Ма нема шанси мене да ми се случи тоа

Па не е можно да поверувале во тоа, што ли мислеле… Нема шанси мене да ми се случи такво нешто… Сигурно барем еднаш сте ги изговориле или сте помислиле на овие зборови кога сте наишле на вест што информира како некој останал без значителна сума пари, наседнувајќи лековерно на навидум очигледна, дури бесмислена финансиска измама… Постојано ги има, и покрај еднакво присутните апели од полицијата и медиумите до јавноста за претпазливост. Се чини дека народот упорно наседнува на исти финти, па дури и на некои нови, кои изгледаат уште попроѕирно отстрана. Можеби звучи грубо, но не случајно велат дека додека има овци, ќе има и кој да ги стриже.
Одреден граѓанин им дал 11 илјади евра на измамници, кои му кажале дека со сателити откриле оти во неговиот двор има злато што тие ќе го ископаат, брачна двојка во текот на речиси три години платила вкупно 400 илјади евра за услугите на наводен бајач, кој ги убедил дека врз нивниот син била фрлена зла магија што тој може да ја растури, старица спакувала и му фрлила од балкон 27 илјади евра на лажен лекар откако наседнала на неговата приказна дека треба да ја оперира нејзината ќерка, која е повредена во сообраќајка. Тие измами со измислени сообраќајни несреќи во кои најблиските наводно се повредени или им се заканува затвор, се чини дека се меѓу најчестите во последно време. Па родителите, во шок од ненадејното сознание, не прашуваат за пари за да ги спасат своите деца. Овие примери се само неколку од најсвежите и највпечатливи на кои ми текнува на прва, а ги има веројатно илјадници.
Еден од советите за заштита од измами е внимателност при споделување лични податоци и финансиски информации на интернет, но се чини дека тоа и нема баш значителен ефект, бидејќи деновиве можеше да се забележи како голем број луѓе оставаат чувствителни информации на објава на социјални мрежи преку која им се ветува можност да добијат куќа. Па побогу кој раздава куќи преку Фејсбук?!
Ако е за утеха на некој што бил жртва на финансиска измама, треба да се истакне дека и злосторниците ги унапредуваат методите, разработуваат шеми за мамење, се здружуваат во огромни групи, кои функционираат како претпријатија, користат напредна технологија… Па може да се случи со само еден клик да се остане без парите на сметка. Неделава пренесовме напис за тоа „како Албанија стана глобален центар на измамничката индустрија“, нудејќи им преку кол-центри непостојни инвестиции на жителите на Грција, Србија, но и на оние од Западна Европа.
Деновиве и мој пријател што живее во странство ми се пожали како измамници му извлекле четири илјади евра од лична сметка, откако преку телефон им дал податоци за да продолжи договор за користење антивирус-софтвер за заштита на неговиот компјутер, кој навистина бил пред истекување. Можам да гарантирам дека човекот е информиран и технолошки писмен, но злосторниците со добро разработена тактика го измамиле на моментно невнимание. Бргу потоа увидел дека се работи за измама, но веќе било доцна.

Финансискиот магазин „Форбс“ објави текст во кој изнесува теорија зошто добро образованите луѓе се поверојатни жртви на измами. Се тврди дека тие паѓаат на измами делумно затоа што се уверени дека не се вклопуваат во „профилот“ на вообичаените жртви и оти не можат да наседнат, бидејќи се премногу паметни или добро информирани, што ги прави помалку внимателни. Всушност, страдале поради сопствената висока самодоверба, како што се наведува во написот.
Софистицираните измами не ги одминуваат ниту политичките процеси, во обид да влијаат врз исходот, па така, измами со вештачка интелигенција неделава погодија две европски изборни кампањи. Во Република Ирска кружеше таканаречено дипфејк-видео во кое лажно беше прикажано како евентуалната победничка на претседателските избори Кетрин Коноли се повлекува од трката, а во Холандија беше откриено дека двајца пратеници стојат зад фејсбук-страница што промовирала дипфејк-фотографии со нивен политички ривал во текот на кампањата за парламентарните избори. Дипфејк е кованица од поимите за длабоко машинско учење и за лажни вести. Станува збор за технологија со која едни фотографии и снимки се монтираат врз други за лажно да се прикаже дека некој сторил или кажал нешто.
Земајќи ги предвид овие случувања, можеби има и поширок контекст што може да се согледа од оваа загрижувачка појава, освен личната штета што жртвите на измами ја трпат поради нивната лековерност, недоволна информираност или невнимание. Како луѓето одлучуваат при изјаснувањето за тоа кој ќе управува со нивната општина, град и држава? Дали паѓаат еднакво лесно на излитени политички ветувања, како и на оние за брзо богатење во веќе добро познатите измами? Ако веќе може да ги излаже целосно непознат човек што првпат го гледаат или слушаат, тогаш дали може да го стори истото и јавна личност на која се угледуваат и чие мислење го почитуваат? Ако даваат лични податоци на, во најмала рака, сомнителна онлајн наградна игра што им нуди можност да добијат куќа, тогаш ќе им ја дадат ли довербата на оние што петти пат во 20 години им ветуваат дека ќе ја асфалтираат баш улицата каде што тие живеат? И најпосле, како носат одлуки што влијаат врз иднината на државата и на сите нас?
Тоа се прашања за кои е помалку вознемирувачки да се размислува, па можеби едноставно треба да се надеваме на најдоброто, да бидеме оптимисти и да веруваме во разумното колективно расудување на народот, како и во заложбите на оние што ветуваат подобро утре. Во секој случај, ќе продолжиме да се бориме против измамниците, советувајќи ги граѓаните и понатаму да бидат претпазливи, да не споделуваат лични податоци со секого и да не наседнуваат на секакви ветувања.