Ламбата на Ламбе светна да ни го покаже вистинскиот пат. Но не само нам, на Македонците и на сите што живееме овде, во Македонија, туку да им го покаже вистинскиот пат на Бугарите, кои залутале низ темните дамари на историјата. И се загубиле. И ним им треба светлина на светилник што ќе им покаже каде да појдат и зад нив да ги остават мракот на минатото и грешните патишта по кои оделе низ темната им историја
Ламбата е светлечко тело со фитил што се става во стаклен цилиндар. За разлика од претходните светлечки тела, на пример свеќите од лој, кои биле исклучително скапи, „штипеле“ за очи, и восочните свеќи, кои исто така давале срамежлива, треперлива светлина, ламбата била револуција во осветлувањето! Ламбата произведуваше од 10 до 12 пати повеќе светлина од обичната свеќа и неколкупати повеќе од светилките со традиционални (полни) фитили.
Ламбата даваше невообичаено мирна и многу, многу поинтензивна светлина.
Овие ламби, поради нивната силина, некое време дури се користеле и во светилниците. Да, да, ламбите беа срцето на светилниците, на земјата, копното, морињата, океаните… Ех, да, токму ламбата (баш таква како на Ламбе) осветлуваше хоризонти, магливи далечини, одбележуваше сцили и харибди на кои обичната човечка душа може да се насука. Или да се загуби во далечното пространство на мракот, незнаењето, заблудите… Тогашни или сегашни, сеедно. Битно е дека и денес постојат ламбите. И светлината од нив. Како онаа на нашиот Ламбе. Таа постои за нас, обичните луѓе да нѐ осветли и да ни го покаже вистинскиот пат. Со ламбата на Ламбе – би светлина!
Токму пламенот што го запали Ламбе Алабаковски неодамна во Битола, кога ја потпали влезната врата на бугарскиот културен центар „Ванчо Михајлов“, се чини светна како некогашните ламби во светилниците, кои им го покажувале исправниот пат на морепловците, на грешните души што лутаат. Така и ламбата на Ламбе светна да ни го покаже вистинскиот пат. Но не само нам, на Македонците и на сите што живееме овде, во Македонија, туку да им го покаже вистинскиот пат на Бугарите, кои залутале низ темните дамари на историјата. И се загубиле. И ним им треба светлина на светилник што ќе им покаже каде да појдат и зад нив да ги остават мракот на минатото и грешните патишта по кои оделе низ темната им историја.
Нејсе, кога во 2008 година, тогаш младиот и надарен млад пејач од Љубојно, Ламбе Алабаковски, ја испеа песната „Земјо моја“, малку кој од тие што добро го познаваа можеа да кажат или да предвидат дека Ламбе и на дело ќе покаже што значи родината за него.
Судбината сакаше тој, како и стотици љубанци да тргне во туѓина, во Америка. Седум години помина на печалба во Флорида. На своја кожа почувствува колку е тежок печалбарскиот живот. Ламбе тогаш во дното на својата душа ги почувствува „Спаси ме“ и „Каде песно моја“ на Славе и на Дарко Димитров.
Воден од пораките во тие две песни, како што неочекувано замина за САД, Ламбе со својата фамилија, сопругата Магдалена и дечињата Михаил и Димитриј, во јули минатата година неочекувано одлучи да се врати во неговата Македонија, во Љубојно, во Битола. Одлучи да ѝ се врати на песната, на прекрасната божја убавина на Љубојно, на Преспа, на Македонија! Реши неговите дечиња да се школуваат во Македонија, на македонски јазик.
Деновиве, кога го видовме и на концертот во чест на Тоше Проески и Аки Рахимовски, кој се одржа во Битола, Ламбе ни зборуваше „Доста беше печалба. Одлучив по седум години пауза да направам ресет, да ѝ се вратам на музиката и песната, бидејки тие ми се дар од Бога“.
И таман Ламбе ѝ се врати на естрадата и љубителите на неговата песна почнаа да уживаат во неговите интерпретации, како бомба одекна шумот дека Ламбе е „светиот и најсветол современ гемиџија“. Колективните емоции зовреа!
На Ламбе почнаа да му честитаат илјадници Македонци од земјата и од светот преку социјалните мрежи, а својата поддршка битолчани ја искажаа и на масовниот митинг што го одржаа во центарот на градот и пред битолскиот затвор.
Луѓето што го осудуваа неговиот чин на прсти можеа да се избројат.
Но иако пожарот што ја зафати влезната врата беше брзо локализиран и не предизвика некои големи штети, сепак, стигна дури до Софија и ја „запали“ политичката клима во Бугарија, која последните денови кулминира. Битолчани веќе на шега коментираат дека пламенот од Битола не само што допре до тамошните министри, кои даваат оставки како на сериска лента, туку го зафатил и парламентот, каде што дојде до прегрупирање на пратениците од партијата на шоуменот Слави Трифонов.
Во меѓувреме, по осум дена затворски и домашен притвор, Ламбе е пуштен да се брани од слобода. Нему му се одземени двата пасоша, македонскиот и американскиот, како мерка на претпазливост, па сега повторно битолчани реагираат – велат дека е штета дека му се земени пасошите, оти Ламбе сега не ќе може да оди во Бугарија на одмор.
А тој, по таквата пресуда на Кривичниот совет на Битолскиот суд, им се врати на семејството, на мирот, на молитвите, на божјата тишина…, која единствено ја наоѓа тука, во неговото Љубојно. Неговиот телефон е бомбардиран од повици, но тој е недостапен. Единствено комуницира со своите најблиски и адвокатот Дарко Стефановски, кој најљубезно замоли во овие моменти да го остават Ламбе на мир, зашто мирот му е сега најпотребен да го надмине немирот што кај него го предизвика целата оваа ситуација.
На Ламбе не му треба политичка слава. Не му требаат ни разните приказни и величања, кои секојдневно пиејќи кафе на Широк сокак ги измислуваат инспиративните битолски мајтапчии. Тој отсекогаш сонувал славата да ја стекне со неговиот ангелски глас, со песната, со емоциите изразени преку неа.
Ламбе беше и остана да биде (само) добар пејач. Да го оставиме да биде таков, кој со својата песна ги осветлува и просветлува најголемиот број граѓани, без разлика од која нација, вера и етничка припадност се. Да оставиме ламбата на Ламбе да биде и сонце и месечина и светлина за сите нас, Македонци, Бугари и кои било, на патот кон сеопштиот просперитет и благосостојба.