Во ситуација кога тоа не е неопходно, упорното инсистирање на користење на наметнатото име предизвикува револт и неприфаќање кај добар дел од јавноста. Толкувањето или оправдувањето дека тоа е официјалното име на државата може слободно да падне во вода, бидејќи и во времето кога ни беше наметната кованицата БЈРМ, најголемиот дел од спортските федерации го игнорираа тоа, па на меѓународни настапи одевме со името Македонија, а ако тоа беше оспорено од грчка страна, ја користевме кратенката МКД, која не е спорна и е прифатена и утврдена како таква
Македонскиот актер Митко Апостоловски, кој прерано нѐ напушти пред нецела година, засекогаш ќе остане запаметен по легендарната реплика „Македонија е свето име, бе, мамето ваше“ во филмот „Трето полувреме“ на Дарко Митревски. Филмот, кој, за жал, тешко дека во скоро време повторно ќе го гледаме поради стравот дека тоа може да ни ги расипе „добрососедските“ односи со Бугарија, имаше неколку антологиски сцени, кои засекогаш ќе останат запаметени кај сите оние што знаат што сакаат. И зошто.
Токму таа сцена деновиве ми излезе пред очи и неповторливите зборови на Митко Апостоловски повторно добија на свежина и актуелност. Како да се изречени денес и овде. И тежат.
Повод за тоа е потегот на младиот кошаркар Тома Стојаноски, кој по доделувањето на медалите по финалето на Европското младинско првенство од Б-дивизијата, кое се одржа во Скопје, направи гест што беше поздравен од многумина. Имено, Стојаноски го преклопи дресот и го „покри“ делот кај што пишува Северна за да се фотографира само со името Македонија на дресот.
Фотографиите и видеоматеријалот од овој чин со голема брзина се распространија низ социјалните мрежи, проследени со зборови на одобрување и поддршка за младиот спортист. Тој стана вистински хит на социјалните мрежи и покажа уште еднаш дека сцената од „Трето полувреме“ не е фикција, туку живее и натаму.
Токму овој настан уште еднаш ги отвори прашањата што во повеќе наврати се актуализираат, но дел од јавноста како да не сака да ги слушне. Пред сѐ, тоа е несогласувањето со наметнатото име кај огромен дел од Македонците, не само поради начинот на кој бевме условени да го прифатиме туку и поради тоталното игнорирање на другата страна, под чиј притисок и уцени бевме принудени на таков чекор.
Треба ли да се спомнува дека другата страна нема ни една запирка или точка сменето од нивна страна, а нам ни се наметна психоза дека без Северна нема воздух за нас.
Во ситуација кога тоа не е неопходно, упорното инсистирање на користење на наметнатото име предизвикува револт и неприфаќање кај добар дел од јавноста. Толкувањето или оправдувањето дека тоа е официјалното име на државата може слободно да падне во вода, бидејќи и во времето кога ни беше наметната кованицата БЈРМ, најголемиот дел од спортските федерации го игнорираа тоа, па на меѓународни настапи одевме со името Македонија, а ако тоа беше оспорено од грчка страна, ја користевме кратенката МКД, која не е спорна и е прифатена и утврдена како таква.
Впрочем, кога сме кај кошарката, треба ли да спомнуваме дека на Европското првенство во Литванија, кога го постигнавме најголемиот успех на овој спорт со влегувањето меѓу четирите најдобри европски селекции, настапивме без никакви ознаки на дресот. Зошто да се иритира делот од јавноста што не се согласува со наметнатото име. Зошто да се создава непотребна нервоза, па дури и кај кошаркарите или спортистите воопшто, ако тоа не е неопходно.
Многу прашања остануваат без одговор затоа што политиката има силно влијание и врз спортот, затоа што сите луѓе немаат еднаков однос кон националните белези и прелесно прифаќаат сѐ што ќе ни се наметне. Некојпат и без некое посериозно покритие.
Се разбира, таквото однесување наидува на најразлични реакции. Една од последните реакции на таквото однесување е на професорот Игор Јанев, кој живее и работи во Белград, инаку одличен познавач на меѓународното право, и кој е особено активен со своите текстови во одбрана на македонската вистина. „Самоопределувањето на националниот идентитет е основното колективно човеково право. Неприкосновено е правото на националниот идентитет. А ова право им е ускратено на Македонците по Преспанскиот договор“, е една од најчесто цитираните мисли на Јанев.
Тој во дијаспората почна нова акција DON’T YOU „NORTH“ ME!, или на македонски: НЕ „СЕВЕРИЗИРАЈ“ МЕ!, со која сака да ја подигне свеста меѓу нашите иселеници, но и да предизвика поширок фронт истомисленици што ќе ја рашират акцијата во земјите во кои живеат за да ги информираат тамошната јавност и официјалните органи во тие земји за нивниот став.
А што се однесува до состојбата во земјава, за среќа, не е мал бројот ниту на оние, како младиот кошаркар Тома Стојаноски, кои точно знаат кои се и од каде доаѓаат и кои сѐ уште ја одржуваат надежта дека зборовите што ги изрекува Митко Апостоловски во антологиската сцена не исчезнале во етерот, туку длабоко се врежале во колективната меморија.