Патот кон ЕУ, колку и да биде трновит, со сопки и предизвици, треба да се сфати и како можност уште посилно, однатре да се истакнат нашите аргументи. Како еден вид калење на челикот. Низ институциите и органите на ЕУ, низ целиот тој процес на пристапување да се искали, да се зајакне и да се истакне чувството за нашата идентитетска, културна, јазична, историска посебност како народ и како држава. И тоа јасно и гласно, постојано и постојано да ѝ се предочува и повторува на Европа
Никој не може да ви наштети повеќе колку што можете самите себеси. Оваа народна мудрост се покажа како целосно точна, за жал, и во однос на Македонија. И кога на ова ќе се додадат уште неколку, за наши прилики, веќе хронични слабости и мани, како неукост, паушалност, полтронство, алчност, безидејност, тогаш сликата е комплетна, а штетата уште поголема. Македонија, ќе кажам повторно, и сега и во минатото, за жал, трпи штета од оние што треба да ја водат, да ја чуваат и да ја бранат. Сите страдаме поради плиткоумноста на поличките раководства и немањето чувство за интересите на граѓаните и државата. И тоа се покажало во низа примери. Во моменти кога треба да се носат стратегиски, издржани и мудри одлуки ни се случуваат киксови од кои потоа тешко закрепнуваме. Последен и најсвеж пример е поднесувањето на едностраната македонска изјава во Брисел, чија првенствена цел беше да се осигури употребата на чиста формулација за македонскиот јазик во документи на Советот на ЕУ, без какви било објаснувања, додавки или фусноти. Но наместо тоа, направен е необјаснив историски преседан, со кој се задира во македонистичките темели. Поткопани се длабоките, вековни корени на македонскиот јазик, при што временски и просторно се омеѓува континуитетот на употребата на македонскиот јазик, што е спротивно на вистината и сите научните факти. Наместо да се зацврсти и бетонира македонскиот јазик во телата и органите на Унијата, со една ваква, во најмала рака неписмена и неточна изјава, тој се деградира и девалвира. И притоа оние што ја поднеле изјавата не чувствуваат никаква потреба да им се извинат на македонскиот народ и на научната јавност за направената грешка и штета, туку опстојуваат на ставот дека изјавата треба да остане. Зошто да остане?!..
Па затоа што извинувањето и повлекувањето на изјавата би значело директно признавање на политичката грешка. А такво нешто е незамисливо за македонски прилики. Кој македонски политичар и функционер досега признал дека згрешил. Сите се „безгрешни“. Само што со своите потези нѐ влечат во жив песок сите нас. Сепак и од една ваква мрачна перспектива, во која самите се втурнавме, треба да се бара некоја ведра страна. А како таква прозвучи тезата на една наша еминентна научничка од Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“, која смета дека ниеден јазик во светот не може да биде признаен. Со други зборови, секој јазик, и официјален и неофицијален, може само да постои или да не постои. А македонскиот јазик, постоел и опстојувал низ вековите и ќе постои засекогаш. Внатре и надвор од границите на Македонија. Македонскиот јазик е жив и ќе живее секаде каде што има Македонци. Тоа е вистината. А за негова верификација не ни треба никаква политички составена изјава. Самите Македонци во Македонија и низ светот се најголемата и најсилна верификација за вековитоста на македонскиот јазик. Толку во врска со јазикот. Во продолжение неколку збора и за „историското ДА“ во Брисел и почетокот на преговорите со Европската Унија. Колку овој настан е навистина историски и колку почетокот е навистина почеток. Затоа во интерес на јавноста и вистината мора прецизно да се предочат сите факти, за да не се остави простор за каква било политичка манипулација, какви што имаше деновиве. А фактите се следните. Македонија неодамна, со првата меѓувладина конференција не ги почна преговорите со ЕУ.
На 19 јули добивме само најава дека некогаш во иднина може да ги почнеме. Тоа беше само почеток пред вистинскиот почеток. И притоа за првпат во историјата на Европската Унија, Брисел направи преседан и ни испорача почеток пред почетокот. Никогаш досега во историја на Унијата и на ниту една друга земја-кандидат не ѝ било побарано да го смени својот устав за да може да ги почне преговорите за влез во Унијата. Такво нешто нема ниту во Копенхашките критериуми ниту во кој било друг документ или услов за ЕУ. Освен можеби во софиските критериуми, кои, за жал, станаа европски. Ете, тоа е тој историски исчекор на Брисел. Колку е тоа неиздржано и понижувачки, од секој аспект, во некоја друга прилика. Ќе имаме навистина доста време да се осврнеме пак на ова до почетокот на вистинскиот почеток, независно дали и кога ќе биде, ако воопшто биде. Иако искрено очекував многу поголем отпор внатре во самата Унија на вака наметнатите уценувачки апсурди кон Македонија. Но очигледно во европски театар на преседани, Македонија котира на самиот врв.
