Да, денеска сите ќе се пошегуваат на нечија сметка и не треба никому да му се зема за зло. Но овие шеги можеби се добра поука за сите нас, каде сме и што можеме да направиме. Во сите овие шеги има голема вистина, која е тука пред нашите очи, но која можеби некој намерно не сака да ја види. Истовремено, овие шеги се и пораки до политичарите, што сè пропуштиле и пропуштаат да направат за својата држава и народ
Војната во Украина конечно го вклучи алармот во Брисел и од ноќеска на полноќ Македонија е новата полноправна членка на Европската Унија. Советот на ЕУ, загрижен поради можното прелевање на кризата и на Балканот, вчера одржа итен состанок на кој беше донесена едногласна одлука дека во согласност со старата методологија, единствено Македонија ги исполнува сите услови моментално да стане полноправна членка на Унијата. Одлуката за полноправно членство ги изненади сите, но францускиот претседател Емануел Макрон, чија земја претседава со Унијата, истакна дека итниот прием на Македонија се должи на новите геополитички состојби, но пред сè на исполнетите критериуми.
– Драго ми е да соопштам дека Македонија му се придружи на европското семејство, уште повеќе дека тоа се случи под француското претседателство. Со овој чин, ЕУ докажа дека е кредибилен партнер и дека си стои на зборот. Членството на Македонија е резултат на повеќегодишни преговори, а не се случува прекуноќ како што многумина помислија. Имено, уште од добивањето на кандидатскиот статус во 2004 година, македонските власти се согласија да преговараат со ЕУ под поинаков таен формат бидејќи поинаку не беше возможно поради забелешките од страна на Грција. Низ годините заедничките тимови работеа, се отворија и успешно се затворија сите поглавја, така што одлуката Македонија сега да стане полноправна членка на Унијата е резултат на успешно завршената работа. Македонци, добре дојдовте – порача Макрон во поздравното обраќање синоќа (на 1 април) во Брисел, откако во европскиот мозаик го додаде и парчето со Македонија.
Веста за приемот на Македонија во ЕУ одекна како гром на Балканот, но и пошироко. Слави Трифунов, Екатерина Захариева, Ангел Џамбаски на своите фејсбук-профили упатија срдечни честитки за приемот на Македонија во ЕУ, истакнувајќи дека конечно двете земји ќе можат да градат заедничка иднина, наместо како досега да се обременуваат со минатото. Вчера непосредно пред 1 април експресно бугарските судови го регистрираа ОМО „Илинден“ – Пирин и пристапија кон реализација на сите пресуди на Судот за човекови права од Стразбур. Истовремено, на последната седница на бугарското народно собрание, бугарските пратеници изгласаа поништување на фамозната декларација, со која се негираа македонскиот идентитет, јазик и историја, констатирајќи дека таквите позиции не соодветствуваат со европските вредности. Оваа одлука на бугарските пратеници беше поздравена од претседателот Румен Радев, кој телефонски го извести неговиот македонски колега Стево Пендаровски дека Бугарија како членка на ЕУ сака да негува демократски вредности, кои подразбираат да нема негирање на ниту еден народ, особено не на пријателски и братски народ како македонскиот. Радев јасно и гласно ја призна и посебноста на македонскиот народ, на македонскиот јазик и македонскиот идентитет, при што не можеше да се воздржи и ја запеа и песната „Македонијо ти си бисер балкански“.
Во меѓувреме заседаваше и грчкиот парламент и еднострано ја раскина Преспанската спогодба, по што ги информира македонските власти дека Атина писмено ги известила Обединетите нации дека Грција, како лулка на демократијата, смета дека светот треба да се врати кон неприкосновеноста на меѓународното право и затоа го повика Советот за безбедност да донесе нова резолуција со која на земјава повторно ѝ се враќа старото уставно име, „Република Македонија“, а грчката влада веќе испратила нота до македонската влада во која ја информира дека ја признава соседната држава под името што самата го одбрала.
Сето ова се само убави примери како Балканот и светот треба да функционираат постојано, а не само како повод за првоаприлска шега, кога, нели, сѐ е дозволено и лесно остварливо. Во ова време-невреме, веројатно, никому не му е до шега, но можеби токму тоа е и начинот да се искажат проблемите и недостатоците во функционирањето на светот генерално.
Но убаво е кога се мечтае, макар дури и во сон, кога реалноста е толку далечна.
