Ако ние слушаме и беспоговорно прифаќаме што сè ќе ни кажуваат разни европски „тројки“, „четворки“ и слични формации, тогаш да ставиме катанец на државата и да дадеме други да ни ја водат. Продавањето финти дека ако не се направат уставните измени земјава ја чека изолација веќе не поминуваат ни кај обичните граѓани. Тие се достоинствени луѓе, сакаат гордо и исправено да чекорат кон ЕУ, а не некој да се мајтапи со нив и да ги зафркава „ајде уште ова, уште последната пречка, уште два-три чекора“. Ни треба достоинствено водење на политиката!
Како што од ден на ден растат горештините и летото ја покажува сета своја силина, така катадневно расте притисокот од меѓународната заедница што поскоро да се направат уставните измени и Македонија во ноември конечно да почне да отвора преговарачки поглавја.
Последна ваква порака стигна завчера од страна на европската тројка составена од дипломати од Австрија, Чешка и од Словачка, испратени да го пренесат аберот од европскиот шеф на дипломатијата Жозеп Борел, дека обврската што е преземена од страна на македонската влада за уставни измени мора да се исполни.
Тројцата евродипломати констатираа дека земјава истрчала голем и долг маратон и дека сега не требало да се сопне на последната пречка. Колку што се моите скромни познавања од атлетиката, во дисциплината маратон не би требало да има пречки, само очигледно кога оваа дисциплина ја трча Македонија, не само што има пречки туку не се знае уште колку ќе ги има до целта. А тоа е така затоа што за нашиот маратон правилата за трчање ги одредуваше најпрво Грција, па малку Франција, за на крајот главен арбитар да стане Бугарија. Сега официјална Софија успеа целосно да ни ја трасира патеката за трчање, ама уште не пукнала со пиштолот за старт на маратонот бидејќи чека да ги ставиме Бугарите во Уставот, за да може потоа да трчаме по нивната одамна уредена патека.
Некој сега ќе намршти веѓи и ќе рече, па ние трчаме маратон по европската патека, каква бугарска, кога ќе почнеме да отвораме поглавја никој нема да ја ферма Бугарија и нејзините забелешки, наше е само да ги внесеме Бугарите, само тоа и готово е, јуриме спринт.
Па не е баш така едноставно, а она што веќе се случува во македонскиот образовен процес јасно покажува дека бугарската стогодишна агенда не само што е жива туку успешно се инсталира институционално. Имено, реформите во наставната програма за шесто одделение во основното образование, односно за изземањето на тематското подрачје со историскиот дел во предметот Македонски јазик, отворија повеќе аспекти за анализа меѓу кои и она дека „со реформите во образованието всушност се реформира општеството“. А како се реформира, така што од програмата за четврта година се изземени од обработка делата од современата македонска литература „Црно семе“ од Ташко Георгиевски и „Црнила“ од Коле Чашуле, исклучиво поради содржината на делата, во кои се говори за теми и личности поврзани со историјата, животот и страдањата на Македонците во егејскиот и пиринскиот дел на Македонија. Надлежните и натаму продаваат некаква мантра дека делата не се изземени, туку дека во иднина ќе се обработуваат како лектири. Да не се лажеме, сите знаат дека новите генерации ниту читаат лектири, ниту пак некој ќе ги натера да читаат. Згора на тоа, за две-три години лесно ќе се сменат и задолжителните лектири, па не треба да изненадува ако и од таму ги снема. Повеќе од јасно е дека сето ова се прави поради спроведување на условите од Преспанскиот договор со Грција и Договорот за добрососедство со Бугарија, а не затоа што некому му текнало да направи вистински образовни реформи. Впрочем, такви реформи не се прават за да се избрише минатото на македонскиот народ, туку да се подобри образовниот процес, кој ваков каков што е, едноставно е очаен.
Но нејсе, сето ова е добро координирано со работата на мешаната комисија за историски прашања, која демек не работи, но сите други постапуваат по веќе зададените инструкции, да се избрише македонското минато под бугарска окупација и да се заборави на егзодусот на Македонците од Егејска Македонија.
И сето ова е поврзано со нашиот „маратон со пречки“, оти прво ќе го редефинираш образованието по тертипот на соседите, а потоа така ќе се однесуваш и во надворешната политика – понизно, да не речам понижувачки.
Ако ние слушаме и беспоговорно прифаќаме што сè ќе ни кажуваат разни европски „тројки“, „четворки“ и слични формации, тогаш да ставиме катанец на државата и да дадеме други да ни ја водат. Продавањето финти дека ако не се направат уставните измени земјава ја чека изолација веќе не поминуваат ни кај обичните граѓани. Тие се достоинствени луѓе, сакаат гордо и исправено да чекорат кон ЕУ, а не некој да се мајтапи со нив и да ги зафркава „ајде уште ова, уште последната пречка, уште два-три чекора“. Ни треба достоинствено водење на политиката!
Сега пак некој душегрижник ќе каже ама Македонија е слаба, не е Шведска, не можеме да се мериме со неа. Можеме да се мериме со сите ако луѓето што ја водат оваа држава се грижат за нејзините интереси, а не за партиските и личните. Тоа е единственото паметно што завчера го кажа фамозната европска тројка, државните да се стават над партиските интереси.
Па македонските граѓани тоа го бараат повеќе од три децении, не треба ЕУ да ни го кажува. Сите одамна бараат да се прекине со лошото владеење и конечно државните и интересите на граѓаните да дојдат во прв план, наместо партиските. За жал, тука повеќе се води сметка да се задоволат интересите на Европа и на соседните земји отколку на Македонија. Затоа системски се разградува државата, се избриша македонскиот идентитет и се создава држава што нема да има никаква врска со македонскиот народ. Тој полека се сведува на етничка група што ќе живурка во некоја надворешно администрирана територија врз која правилата ќе ги одредуваат малцинските заедници, односно соседните држави. Затоа е инсистирањето за внесувањето на Бугарите во Уставот и затоа е молкот од страна на Европејците секогаш кога ќе бидат прашани дали е ова последната „пречка“ од Бугарија на нашиот „маратон со пречки“. Ако беше поинаку, зошто едноставно не се впише македонскиот народ во Уставот како главен носечки во државата Македонија, а сите малцински заедници, вклучувајќи ја и бугарската, да бидат споменати во продолжение? Зошто не се тргне балансерот и не почне вработување според знаење и способност, а не според бројки колку Македонци, Албанци, Роми, Срби, Власи и други треба да бидат вработени? Одговорот е едноставен, затоа што никаде нема да можат да влезат деструктивните кадри чија основна функција е да ги разградат македонските институции и тоа дебело да го наплатат преку разни тендери, бонуси и други привилегии.
Да сумирам, никој не треба да има илузии дека на ЕУ толку многу ѝ е гајле за Македонија и дека затоа треба итно да ги направиме уставните измени. Не мора ништо да направиме, туку единствено нешто што е итно, тоа е да си ја средиме државата. На народот му е смачено веќе, згора на тоа гајле му е што велат ЕУ и нејзините ешалони што катадневно ни трубат „уставни измени, уставни измени“… Единствено нешто што му е важно е да се ослободат институциите од партиските неспособни кадри, да се прочисти правосудството од политичките извршители на секоја власт, да се изгради здрав образовен и здравствен систем, да се започне решителна и неселективна борба со корупцијата и криминалот… Ако ова не се направи, земјава ја чека уште еден многу долг маратон, се разбира со пречки.