Колку е само ваквиот „ексклузивен услов“ од ЕУ до Македонија за внесување на бугарското малцинство во Уставот на Македонија, неприроден, антидемократски антиевропски, па ако сакате и понижувачки, па дури и геноциден, потврда се и самите изјави на челници од ЕУ, кои признаваат дека со ова направиле преседан кон Македонија. И посакуваат тоа веќе никогаш да не им се повтори со која било друга земја. Како апсурдите и преседаните да се резервирани и ексклузивни само за Македонија. Времето ќе покаже дека Европа има со што да се срами поради ваквиот нејзин однос кон Македонија. Убеден сум и дека токму ваквите преседани што Европа ги направи кон Македонија во иднина ќе ѝ се вратат како бумеранг и ќе удрат врз нејзина глава. Како што тоа се случувало и претходно со низа други одлуки, бегалската криза, причините за брегзит, здравствената криза со ковид-19, енергетската криза, војната во Украина итн. Токму Европа изминативе месеци одвојуваше милијарди евра за воени цели наместо да мисли на своите граѓани и енергетската криза. Сега стравуваат како ќе се греат во зима и носат одлуки за намалување на потрошувачка на енергенти. Во однос на европскиот услов за внесување на бугарското малцинство во Уставот на Македонија, тоа е само уште потврда за апсурдноста и парадоксалноста на ваквите барања и политики. Еве, хипотетички и да се исполни тој услов и да влезат Бугарите во Уставот на Македонија. Прашувам на кој јазик ќе биде запишано тоа бугарско малцинство во македонскиот устав. На македонски, се разбира. Односно на јазикот што Бугарите, нели, не го признаваат. Па каква е таа дволичност, лицемерство и политички театар. Да се чуди и крсти човек со двете раце. Патем, Бугарија уште одамна го има признаено македонскиот јазик, и тоа со меѓународен договор. Ова никој не го споменува и се крие од јавноста.
Но, еве, нека знае и Европа. Договорот со кој Бугарија го признава македонскиот јазик е ратификуван од бугарското собрание и е објавен во нивниот „Службен весник“. Во 1956 година, некогашна СФРЈ и Бугарија имаат потпишано меѓународен договор за заемна правна помош. Во членот осум на тој договор на граѓаните на двете држави им се одобрува барањата за правна помош да ги испраќаат на бугарски, српскохрватски, словенечки или македонски јазик. Значи, внимавајте, наведено е и на македонски јазик. Ете, тоа е вистината. Сѐ друго е валкан политички театар. Сосема за крај, неколку збора и за очекувањата и перспективите за понатаму. Македонија 17 години се бори и настојува да ги оствари своите стратегиски и генерациски заложби за членство во ЕУ. Во таа насока секој исчекор кон ЕУ, кој нема да биде на штета на македонските национални интереси и идентитетски прашања, е за поздравување. Како што претходно споменав за јазикот, истото тоа се однесува и на народот. Овој македонски народ успеал да опстои низ вековите и никогаш не дозволил никој да го понижи ниту покори. Патот кон ЕУ, колку и да биде трновит, со сопки и предизвици, треба да се сфати и како можност уште посилно, однатре да се истакнат нашите аргументи. Како еден вид калење на челикот.
Низ институциите и органите на ЕУ, низ целиот тој процес на пристапување да се искали, да се зајакне и да се истакне чувството за нашата идентитетска, културна, јазична, историска посебност како народ и како држава. И тоа јасно и гласно, постојано и постојано да ѝ се предочува и повторува на Европа. Кога сте во игра, можете да победите или да изгубите. Но Македонија во оваа игра не смее да изгуби. Сега некој сака да ја префрли оваа игра на теренот на Македонија, па дома ние самите да се ’рвеме и кошкаме колку сме или не сме за Европа. Такво нешто не смее да се дозволи, бидејќи им оди во прилог само на оние што не ѝ мислат добро на државата. Тоа е принципот раздели, па владеј. Клучната теза е дека, всушност, сите сме за Европа. Но истовремено најголемото мнозинство граѓани се, пред сѐ, за Македонија.Тоа е и единствената добитна комбинација за Македонија, но и за Европа. Друго нема.