Па ајде да продолжиме и понатаму во тој стил. Кога ако не сега? Кога ако не на 1 април?
Зошто баш на тој ден се соочивме со нашата реалност, европска Македонија што три децении макотрпно градеше држава што денес е пример за сите.
Успехот започна во моментот кога политичките партии во земјава вистински се демократизираа, ги променија партиските статути и овозможија одлуките да се носат преку демократска расправа. Претседателите на партиите добија само протоколарна улога, а за сè друго одлучуваа партиски тела. Изборот на кандидатите за пратеници, директори, градоначалници одеше исклучиво според квалитетот и способноста на кандидатот. Дополнително, во земјава престанаа да постојат партии со етнички предзнак, туку само со идеолошка матрица. Оние што станаа „зелени“, навистина се посветија на зелената агенда, а не како порано да прогнозираат етнички проценти на пописот, да прогласуваат градови како воени пленови, да не можат да се замислат како опозиција…
Ваквиот нов начин на функционирање на партиите овозможи да исчезне поделеноста во македонското општество по секоја основа, престанаа вработувањата по етнички клуч, престанаа влијанијата во судството, а Обвинителството конечно почна да го гони секој оној што се огрешил од законот. Тоа помогна да се намали корупцијата на ниво нула, а граѓаните гледајќи дека политичарите станаа свесни и одговорни, престанаа да ја практикуваат ситната корупција кога одат на лекар, кога сакаат да им се заврши некоја работа и слично.
Од корен се промени и работата на Собранието, кое ако некогаш беше неефикасно и постојано блокирано, сега работи во три смени. Дури има опција и за онлајн работа. Она што може да се види на собраниските седници е академска дебата по секој закон, аргументи за и против, амандмани само кога има потреба да се подобри некое законско решение. Добра вест беше одлуката на пратениците парите наменети за патни трошоци да ги пренасочат во фонд за хуманитарна помош. Во таа насока, за поздравување беше трансформацијата на собраниското и владиното бифе во народни кујни.
Ех, само уште да не беше 1 април.
Но, сепак, е Денот на шегата и може слободно да се каже како Македонија ја донесе Европа дома. Соочени со енергетската и економската криза, политичките елити во земјава изготвија заедничка стратегија и овозможија изградба на капитални енергетски проекти, кои ја направија државата целосно енергетски независна. Долго најавуваните Чебрен и Галиште конечно профункционираа, на секој индивидуален дом во земјава државата постави фотоволтаици и македонските граѓани сега имаат бесплатна енергија. Тоа придонесе целиот возен парк да се префрли на електричен погон, така што сега квалитетот на воздухот е секогаш во зелено. Проработе и граѓанската свест кога луѓето конечно сфатија дека државата се грижи за нив. Ги снема дивите депонии, отпадот почна да се рециклира и од него да се добива енергија.
Токму таа евтината енергија, домаќинското работење, странските инвестиции, поставувањето на бројчаникот, кој сега наместо задолжување брои раздолжување, придонесоа за кревање на стандардот на граѓаните. Во моментот минималната плата во земјава е 1.400 евра, а просечната достигна 3.000 евра, со тенденција и натаму да растат.
Пресвртна точка стана моментот кога државата сериозно пристапи кон развој на земјоделството, па сега од земја увозник, станавме регионален извозник на земјоделски производи. Ако порано младите се иселуваа, сега има масовно враќање, па дури и граѓани од други европски земји доаѓаат да работат тука. Желби и барања за доселување во Македонија има од Минесота, па сѐ до Владивосток. Одеднаш, сите посакаа да го живеат македонскиот сон.
Ех, само уште да не беше 1 април.
Да, денеска сите ќе се пошегуваат на нечија сметка и не треба никому да му се зема за зло. Но овие шеги можеби се добра поука за сите нас, каде сме и што можеме да направиме. Во сите овие шеги има голема вистина, која е тука пред нашите очи, но која можеби некој намерно не сака да ја види. Истовремено, овие шеги се и пораки до политичарите, што сè пропуштиле и пропуштаат да направат за својата држава и народ. Денеска е 1 април, ќе си кажеме априли-ли-ли и ќе се пошегуваме, но од утре веќе ѓаволот ќе ја однесе шегата и затоа крајно време е да се почне домаќински и одговорно да се работи во оваа земја. За да не ни преседне шегата.