што е добро, а што не?
Училиштата се исто така во катастрофална положба, па дури и професорите си се снимаат за да собираат лајкови на социјални мрежи.
Во едно друго време, училиштето беше институција, не „корзо“ ниту пак „ринг“ за лични пресметки.
Родители, тревогата е вклучена! Општиот впечаток е дека се ближиме до црвената линија од која нема назад. Момчињата како идоли ги имаат познатите мафијаши, девојчињата, пак, старлетите и оние добро познати „спонзоруши“. Сегашните „икони на поп-културата се морални марикатури“, како што се изрази еден поет. На нашите генерации, идоли им беа првенствено мајките и татковците, дедовците и бабите, полни со морал, етика, работен и творечки ентузијазам.
Нешто се смени изминативе години, и тоа драстично. Извртените универзални вредности, либералниот капитализам, квазидемократијата и технолошкиот напредок ставен во функција на лажните вредности го згазија семејството, индиректно ги упропастија младите. Едноставно мора да се најде време за семејството. Да се почне од почеток, од основната клетка на општеството – семејството!