- Нема срам од работа. Нема никому да му падне круната ако поднаучи занает, бидејќи тоа гарантира иднина на долг рок. ИТ-секторот можеби денес „тепа“ добри пари, но вештачката интелигенција веќе почна самата да пишува кодови и да креира системски решенија. На Македонија сега ѝ е потребна базична работна рака што ќе ја придвижи економијата. Во вакви турбулентни времиња мораме да се потпреме на себе
Велат дека мудроста секогаш доаѓа со годините, обично кога тие повеќе ќе натежнат, односно кога човек ќе завлезе во подлабока старост. Се сеќавам на една епизода од својот живот кога го завршувавме основното образование и кога требаше да одбираме кон што ќе се стремиме во животот. А што знае дете од 14 години, па уште и самото да одбере каде да се запише во средно училиште? Одеднаш сите стануваат советници: еден вели „оди во гимназија, после ќе можеш каде сакаш на факултет“; друг вели „најдобро учи за доктор, тие се најбарани“; трет додава „оди на право или економија – адвокат да бидеш, судија…“ Некој дури потфрлаше и за поп да се оди, демек тоа било уште подобро. И така, во тој хаос од совети и мисловна конфузија, се вклучи дедо ми. Седнат во дневната соба, потпрен на бастунот, малку подзамислен и со благо поднакривен шешир, ми рече: „Внучко, најдобро е ти да изучиш занает, оти со занает за тебе зима нема да има“.
Ех, си велев во себе, „занает“ – па тоа ми звучи многу ретро. Сакав нешто модерно, сакав технологија, сакав да го менувам светот… Летка паметот на тие години. Сега, многу децении подоцна, кога сфатив дека светот не се менува толку лесно, се потсетив на мудроста на мојот дедо. Тој бил свесен дека оние со занает во рацете секогаш добро живееле. Дури и во денешнава ера на вештачка интелигенција, занаетот останува неприкосновен. Едно неодамнешно истражување покажа дека технологијата ќе замени огромен број професии, но единствено каде што не може да го истисне човекот се токму занаетите. Вештачката интелигенција не може да лепи плочки, да поставува електрична инсталација, да ѕида ѕидови, да мести канализација или да поправи машина за перење. Таа можеби ќе ти каже како да го направиш тоа, но ништо не бидува без добриот стар мајстор. Оној, потсвлечен во работничкиот костим, со грмнато транзисторче од кое ечи „Мајсторе, мајсторе“ и со задолжителното потсвиркување на мелодијата со уста. Непроценливо.
Денешниве мајсторчиња се малку надвор од тој стереотип. Доаѓаат дотерани, намирисани, со современ алат и нови материјали, но пак некој треба физички да ја заврши работата. Сега, ако пробате да закажете плочкар, ќе бидете среќни ако ви најде термин за септември. Сè им е „букирано“. Работа колку сакаш, пари исто – испадна дека занаетот е најисплатлив од сè. Ќе рече некој: „Ама се мачат, дигаат, штемуваат…“ Точно, но и тука времињата се сменија. Сега штемува хилтата, меша мешалката, а плочките ги качува кран. Како што велат – никој не умрел од работа.
Поентата ми е дека во оваа држава има многу работа за оние со занает, а оние што се под завод имаат одлична можност за преквалификација. Иселувањето го направи своето, вештите раце заминаа во Европа, оставајќи празнина што ниту еден компјутер не ја пополнува. Но дел од нив веќе и се враќаат, сфаќајќи дека тамошната заработка брзо се топи кога ќе се платат високите режиски трошоци.
Затоа, нема срам од работа. Нема никому да му падне круната ако поднаучи занает, бидејќи тоа гарантира иднина на долг рок. ИТ-секторот можеби денес „тепа“ добри пари, но вештачката интелигенција веќе почна самата да пишува кодови и да креира системски решенија. На Македонија сега ѝ е потребна базична работна рака што ќе ја придвижи економијата. Во вакви турбулентни времиња, мораме да се потпреме на себе.
Тоа значи и враќање на земјоделството. Да ги обработуваме нивите што природата ни ги дала, да јадеме наши македонски домати јабучари, познатиот тетовски грав, кочански ориз, росомански праски… Имавме сè наше и домашно. Преквалификацијата кон земјоделството е шанса, но под услов државата да обезбеди пласман, субвенции и да ги тргне од врат концесионерите што немаат врска со земјата.
Преквалификациите можат целосно да ја „ресетираат“ Македонија. Младите треба да ги прифатат овие струки како перспективни, а образованието да се приспособи на новите потреби. Во матни времиња, само работата ќе нè одржи како општество. Крајно време е да престанеме да се срамиме од неа!































