Луѓето се најголемиот капитал

Во последниве години темата за одлив на мозоци, но и генерално за младинското иселување е сѐ поприсутна во јавноста и се препознава како сериозен општествен предизвик. Државата мора да ги менува економските политики за да се спречат ваквите трендови и состојби. Потребни се стратегии што нема да бидат само на парче хартија зафрлени во фиоките, потребни се сериозни реформски зафати, кои итно треба да се имплементираат. Населението ќе старее. А една држава без работоспособно население нема да може да создаде економски раст и развој, тие се двигател на секоја економија и на општествениот развој

Македонија сѐ поинтензивно и посериозно се соочува со проблемот на таканаречениот „одлив на мозоци“, односно иселување на високообразовани луѓе од државата. Во последниве години темата за одлив на мозоци, но и генерално за младинското иселување е сеприсутна во македонскиот етер и се препознава како сериозен општествен предизвик. Заминувањето на високообразовани граѓани во странство резултира со недостиг од образован и квалификуван кадар внатре, во земјава, во домашните компании. Оние што се одлучуваат на овој потег велат дека ја напуштаат својата држава поради мноштво фактори, како ниската заработувачка, малата перспектива за напредок во работата, длабоката партизираност и форсирањето партиски кадри без компетенција и без воспоставен систем на вреднување, при што сѐ повеќе се чувствуваат нееднаквоста и немањето правна држава итн.
Но со ваквата демографска структура на населението каква што е сега не може да очекуваме силна економија и повисок стандард за живот.
Постојат низа истражувања што недвосмислено ги поврзуваат образованието и стопанскиот развој. Токму вложувањето во младите генерации е таа нишка што го создава темелот на стопанската успешност. Тие се оние што би требало да знаат да се справат со предизвиците на глобалниот и сѐ попребирливиот пазар.
Македонското општество не може да опстои и одржливо да се развива ако државата не направи луѓето да бидат задоволни и среќни во својата држава.
Најчести причини на младите и образовани лица да заминат, пред сѐ, се институционалната неефикасност, недовербата во институциите, неефикасното владеење на правото, слабиот здравствен систем, несоодветното вработување и плата во споредба со образованието, отсуството на вредности, отсуството на професионално унапредување и обука.
Државата мора да ги менува економските политики за да се спречат ваквите трендови и состојби. Трендот може да стане уште позагрижувачки доколку не се преземат сериозни чекори во насока на мотивација на активно вклучените млади и едуцирани луѓе што се залагаат за позитивни промени во општеството.

Во делот на економските политики, јасно е дека истите тие не го генерираат тоа што се очекувања на граѓаните. Моделот на економијата што го водиме не е насочен кон раст на бруто-домашниот производ. Главен мотив при носење на економските закони и сите закони што ја допираат економската сфера да биде она што ќе значи подобрување и зголемување на бруто-домашниот производ, само во таква насока може нешто позначајно да се промени за во скора иднина да имаме запирање на овој негативен тренд, односно намалување на стапката на иселување на нашите жители од земјава.
Потребни се стратегии што нема да бидат само на парче хартија зафрлени во фиоките, потребни се сериозни реформски зафати, кои итно треба да се имплементираат.
Властите креираат некои мерки, но тие ниту се доволни ниту се стратегиски за да може да дадат ефекти.
Не постои една одговорна институција и не постои една клучна политика. Ефективен пристап за надминување на овој предизвик е единствено преку соработка помеѓу различните институции, од различни ресори, но и вклученост на граѓанскиот сектор. Дополнително, клучно е да постои детална анализа и сеопфатна стратегија. Без детална, национална анализа за состојбата и причините што доведуваат до зајакнување на овој негативен тренд на одлив на мозоци, речиси е невозможно да се креираат квалитетни и ефективни политики и мерки. Но, исто така, ефектот би бил минимален доколку се бара решение на едно прашање, притоа игнорирајќи ги сите други прашања и предизвици што доведуваат до оваа појава.

Одливот на високообразовани луѓе станува сериозен проблем што го менува пазарот на работна сила во земјава. Наедно, се јавува и неусогласеност помеѓу понудата и побарувачката на квалификации што резултира со недостиг од високообразован и квалификуван кадар во компаниите и фирмите во земјава и многу ги чини и земјата и реалниот сектор. Тие мора дополнително да вложуваат во дообуки и преквалификации на лицата што ги вработуваат или на веќе вработените лица.
Од круцијално значање за развојот на нашето стопанство и економија е да се работи на решавање на проблемот и да се најдат начини висококвалификувани кадри да останат и да работат во земјава.
Сепак, доколку ја зголемиме атрактивноста на нашата земја како место за работа и за ангажман на млади и високообразовани лица со тоа што правниот систем ќе ја врши својата функција, ќе имаме ефикасна администрација, зајакнување на здравствениот систем, кој ќе се фокусира повеќе на превенцијата, а помалку на лекувањето, повисоки плати, вработувањето да се реализира според соодветното образование и вредности, отсуство на непотизам, може да придонесеме за одвраќање на младите од идејата за да ја напуштат земјава.
Во спротивно, државата може да остане без работоспособно население, без високообразован кадар, без умот, енергијата и креативноста, кои можат да ѝ помогнат на земјава. Населението ќе старее. А една држава без работоспособно население нема да може да создаде економски раст и развој, тие се двигател на секоја економија и на општествениот развој.