Неизбежно, одлуката на Уставниот суд за укинувањето на привилегијата за апанажа на функционерите со предвреме прекинат мандат наведува на навраќање и обид за рекапитулација на (не)одговорноста на претходните и на актуелните политичари што поминале или се задржале на македонската политичка сцена. Откако ќе се подвлече цртата се чини апсурдно да се прави споредба на незаслужената заработката на овие политичари со состојбата во која ја оставиле државата по нивното разрешување или оставка
Во текот на долгометражниот процес на реконструкција на Владата, во кој Собранието расправа за разрешување, па за назначување министри и заменик-министри, во Уставниот суд дојде на ред за разгледување иницијативата поднесена на почетокот на 2022 година, од страна на Глигорие Ќатоски, адвокат од Струга. Струшкиот адвокат пред една година го оспорил членот 22 од Законот за плата и други надоместоци на избрани и именувани функционери, според кој, пратеник, функционер и раководен работник што поднел оставка или е разрешен од должноста пред истекот на времето за кое е избран, именуван или назначен ги имаше сите права како другите функционери, меѓу другото и право на апанажа. Исходот од седницата на Уставниот суд е укинување на односниот член, што значи дека функционерите што по одредена основа предвреме ќе го прекинат мандатот, нема да имаат право на апанажа. Сепак, актуелно разрешените министри нема да бидат опфатени со оваа одлука на Уставниот суд, бидејќи таа не е ретроактивна и почнува да важи од моментот кога официјално ќе биде објавена во „Службен весник“.
Подносителот на иницијативата, всушност, оспорил седум члена од Законот за плата на избрани и именувани функционери, но Уставниот суд оцени дека само членот 22 е спротивен на Уставот. Аргументите во образложението на судот за неуставноста на овој член, во суштина се темелат на отсуството на одговорност кај предвреме разрешените функционери. Судот го зема предвид фактот дека до оставка или до разрешување доаѓа поради некаков вид одговорност поврзана со вршењето на доверената функција. Според судот, оставката и добивањето паричен надоместок во вакви случаи се меѓусебно неспоиви и затоа е одлучено да се укине оваа одредба, како спротивно на владеењето на правото, кое е едно од темелните вредности на нашиот устав.
Отворањето на темата за одговорност на политичарите е секогаш лизгав терен за ентузијастите на правото и правдата, кога сакаат да ги потсетат на темелните вредности на Уставот. „Лизгавоста на теренот“ тргнува од констатацијата дека во мигот кога започнува правниот процес за барање одговорност на политичарите, претпоставената штета од нивното неодговорно работење, во голема мера веќе е направена. Притоа, како во случајов, судските одлуки (освен во исклучителни ситуации) немаат ретроактивно дејство, така што сите оние функционери што претходно добивале апанажа (и што ќе добиваат, зашто се разрешени ден-два-три пред одлуката на Уставниот суд) не се обврзани, на пример, да ги вратат незаслужените финансиски надоместоци што ги добивале, иако биле разрешени или дале оставка поради некаков вид (не)одговорност поврзана со вршењето на функцијата.
Неизбежно, одлуката на Уставниот суд за укинувањето на привилегијата за апанажа на функционерите со предвреме прекинат мандат наведува на навраќање и обид за рекапитулација на (не)одговорноста на претходните и на актуелните политичари што поминале или се задржале на македонската политичка сцена. Со однапред познат правен исход, дека не можат да бидат повикани на одговорност, се чини дека е залуден трудот за истражување и не само на пресметките за досегашните загуби во буџетот врз основа на досега исплаќаните апанажи на пратениците што се самораспуштале во Собранието за многубројните циклуси на предвремени избори во изминативе дваесетина години; за разрешените, реконструираните, неротираните министри во речиси сите владини состави од независноста на Македонија туку и на системските грешки што фабрички ги вметнувале во законите, па и во Уставот на Македонија, што потоа со домино-ефект влијаеле на постепена дерогација на функционалноста на сите институции… Сметката, секако, се зголемува со продлабочување на претпоставената рекапитулација на штетата, со пониските ешалони на функционери од власта, кои имале право на апанажа. Откако ќе се подвлече цртата се чини уште поапсурдно да се прави споредба на незаслужената заработката на овие политичари со состојбата во која ја оставиле државата по нивното разрешување или оставка. Доволно илустративно за штетата од постојниот феномен во Македонија за владеење без одговорност говори генералната слика на општата состојба во државата: пад на стандардот на граѓаните, што не може да се скрие ниту со статистички егзибиции; драстично опаднат квалитет на образованието, на здравството; економските параметри во земјоделството и во индустријата на работ на едвај функционална одржливост… Корупцијата како загрозувачки политички феномен на општеството се чини успешно ги менува алотропските модификации и агрегатни состојби, со цел повторно да биде избегната одговорноста. На политички план, целиот амбиент во последниве пет години е обременет со внатрешни и надворешни процеси, кои се чини незапирливо водат во насока на промена на македонскиот национален идентитет.
Во актуелниот политички миг се чини не може да се воспостави равенката на одговорноста на политичарите за своите (не)дела и нивните лични придобивки од привилегиите на власта. Тасот на правдата сѐ уште претежнува кај неодговорноста. Како што се вели во образложението на Уставниот суд за последната одлука – владеењето на правото е една од темелните вредности на нашиот устав. Почнувајќи од таму треба и понатаму доследно да се бара одговорност од политичарите за секоја штета направена со нивното работење, врз благосостојбата, интегритетот и достоинството на граѓаните, како и суверенитетот на државата. Одговорноста е темелната вредност на правната држава.