Политичките партии, пред сѐ најодговорните, СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ, продолжија упорно да настојуваат, а судејќи според реакциите на јавноста, во голема мера и да успеваат, на проблемот со корупцијата да му дадат дневнополитичка димензија, наместо, конечно, да покажат политичка зрелост и корупцијата да ја дефинираат како системски проблем, кој како таков треба и да се третира. А за нештата да станат системски проблем, потребни се многу време и труд, за што не е доволен само еден мандат, ниту „труд“ на само една политичка гарнитура
Кога пред извесно време претседателот на Македонија, Стево Пендаровски, повика двојно да се зголемат напорите во борбата против корупцијата и организираниот криминал бидејќи, како што рече, тие го нарушуваат владеењето на правото и довербата на јавноста во демократијата и, како такви, претставуваат закана за националната безбедност, сигурно не очекувал за тоа да биде ангажирана сета сила на партиско-пропагандните машинерии, кои, и деновиве, по објавувањето на најновиот извештај на „Транспаренси интернешнл“, побрзаа на јавноста да ѝ го наметнат своето толкување на утврдениот индекс за перцепција на корупцијата. Со тоа, политичките партии, пред сѐ најодговорните, СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ, продолжија упорно да настојуваат, а судејќи според реакциите на јавноста, во голема мера и да успеваат, на проблемот со корупцијата да му дадат дневнополитичка димензија, наместо, конечно, да покажат политичка зрелост и корупцијата да ја дефинираат како системски проблем, кој како таков треба и да се третира. А за нештата да станат системски проблем, потребни се многу време и труд, за што не е доволен само еден мандат, ниту „труд“ на само една политичка гарнитура.
И за нештата да станат појасни. На коруптивно однесување нема да се осмели некој си приправник, што по играта на случајот, бил примен во државната или во јавната служба. Тој ќе си го чува работното место, среќен што, во амбиентот на македонската верзија на дивиот капитализам, успеал да се вработи кај најголемиот и најсигурен работодавач во државата – Владата. Но треба да се знае дека на еден ваков „среќник“ доаѓаат по десетици несреќници вработени преку политичките партии, кои не само што, во најголемиот дел, не ги исполнуваат пропишаните услови за вработување во државната или во јавната служба, а неретко до непрепознатливост ги растегнуваат и критериумите за припадност на некаква малцинска група, туку стапуваат во службата со однапред направената пресметка како тоа што подобро и да го наплатат. Во сопствената и во ползата на партиите што ги вработиле.
За пошироко објаснување на овој феномен, веројатно, во образовниот систем би требало да се воведе предмет патологијата на корупцијата, но во функција на овој коментар може само да се каже оти јавноста веќе недозволиво долго време е заробена во кошмарот на корупцијата.
Добронамерните луѓе од струка и експертите цело време укажуваат на конкретните слабости во системот, проблемите што директно ги генерираат и корупцијата и перцепцијата на корупцијата, а индиректно и редица други проблеми во системот, пред сѐ правосудниот. Но политичките фактори наместо да им обрнат сериозно внимание на овие укажувања, крајно алармантната состојба се обидуваат да ја свртат секој во својата полза. Опозицијата за да критикува, власта за да профитира.
Така, повеќето корупциски афери се третираат како дневнополитички настани, а јавноста останува со заклучокот дека корупцијата, иако годинава со нешто поповолна оцена, но сепак како сѐ уште многу сериозен проблем за Македонија, е неминовна појава.
Тоа е една, за нормален човек и за нормално општество, крајно неприфатлива состојба, па дури и ако станува збор само за перцепцијата. Фрустрацијата, демотивацијата и резигнираноста што таквата состојба ги поттикнува кај граѓаните се само помалиот дел од штетата што ја имаат државата и општеството. Материјалните загуби, со секој изминат ден, се мултиплицираат, до несогледливост.
Добронамерните луѓе од струка и експертите цело време укажуваат на конкретните слабости во системот, проблемите што директно ги генерираат и корупцијата и перцепцијата на корупцијата, а индиректно и редица други проблеми во системот, пред сѐ правосудниот. Но политичките фактори наместо да им обрнат сериозно внимание на овие укажувања, крајно алармантната состојба се обидуваат да ја свртат секој во својата полза. Опозицијата за да критикува, власта за да профитира
Уште полошо, како што времето одминува, антикорупциските стандарди, кои, сакале ние или не, во голема мера го дефинираат и пазарниот, образовниот, здравствениот, еколошкиот… амбиент, се во константен пад и доколку на проблемот на корупцијата се гледа како на дел од националната безбедност, не останува премногу простор за оптимизам. Во секој случај најновиот напредок на Македонија и искачувањето повеќе скалила погоре во рангирањето на „Транспаренси“, според индексот за перцепција на корупцијата, е добар и охрабрувачки сигнал за државата. Но тоа никако не смее да создаде чувство на самозадоволство бидејќи има уште многу да се работи и сработи на тој план. И конечно на борбата против корупцијата и нејзиното сузбивање треба да се гледа и пристапи како на државна национална стратегија, а не како на нечија партиско-политичка агенда.