Владата треба да направи сериозна анализа на распределбата на доходот во економијата и да ги види капацитетите на индустријата и реалниот сектор, за да најде соодветен механизам за системско покачување на минималната плата, а не покачување што ќе биде водено само од ад хок решенија. Добро е да има раст на платите на вработените, но тој раст треба да биде последица на пазарни механизми, зголемена продуктивност на работната сила и на зголемена економска активност на бизнис-секторот
Сојузот на синдикати на Македонија неодамна поднесе предлог до Собранието и до Министерството за труд и социјална политика за донесување закон со кој минималната плата треба да изнесува 18.000 денари. ССМ бара и висината на минималната плата да не биде пониска од 60 отсто од просечната месечна нето-плата во последните три месеци, како и спирално зголемување на сите други плати во државата. Ваквите барања веќе подолго време ги бараат синдикалните организации, а како аргументи за зголемувањето на минималната плата ги посочуваат порастот на животните трошоци и најавите за зголемување на цената на струјата по Нова година.
Додека синдикатите укажуваат дека со сегашната минимална плата едно четиричлено семејство нема да може да ги покрие основните трошоци во домаќинството, најавите за ново зголемување на минималната плата ја разбрануваа бизнис-заедницата. Тие укажуваат дека растот на платите не е одраз на продуктивноста и негативно влијае врз другите вработени, кои остануваат со исти плати и се изедначуваат со минималецот. Наспроти укажувањата за неопходни промени во насока на поголема продуктивност, сепак сѐ уште нема мерки и реформи, а најавите за повисока минимална плата продолжуваат, иако се нереални.
Минималната плата треба да расте за да го поддржува животниот стандард на работниците, меѓутоа мора да ја следи продуктивноста. Нагло зголемување на минималната плата на 18.000 денари, па и 20.000 понатаму, е голем залак, не само затоа што продуктивноста на трудот не пораснала онолку колку што е предвидено да порасне платата туку и затоа што фирмите се соочуваат со два големи извори на нестабилност – неизвесностите поврзани со пандемијата и растечката цена на енергентите.
Во таа насока, сите овие износи на минималната плата односно лицитирање со износи, е само одраз на нереални желби и ја банализира економската дебата.
Големиот скок на минималната плата без соодветно зголемување на продуктивноста на трудот, а со тоа и зголемен технолошки напредок, може да доведе до нереално покачување на основата за пресметка на сите други плати во економијата.
Истовремено, таа може да доведе и до зголемени трошоци на производство кај трудоинтензивните индустрии, кои најчесто работат за странски пазари каде што основната конкурентска предност на македонските производи е пониската цена. Така што, можностите за зголемување на цената на производите се ограничени или во многу случаи невозможни. Оттука, Владата треба да направи сериозна анализа на распределбата на доходот во економијата и да ги види капацитетите на индустријата и реалниот сектор за да најде соодветен механизам за системско покачување на минималната плата, а не покачување што ќе биде водено само од ад хок решенија.
Добро е да има раст на платите на вработените, но тој раст треба да биде последица на пазарни механизми, зголемена продуктивност на работната сила и на зголемена економска активност на бизнис-секторот. Зголемување на платите како последица на политичка одлука ќе доведе до нарушување на ликвидноста на претпријатијата, раст на невработеноста и економска дестабилизација. Ваквата ситуација на среден рок ќе води и кон зголемување на сивата економија и ќе принуди некои од работодавачите во борбата за гол опстанок повторно да ја воведат праксата на „плата во плик“.
Самиот Закон за минимална плата има вграден механизам во согласност со кој минималната плата се зголемува во март секоја година. Така, во согласност со членот 4 од законот, исплатената висина на минимална плата во бруто-износ за месец март секоја година се усогласува со: една третина од порастот на просечно исплатената плата во Република Северна Македонија, една третина од порастот на индексот на трошоците на живот и една третина од реалниот пораст на бруто-домашниот производ, за претходната година, според податоците на Државниот завод за статистика.
Но големото зголемување на минималната плата ќе влијае на намалувањето на мотивацијата кај дел од вработените, особено оние што досега беа попродуктивни, бидејќи голем број деловни субјекти, особено микро и малите, ќе немаат можност за поставување соодветни скалила на плати што ќе кореспондираат со продуктивноста и перформансите на вработените.
Зголемувањето на продуктивноста е процес што трае со години и тој треба да биде воден според одредени приоритети и цели кон кои треба да се стреми економијата. За да се постигнат тие цели, потребен е национален консензус за насоката во која треба да се развива целокупното општество. Бизнис-заедницата одамна укажува дека клучно е економскиот раст, растот на платите и растот на животниот стандард да бидат проследени со соодветни образовни и здравствени инвестиции и реформи, инвестиции во нови технологии, транспортна и патничка инфраструктура, како и инвестиции во енергетиката.
Исто така, можеби едно од решенијата што треба да се спроведе како мерка е и намалувањето на стапките на придонесите, кои кај нас се на високо ниво. Кај нас ефективната стапка на придонеси на бруто-плата изнесува околу 33 отсто, додека, за споредба, во Германија изнесува 27 отсто, во Бугарија 19 отсто, во Словенија 18 отсто, во Хрватска 17 отсто.
Добро е што синдикалните организации бараат начини за да се подобри животниот стандард и добро е што Владата има желба да помогне и покажува иницијатива, но тоа не треба да бидат нереални чекори. Минималната плата може да се движи само во моменталните граници. Со самото тоа што би се направиле корекции во минималната плата ќе се доведе до еден тип „уравниловка“. Со овие услови што ги имаме во Македонија, со оваа висина на минималната плата, доволно е само секоја година да ја усогласуваме со порастот на овие три компоненти – една третина од порастот на просечната плата, третина од порастот на БДП и една третина од порастот на трошоците за живот или инфлацијата, со тоа ќе добиеме за да се избегне инфлацијата да не ја намалува реално минималната плата.