Ќе ми простат илјадниците Македонци и Македонки што секојдневно ја прават горда Македонија со своите достигнувања, но едноставно не можам да ги набројам сите, ќе ми требаат многу парчиња хартија за да ги испишам нивните имиња и достигнувања.
Но мислам дека поентата е јасна.
Македонија е плодна почва. Ова не го кажувам само фигуративно и не се однесува само на земјоделството. Нашата земја е расадник на таленти, ние имаме на што да бидеме горди. Имињата што ги споменувам се доказ дека со многу љубов, труд и посветеност, врвот и не е толку далеку, а светскиот успех не е недостижен.
Ние сме библиски народ со длабоки корени, имаме јазик и култура на кои треба да се гордееме, а имаме и ум што нѐ води во височините на успесите.
Ние сме рамо до рамо со најмногубројните народи на земјиното тло. За нас не важи онаа поговорка „наведната глава, сабја не ја сече“, напротив, гордо стоиме исправени пред сите предизвици.
Ние сме баш како пиреј… никој не може да нѐ уништи колку и да се обидува и да сака…
Врвот не е далеку. Потребно е само да се работи напорно и посветено за истиот тој да се достигне. На тој пат има многу подеми и падови, но, не е невозможен. Секој може да го достигне доколку доволно работи за неговото достигнување.
Македонија е доказ за тоа. Во нашата држава има неброени таленти од секоја област. Музика, спорт, наука и многу други области каде што и тоа како имаме со што да се гордееме.
Еве, доволен е примерот од изминатиов викенд кога нашата судиска двојка Славе Николов и Ѓорѓи Начевски испиша историја судејќи на големото финале од Лигата на шампионите во ракомет. И тоа не им е прво судење. Во минатото тие беа дел од финалните средби на многу европски и светски првенства. И тоа доволно говори дека тие имаат врвно признание и дека македонските арбитри се од светски ранг. Нивното судење е валоризирано како неприкосновено и токму затоа и се толку ценети.
И судиите не се единствени ѕвезди што сјаат во Македонија. Тука се културата, спортот и уште многу области.
Еве, додека сме кај ракометот, ќе го споменам и Кире Лазаров, кој долго време ја тресеше ракометната мрежа и кој несомнено важи за крал во ракометот, а тој епитет го заслужи со крунисувањето од Европската ракометна федерација кога тој одлучи да се повлече од активното ракометно играње.
Дејан Георгиевски е името што силно одекна на Олимписките игри во Токио во 2020 година, каде што го освои сребрениот медал во таеквондо.
И ги има уште стотици што се докажани во областа на спортот. Рели-возачот Игор Стефановски-Иџе двапати победи на Европското првенство на ридски патеки и важи за најпопуларниот и најуспешен македонски натпреварувач во автомобилски трки. Тој беше прогласен и за најдобар спортист на Македонија пред десетина години.
Импресивна е и малата гимнастичарка Илина Кузмановска, која неодамна освои златен медал на меѓународен натпревар во Србија, за ритмичка гимнастика. Младата и надежна дама многупати досега го освојувала првото место.
Културата, пак, е исто така расадник на таленти. Оваа област не може ни да се спомене без името на меѓународно истакнатиот македонски класичен пијанист Симон Трпчевски. За неговиот талент сведочат мноштво меѓународни успеси и највисоки критики, како и генералното мислење на музичките критичари низ светот. Тој во 2011 година сосема заслужено стана прв носител на титулата Национален уметник на Република Македонија, а зад него стојат голем број награди и признанија.
Оваа област не може да помине без името на прерано починатиот пејач Тоше Проески, кој беше најголемиот музички амбасадор на Македонија.
И, секако, тука неминовно мора да се споменат стотици деца што рушат светски рекорди и веќе наголемо оставаат печат во музиката.
Ние кај помладата генерација имаме неброени таленти.
Малечкиот математички генијалец Македон Димитровски оваа учебна година ја завршува со уште еден златен медал, овој пат на Математичката олимпијада за основни училишта (МОЕМС) од САД.
Битолчанецот Алексеј Белевски, кој свири пијано, освои прва награда на Интернационалниот натпревар за млади музичари што се одржа во Њујорк.
Како еден од големите промотори на Македонија неминовно мора да се спомене младата Мартина Димоска, која всушност е единствената девојка од Балканот што учествуваше во аналогна астронаутска мисија во САД, спонзорирана од НАСА. Таа е и најмлада менторка на „НАСА спејс апс челинџ“, што се одржува при истражувачкиот центар „Маунтаин вју“ во Силициумската Долина во Калифорнија.
Од областа на науката, пак, мора да се спомене академик Љупчо Коцарев, кој публикувал повеќе од 140 публикации во списанија со фактор на влијание и е автор на шест патенти одобрени од САД и/или Европа.
Верувам дека ретко кој слушнал за податокот дека Македонија го има најмладиот добитник на Нобелова награда. Станува збор за тетовецот Игор Томевски, кој ја доби оваа престижна награда за достигнувања од областа на филмот и театарот.
Мора да му оддадеме почит и на академик Јордан Поп Јорданов, чија научна кариера беше украсена со голем број признанија.
Добитник е на повеќе награди, меѓу кои: Годишна награда на Институтот во Винча за поединечно научно остварување (1964); Јубилејна награда на Институтот во Винча за развој на научната област (1968); награда на ВРЕН-УНЕСКО за најдобар труд на Светскиот конгрес по обновлива енергија во Денвер (1996); награда на Светската иновациска фондација „За извонреден придонес за науката и човештвото“ (2003) и многу други, а секако Македонија го награди и со Орден за заслуги.
Ќе ми простат илјадниците Македонци и Македонки што секојдневно ја прават горда Македонија со своите достигнувања, но едноставно не можам да ги набројам сите, ќе ми требаат многу парчиња хартија за да ги испишам нивните имиња и достигнувања.
Но мислам дека поентата е јасна.
Македонија е плодна почва не само во земјоделството. Нашата земја е расадник на таленти, ние имаме на што да бидеме горди. Овие еминентни имиња што ги споменав се доказ дека со многу љубов, труд и посветеност, врвот и не е толку далеку, а успехот не е недостижен.
Ние сме библиски народ со длабоки корени, имаме јазик и култура на кои треба да се гордееме, а имаме и ум што нѐ води во височините на успесите.
Ние сме рамо до рамо со најмногубројните народи на земјиното тло. За нас не важи онаа поговорка „наведната глава, сабја не ја сече“, напротив, гордо стоиме исправени пред сите предизвици.
Ние сме баш како пиреј… никој не може да нѐ уништи колку и да се обидува и да сака…