- Сите кандидати се обидуваат на најразличен начин да привлечат внимание, од приказни за тешкото детство што треба да ги фатат гласачите на емоции, до користење на модерната технологија, преку вештачката интелигенција за создавање слогани и промотивни спотови. Па така, гледавме и замислени тркачки болиди налик на Формула 1 и авиони низ македонските градови. На само неколку дена пред гласањето, се чини дека оваа кампања ќе беше во ред, ако не беа меѓунационалните поделби, партиските препукувања и меѓусебните навреди што создаваат негативна атмосфера во пресрет на првиот круг од локалните избори
- Ако партиите и политичарите искрено ги сакаат земјата и народот, како што велат, тогаш треба да се воздржат од вжештување на кампањата и од агресивна и навредлива реторика. На крајот, заострената кампања нема којзнае колку да ги мобилизира гласачите, туку напротив, повеќето може да ги демотивира, а тоа особено се однесува на оние неопределените
Неделава ќе се гласа за 312 кандидати за градоначалници и за 575 листи за советници поднесени до ДИК, на најмасовните локални избори во Македонија досега. Просечниот број на кандидати за градоначалници во општините е четири, а во 22 општини ќе трчаат само по двајца кандидати. Меѓу кандидатите за градоначалници има и актуелни министри и пратеници, но само 32 од нив се жени.
Во согласност со квантитетот, тука е и разноликоста на кандидатите за градоначалници и советници. Најмладиот кандидат за градоначалник има 23 години и ќе се бори за функцијата во Општина Старо Нагоричане, а највозрасна е кандидатката на 79-годишна возраст, за градоначалничката функција во скопската Општина Гази Баба. Што се однесува до кандидатите за советници, според јавно достапните податоци, највозрасната кандидатка има 97, а следните двајца за кои „годините не претставуваат пречка“ имаат 81 година, односно 80 години. Земајќи ја предвид возраста на градоначалниците се забележува дека најголем број од нив се во зрели години, помеѓу 40 и 50 години.
Сите кандидати се обидуваат на најразличен начин да привлечат внимание, од приказни за тешкото детство што треба да ги фатат гласачите на емоции, до користење на модерната технологија, преку вештачката интелигенција за создавање слогани и промотивни спотови. Па така, гледавме и замислени тркачки болиди налик на Формула 1 и авиони низ македонските градови. На само неколку дена пред гласањето, се чини дека оваа кампања ќе беше во ред, ако не беа меѓунационалните поделби, партиските препукувања и меѓусебните навреди што создаваат негативна атмосфера во пресрет на првиот круг од локалните избори.
Една „интегративна“ партија со нејзините партнери, кои даваа меѓуетничка димензија на кампањата, форсира етноцентрични теми, навидум сакајќи изборите за градоначалници да ги претворат во референдум за етноцентрични и геополитички прашања и да добие градоначалници врз основа на националните чувства на гласачите. Таквата кампања, според речникот на ОБСЕ, кој ги следи предизборните случувања во Македонија, ги поларизира меѓуетничките односи, но може да предизвика и интраетнички инциденти, на што загрижено укажуваат и некои од албанските медиуми и аналитичари.
- Кампањите нека не бидат негативни, нека зборуваат за проекти и за дела, нека ги истакнуваат квалитетите на кандидатите, нека информираат. Народот ќе го препознае тоа. Време е политичарите да покажат грижа за државата да ја направат подобро место за живеење. Таквиот нивен однос нека почне со кампањите. Шансата веќе ја имаме во вториот круг на локалниве избори!
На крајот се случија и неизбежните лични препукувања меѓу партиските лидери, како и многупати досега. Препукувања што можеби се вообичаени во предизборна кампања, но непотребни за локални избори бидејќи доволно е да се промовираат кандидатите за градоначалници и советници и без тоа.
Препукувањата и меѓусебните навреди меѓу партиските лидери прават дополнителна штета, освен создавањето лоша политичка клима пред гласањето, бидејќи фокусот од кандидатите за градоначалници се префрла на лидерите и партиите, а квалитетите на кандидатите и нивните програми остануваат во сенка на лидерите. Но позагрижувачки во контекст на македонските состојби е што таквата кампања може да ги продлабочи поделбите во македонското општество.
Лидерите на партиите исфрлија навредливи стрели и омаловажувачки се обраќаа едни кон друг, секако поддржани во нападите и од нивните партии и портпароли. Да се надеваме дека таквата кампања тука и ќе заврши и дека партиите ќе продолжат повеќе да ги промовираат своите кандидати, без да ги оцрнуваат противниците, ако не сега, тогаш барем во кампања за некој нареден изборен циклус. Секако дека може да има критики, но тие треба да бидат аргументирани и без навреди и омаловажувања.
Македонија веќе со години живееше во поделби и раздор, политичките случувања изминатите десетина години ја направија политичката клима во државата неподнослива и отровна. Таквиот раздор многу придонесе и за пад на политичката клима, довербата и на квалитетот на севкупниот (јавен) живот во земјата. Покрај економските проблеми, една од главните причини за иселување е таквата атмосфера, што го зголемува чувството на бесперспективност. Одамна е исчезнат оптимизмот кај луѓето и време е да се врати.
Ако партиите и политичарите искрено ги сакаат земјата и народот, како што велат, тогаш треба да се воздржат од вжештување на кампањата и од агресивна и навредлива реторика. На крајот, заострената кампања нема којзнае колку да ги мобилизира гласачите, туку напротив, повеќето може да ги демотивира, а тоа особено се однесува на оние неопределените.
Кампањите нека не бидат негативни, нека зборуваат за проекти и за дела, нека ги истакнуваат квалитетите на кандидатите, нека информираат. Народот ќе го препознае тоа. Време е политичарите да покажат грижа за државата и да ја направат подобро место за живеење. Таквиот нивен однос нека почне со кампањите. Шансата веќе ја имаме во вториот круг на локалниве избори!
Сотир Ристо