Македонското малцинство е еднакво на целиот наш национален идентитет

Негирањето на постоењето на Македонците како малцинство во Бугарија, всушност е негирање на постоењето на Македонците и во државата Македонија и притисок за признавање на „бугарските корени“. Бугарската логика е – нема Македонци во Бугарија, затоа што и Македонците во Македонија се всушност „заведени Бугари“, а македонската нација треба да се „ребугаризира“. „Непостоењето“, пак, на посебна нација во одредена држава, според бугарската логика ја прави легитимна цел за територијални претензии, уште повеќе што тие се издигнати на ниво на историско-национална фикција и фрустрација во Бугарија

Посетата на бугарскиот премиер Кирил Петков на Македонија пред некој ден, на 18 јануари, требаше да биде уште еден нов почеток на македонско-бугарските односи, уште едно рестартирање на софтверот што по дифолт се блокира кога програмата ќе се подигне до посебноста на македонскиот национален идентитет. Во име на таквиот нов почеток, Македонија уште еднаш даде гаранција дека нема територијални претензии спрема Бугарија. Пред посетата на Петков, од земјава била испратена дипломатска нота испратена до Обединетите нации со објаснување дека краткото име (со географска одредница) на државата, на никаков начин не имплицира територијални претензии кон Бугарија, зашто соседите сметаа(т) дека Северна Македонија како географски регион се протега пошироко од границите на Република С. Македонија, како административно-политички ентитет. Затоа Петков во Скопје го употребуваше новото уставно име на Македонија и со, и без „Република“, веројатно сакајќи да остави впечаток дека е исполнета една точка од оној бугарски предлог со услови за повлекување на ветото за македонските интеграции, т.н. 5+1. Но бугарскиот премиер и покрај „ентузијазмот“ за приближувањето на позициите, односно сведувањето на 5+1, на 4+1, и ветувањето за авионска линија Софија – Скопје за два месеца, сепак не дозволи да му попушти концентрацијата и да даде реципрочни, макар симболични гаранции дека ниту Бугарија нема територијални претензии спрема Македонија. Дури особено внимаваше да не го именува македонскиот јазик, задржувајќи се на формулацијата од Договорот за добрососедство, „официјалните јазици на државите“.
Новите премиери на Македонија и на Бугарија, Ковачевски и Петков, го утврдија и новиот пристап во преговорите, така што ќе се формираат пет работни групи: за инфраструктура, економија, образование, култура и евроинтеграции, кои ќе се среќаваат еднаш неделно… Но Бугарија и понатаму останува на истите позиции, оние од декларацијата на бугарското собрание од 2019 г., но со идеја на бугарскиот премиер „прашањата да се решаваат поинаку?!“ Сепак, потврдено е дека историската комисија продолжува со работа без промени во методологијата.

Иако навидум намален условувачкиот пакет на Бугарија за повлекување на ветото, и понатаму нема гаранции дека тоа навистина ќе биде сторено и дека понатаму нема да има други услови за започнување на преговорите на Македонија за членство во ЕУ и понатаму во преговарачкиот процес. Па така, надградбата на македонско-бугарските односи, поставена на старите бугарски позиции, кои се сведуваат на изнудено признание за „бугарските корени“ на Македонците, непостоење на македонско малцинство во Бугарија и македонскиот јазик – „дијалектна форма на бугарскиот“, сѐ повеќе наликува на дивоградба врз непостојни, само замислени темели. Бугарија и понатаму нема намера да ги почитува и применува универзалните вредности вградени во документите на ООН, ЕУ и принципите на меѓународното право за самоопределување и самоименување, како базично човеково право. Токму пред посетата на Скопје, новиот бугарски премиер категорично ја реафирмираше инкриминираната анахрона позиција на неговата држава, од времето на комунистичкиот лидер Тодор Живков, дека во Бугарија нема македонско малцинство и дека за тоа никако не треба да стане збор дури и со новиот почеток на македонско-бугарската комуникација и покрај 17-те пресуди на Европскиот суд за човекови права, токму во корист на македонските здруженија во Бугарија.
Како што од Македонија постојано некој од соседите бара гаранции дека нема територијални претензии спрема нив, исто така, спротивно на сите меѓународни конвенции за човекови права, во разни пригоди таа е принудена да се откажува од интересот за Македонците надвор од нејзините државни граници. По секое споменување на реалноста на постоењето на македонското малцинство во нивните земји, соседите како Бугарија (и Грција) обвинуваат за мешање во нивните внатрешни работи. Иронично, но менувајќи ја стратегијата за да го оправда своето вето за македонските евроинтеграции, Бугарија пак се сети да конструира бугарско малцинство во Македонија, за кое сега бара „место“ во македонскиот устав.

Негирањето на постоењето на Македонците како малцинство во Бугарија, всушност е негирање на постоењето на Македонците и во државата Македонија и притисок за признавање на „бугарските корени“. Бугарската логика е – нема Македонци во Бугарија, затоа што и Македонците во Македонија се всушност „заведени Бугари“, а македонската нација треба да се „ребугаризира“. „Непостоењето“, пак, на посебна нација во одредена држава, според бугарската логика ја прави легитимна цел за територијални претензии, уште повеќе што тие се издигнати на ниво на историско-национална фикција и фрустрација во Бугарија. Тоа е целата суштина на списокот на услови во т.н. план 5+1, сега наводно сведен на 4+1. И затоа е постојаното инсистирање Македонија да дава гаранции за немање територијални претензии и јавно откажување на владини претставници од македонското малцинство.
Иако под притисок, независна Македонија само два месеца по усвојувањето на Уставот во ноември 1991 година ја укина уставната одредба за грижа за Македонците во соседството, а подоцна тоа го потврди и со билатералните договори, како потписничка на меѓународни документи за човековите права, во кои спаѓаат и правата на здружување на малцинствата, има обврска да го заштити секој оној кому му се загрозени правата. А за загрозеноста на човековите права на Македонците во Бугарија, погласно од аларм одекнуваат 17-те пресуди на Европскиот суд за човекови права. Впрочем, единственоста на македонскиот национален супстрат ја претставуваат Македонците што живеат во државата Македонија, но и оние во соседството (иако државјани на соседните земји), како и низ целиот свет. Правото на секој од нив, каде и да е тоа македонското малцинство, секаде и секогаш е еднакво на целиот национален идентитет.