Младите го слават овој празник водени според паролата дека сѐ што доаѓа од Запад треба да се слави и прифати, бидејќи тоа, само по себе, мора да е модерно. Но дали е баш така? Зошто би прифатиле нешто деструктивно, спротивно на македонската традиција, нешто што во суштина нема никаква вредност
Во денови кога секојдневно сме сведоци на ужасни страдања, разурнувања, бомбардирања, природни катастрофи, поплави, илјадници невини изгубени животи од ужасите што ги донесе војната на Русија и Украина, стотици жртви од стампеда на фудбалски натпревари, или културни манифестации…, страшната несреќа што се случи во Сеул, Јужна Кореја, на прославата на Ноќта на вештерките буквално го потресе светот. Починаа над 150 претежно млади луѓе, а речиси исто толку се повредени во градскиот кварт Итаевон во Сеул, Јужна Кореја, каде што повеќе од 100.000 луѓе по ковид-карантините излегоа да ја прослават Ноќта на вештерките.
И наместо оваа ноќ за младите Корејци да биде незаборавна забава, таа се претвори во најголема трагедија, која ја потресе не само Кореја туку и светот.
Ноќта на вештерките однесе во смрт стотици Корејци. Впрочем,како што е називот на самиот празник, кој симболизира зло, страв, смрт, несреќа.
Иако во последно време, по сѐ што ни се случува, почнувајќи од пандемијата на ковид, па војната во Украина, некако се навикнавме човечките жртви да ги третираме како статистички бројки, сепак и најтврдите луѓе пуштија барем понекоја солза по веста од Сеул за големиот број жртви што загинаа во стампедото.
Во деновите на тага во Сеул, кога Корејците тагуваа за изгубените млади животи и кај нас, низ Македонија и во голем број градови, (нај)младите го празнуваа празникот 31 Октомври, Ноќта на вештерките.
Илјадници главно млади деца, ученици од основните училишта, некои сами, а некои водени од нивните родители, или баби и дедовци, преоблечени во маскирни облеки ја празнуваа Ноќта на вештерките. Голем број од тие млади дечиња преоблечени во разни маскирни облеки и „нашминкани“ не можеа да ги препознаат ни нивните најблиски. Некои од дечињата навистина изгледаа страшно и личеа на вистински вештерки. А убеден сум дека ни дечињата ни нивните родители, па ни голем број од наставниците не знаат што слават, која е смислата да се слави Ноќта на вештерките и какви пораки се испраќаат од славењето на овој празник.
Во македонската културна и народна традиција воопшто не постои ваков празник. Тоа е само уште еден измислен ден, наметнат од надвор, кој се одбележува кај нас без да има каков било повод за такво нешто. Што е уште пострашно, тоа се прави и во образовните институции, училишта и градинки.
Изгледа во настојувањето што повеќе да се приближиме кон Европа и светот и по многубројните реформи во образованието, кај нас и во предучилишното и основното образование, славењето на Ноќта на вештерките и други пагански празници од Запад стана задолжително.
Иако празникот по самиот наслов Ноќ на вештерки буди морничави и чувства на страв, сепак (нај)младите ученици со многу возбуда и среќа го слават и овој празник, водени според паролата дека сѐ што доаѓа од Запад треба да се слави и прифати бидејќи тоа, само по себе, мора да е модерно. Но дали е баш така? Зошто би прифатиле нешто деструктивно, спротивно на македонската традиција и нешто што во суштина нема никаква вредност?
Инаку, за понеупатените денот Ноќ на вештерките (англиски: Halloween, е празник што традиционално се слави на 31 октомври. Според многу хроничари, едни сметаат дека овој празник првобитно бил под влијание на западноевропскиот празник на жетвата и денот на мртвите, со можни пагански корени, особено келтскиот Саун (Samhain), додека други, пак, мислат дека овој празник произлегол независно од Саун и има христијански корени. Тој ден често се поврзува со црната и портокаловата боја, а особено со симболот фенер од тиква. Активностите поврзани со овој ден вклучуваат шеги, посетување на „проколнатите“ места, палење логорски оган, маскенбал, резбање тикви, „вадење јаболка“, гледање хорор-филмови.
Моето долгогодишно помнење ме учи дека ниту еден од овие обичаи немал потекло ниту, пак, пуштено корени во нашата вековна богата традиција. Наедно, сите тие игри и обичаи, во најмала рака, за најголемиот број млади дечиња се неразбирливи.
Убеден сум дека Ноќта на вештерките не е ниту услов, ниту пак бенчмарк за нашите евроинтеграции, па да мора да се стави во календарот на нашите обичаи и празници.
Македонија како држава и ние како народ со богата вековна традиција имаме безброј наши традиционални обичаи и празници за да ги одбележуваме и празнуваме. Тоа што е важно е дека тие празници имаат својата традиција и длабоки корени во нашата држава. Ние треба да се свртиме кон негувањето и славењето на нашите обичаи, празници и верувања, оние на кои нѐ учеле и воспитувале нашите прадедовци, дедовци, мајки, татковци. И особено да посветиме внимание при образовањето на децата да ги насочиме на вистинскиот пат и на вистинските вредности. Халовин во никој случај не е тоа.
Западот како систем ни донесе многу новини во нашето секојдневно живеење. По многу нешта тие новини ни го олеснија и разубавија животот. Но, за жал, некои новини ни донесоа и многу разочарувања, што во голема мера придонесоа кај нас депресијата да стане хронична болест, која не се лекува ни со антидепресиви.
Младите се првите жртви на таквите новитети. Тие денес едноставно не можат да го замислат денот без своите паметни мобилни телефони во кои гледаат, или играат разни игри, каде што во добар дел од нив има насилство, бруталност, морничави убиства… Познати се случаите кога голем број млади луѓе, претежно деца, преку разни игри се самоповредуваат себеси, а некои дури и се убиваат.
Социјалните мрежи, на кои секојдневно „дежураат“ младите, наместо да ги приближат луѓето, уште повеќе ги дистанцираа едни од други. Токму на социјалните мрежи најголемиот број луѓе си го покажаа своето вистинско лице и воспитување.
Деновиве во местото Лактиша, Република Српска, младиот Младен Д. си го одзеде животот токму поради некои твитови поврзани со него кога тој преку интернет барал работа. Исмејувањата на кои бил подлежен го однесоа во смрт. Такви случаи во светот ги има уште безброј. За жал, има и кај нас.
Затоа не смее да се дозволи паметните телефони да ни ги воспитуваат (нај)младите. Нивното воспитување мора да се темели на нашите вредности и традиции. Тука огромна е улогата на родителите, учителите, наставниците. Тие треба и мора да бидат многу поодговорни во воспитувањето на младите и во неприфаќањето на сѐ што доаѓа од Запад.
Некритичкото прифаќање на сѐ и сешто најчесто доведува до несакани последици. Младите не можат навреме да препознаат некои работи. Затоа тие не смеат да бидат оставени сами на себе да ги воспитуваат некои други воспитувачи, кои негуваат други вредности што немаат корен кај нас.