Речиси два месеца траеше сагата во албанскиот политички кампус во земјава дали секој ќе трча со свој претседателски кандидат на претстојните избори, за на крајот и блокот во власта и тој во опозиција да се обединат околу една работа, не дали, туку кога ќе се отвори Уставот за внесување на Бугарите, тогаш да се промени и изборот на претседател на државата, односно тој да се избира во Собранието со двотретинско мнозинство и со Бадентер. И не само тоа туку да се врати и функцијата потпретседател на државата.
Без оглед што и двата табора од албанскиот политички блок во земјава деновиве се натегаат кому прво му текнало да предложи избор на претседател во Собранието, повеќе од јасно е дека тоа ќе биде следната поставена цел кон која се стремат албанските политички фактори во земјава во периодот што следува.
Уште веднаш се јавија разни душегрижници и релативизатори од типот дека овие изјави се само обична предизборна реторика, дека по изборите брзо ќе се заборави што се кажало и никому ништо. Арно ама не е така. Се покажа дека албанските партии во земјава досега ништо не кажале и не најавиле случајно, така што повеќе од извесно е дека ова за што сега говорат ќе се најде во преговарачкиот пакет меѓу потенцијалните партнери што утре би требало да партиципираат во идната македонска влада. Точно е дека во предизборна реторика спаѓаат и ветувања дека на граѓаните ќе им се направат патишта, канализации, водоводи, училишта, амбуланти, ама тоа не мора да го остварат оти, нели, се стремат кон „повисоки цели“, а благодатот на граѓаните во таквата мисија е колатерална штета.
Имајќи предвид како се однесуваа сите партии досега, никој не треба да има ниту малку резерва дека политичките пазарења кога цената е останување на власт ги имало и ќе ги има постојано, па прашање на време е кога изборот на претседател во Собрание ќе биде предмет на некакви идни разговори. Ако нема дил, ќе падне владата. Тој концепт досега многу успешно функционираше, ама на штета на државата.
Она што извесно време се шири како наратив во јавноста, особено од дел од албанските политичари, тоа е дека откако ја остварија целта да имаат претседател на Собранието, сега имаат премиер, дојдено е време да имаат претседател на државата, без оглед што Али Ахмети пред еден месец велеше дека рано било за такво нешто. Слоганот „Псе јо?“ изгледа повторно ќе го гледаме по митинзите.
Но вистината, за разлика од наративот што се шири, е многу поинаква. Имено, во македонската јавност подолго време не постојат ама баш никакви табуа дали претседател, премиер, претседател на Собрание, министер, директор или која било функција ќе ја врши Македонец, Албанец, Турчин, Влав, Србин, Бошњак, Ром или од некоја друга етничка припадност, но проблемот е во тоа што сѐ се сведува исклучиво на етничката припадност на кандидатот, а не на неговата стручност и квалитет. Се покажа дека кога се инсистира исклучиво на етничкиот избор, трпи државата бидејќи наместо квалитетни решенија, добива само задоволување на нечии каприци, од што страдаат граѓаните од сите етникуми.
Барањето да се менува Уставот и претседателот да се избира во Собранието без претходно да се отвори широка општествена дебата, без да се увидат сите позитивни и негативни ефекти од евентуалниот таков потег, уште повеќе ќе ја зголеми меѓусебната недоверба, но што е уште пострашно, ќе ја стави државата во позиција да не може да функционира.
Досегашната практика покажа дека масовната злоупотреба на бадентерот и балансерот ја доведе земјава да има целосно нефункционални институции, кои немаат речиси никаков капацитет за спроведување реформи, а уште помалку за преговори со Европската Унија. Истите состојби утре многу веројатно ќе се пресликаат и во македонското собрание ако таму се избира претседател со двотретинско мнозинство и со Бадентер. Одеднаш ќе дојде до блокади, исто како сега што не можеше да се обезбеди двотретинско мнозинство за уставните измени, со што државата ќе се доведе во состојба да не може да избере шеф на државата подолго време, барем додека не се испеглаат партиските разлики. А пеглањето очигледно многу тешко им паѓа на сите, па, така, може да се случи државата да остане без претседател со години.
И кога ќе се изблокира изборот на претседател на државата, остануваме без една институција, енергијата наместо на битни нешта, ќе се троши на бескрајни партиски убедувања, средби во Клубот на пратениците, изјави од типот „само што не сме се договориле…“. Ќе трпат граѓаните, ќе трпи економијата, државата воопшто. Ниту еден инвеститор не сака нестабилна политичка сцена. Доволно е да се погледа либанското сценарио. Либан е мултиетничко општество слично на македонското, но таму две и пол години нема претседател на државата оти тамошните политички субјекти не можат да се договорат за кандидатот. Во меѓувреме земјата тоне во корупција, во сиромаштија, институциите не функционираат, економијата е во колапс, така што лошиот концепт успеа целосно да уништи една земја што своевремено беше најубав бисер на Медитеранот.
Никој не сака да ѝ се случи тоа на Македонија и затоа од страна на сите политички лидери мудро е да се следи концептот преку кој претседателот добива широк народен легитимитет.
Имено, претседателската функција во земјава, иако со помали ингеренции, сепак е еден вид коректор на извршната власт, а згора на тоа претседателот е и врховен командант на вооружените сили. Од тие причини, изборот на претседател треба да има широк легитимитет што му го даваат граѓаните на непосредни избори и тој така всушност го застапува гласот на народот. Во спротивно, ако изборот на претседател би се одвивал во Собранието, тогаш неминовно е да се намалат претседателските надлежности и тој да има само обична протоколарна функција, да се фотографира со странски гости, да прошета некаде ако го поканат, да има едно новогодишно обраќање во Собранието, да се појави во ОН на некоја сесија на која ќе прочита нешто за климатските промени и за мирот во светот и толку.
Затоа треба внимателност кога се даваат изјави од типот „претседателот да се избира во Собрание“ и дека „тоа ќе било ново достигнување на албанската етничка заедница во Македонија“. Дополнително, уште и дека „највисоките функции во државата мораат да ги делат двете најголеми заедници“. Зошто? Што е со другите? Тие немаат право да бидат на функција?
Некои политичари во земјава треба конечно да сфатат дека е дојдено времето кога треба да им се обраќаат на сите граѓани, да работат во интерес на сите граѓани, а не пораките да ги упатуваат само кон нивната заедница. Претседателската функција најдобро може да го демонстрира тоа бидејќи околу квалитетен и доблесен кандидат можат да се обединат сите. Вака, како што предлагаат Таравари и Ахмети, дури и изборот на претседател на државата ќе се претвори во една голема циркуска претстава, небаре дошол циркусот „Медрано“, со оглед на сите „циркуси“ што ги видовме во македонското собрание сиве овие години. На оваа држава најмалку ѝ е потребен уште еден „циркус“.