На Балканот единствено македонските политичари не дојдоа до израз со некоја „сочна“ изјава како оние на нивните регионални колеги. Дали станува збор за почитување на правилата на дипломатијата и користење коректен јазик или, пак, можеби станува збор за поинаков карактер на луѓе што сакаат поинаку да се изразуваат или, пак, можеби тоа е резултат на поинаков начин на образование, на подготовка, на обука, што би претполагало сосема поинаков речник и начин на изразување
Се добива впечаток како да се навикнуваме на еден малку поинаков речник на балканските политичари во ова ново време невреме. Притиснати со проблеми од сите страни, политичарите од Балканот како да сакаат да останат запаметени пред сѐ по своите изјави, дадени во интересен контекст или со речник непримерен на дипломатијата.
Па, така, веќе антологиска станува кавгата, недоразбирањето или, да бидеме најпрецизни, надмудрувањето меѓу двајцата хрватски лидери – претседателот Зоран Милановиќ и премиерот Андреј Пленковиќ. Речиси нема ден а од едната или од другата страна да не биде пласиран понекој „бисер“ за опонентот.
„Тоа е толку штетна политика што ни треба огромна метла, ако не и багер, да го одземе, закопа и бетонира целото ѓубре што тој го фрла против Хрватска. Размерите на штетата се неверојатни“, обвинуваше деновиве Пленковиќ кога зборуваше за потезите на Милановиќ, кој, се разбира, не му остана должен, туку му врати со иста мера.
„Со години страдаме од лаги… Не е проблем што мислат дека сме глупави, туку што мислат дека тие се многу паметни“, изјави српскиот претседател Александар Вучиќ, зборувајќи за Западот. „Нивните усти се полни со меѓународни права кога зборуваат за Украина, а кога се споменува Резолуцијата 1244, многумина гледаат во далечина како да не разбираат за што станува збор“, додаде тој.
За време на дискусијата за потеклото и староста на балканските народи, албанскиот премиер Еди Рама на шега ја спомна конкуренцијата на Грците и Албанците во тоа кој е најстар народ на Балканскиот Полуостров.
„На Балканот сите мислиме дека сме најстари. Ние, Албанците, мислиме дека сме најстари, дека сме настанале по мајмуните во еволуцијата на Дарвин. Ако ги замолите Србите да не ја напуштаат областа, оставете го тоа на Грците, кои пак мислат дека самите мајмуни настанале по нив. Турците можат да предизвикаат голема кавга за тоа дали е турско кафе или грчко кафе. Истото тоа важи и за Македонците и за Бугарите. Сите сме жртви на нашата историја, но ние сме добри луѓе, ние сме лојални луѓе и сме луди, затоа е подобро да нѐ имате со вас“, нагласи Рама.
Така зборува дел од балканските политичари во период на големи тензии, на бурни превирања предизвикани од напнатата меѓународна политика, во која доминира украинскиот конфликт, но и последиците од пандемијата, кои се чувствуваат насекаде, а сето тоа проследено со неизбежната економска криза, која не поштеди ниедна држава во светот.
Но да се вратиме повторно на Балканот. Овде се чини единствено македонските политичари не дојдоа до израз со некоја „сочна“ изјава како оние на нивните регионални колеги. Дали станува збор за почитување на правилата на дипломатијата и користењето коректен јазик или, пак, можеби станува збор за поинаков карактер на луѓе што сакаат поинаку да се изразуваат или, пак, можеби тоа е резултат на поинаков начин на образование, на подготовка, на обука, што би претполагало сосема поинаков речник и начин на изразување.
Но, како и да е, општ е впечатокот дека очекувањата се поинакви. Повеќето од нас, барем според долгогодишното искуство, како да посакуваме да имаме политичари што, ако треба, и ќе треснат со тупаницата на маса за да дојде до израз нивниот став, нивното мислење. Токму затоа, како своевидно изненадување беше прифатен одлучниот одговор на премиерот Димитар Ковачевски, кој на самитот на ЕУ во Брисел го отфрли како неприфатлив францускиот предлог за преговарачката рамка. Независно што немаше никакви јазични бравури, сепак одлучноста со која го соопшти одговорот, барем накратко, го привлече вниманието на домашната јавност.
И навистина се исклучително ретки изблиците на македонските политичари во тој правец. На прстите на една рака можат да се набројат моментите кога тие рекле нешто што ќе остане посебно запаметено. Можеби најсветол пример е изјавата на покојниот претседател Борис Трајковски, во тоа време само заменик-министер за надворешни работи, кога во 1999 година зборуваше на прес-конференција за косовските бегалци во Македонија: „Слушам на Си-ен-ен кружи една за мене и навредлива констатација дека ова е срам за Македонија. Ова е срам за меѓународната заедница. Никој од вас не прашува кои се проблемите на оваа влада и оваа држава. Многу убаво вие оддалеку ги следите настаните. Јас ќе ви предложам нешто конкретно.
Пратете 100 авиони на скопскиот аеродром и пренесете ги во Стокхолм“. Тоа беше легендарната изјава на Борис Трајковски во однос на прашањето за бегалците што беа примени во Македонија. Или, пак, во 2001 година, кога во екот на преговорите со тогашниот висок претставник на ЕУ, Хавиер Солана, тогаш веќе претседател, Трајковски му ја покажал вратата и му порачал да си оди.
Но, ќе повторам, навистина се ретки таквите моменти, иако сите би сакале да слушнеме цврсти, строги и одлучни зборови од нашите политичари. Времето на старата поговорка за кубурот што се чува во пазувите за зорт-заман, очигледно е поминато. Го знаат ли тоа и луѓето што се присутни на нашата политичка сцена?
Токму сега пред нас е уште еден предлог, за кој треба здраво да се размисли и да се стави во погон сиот мислечки и творечки капацитет на државава, вклучувајќи го и секој граѓанин поединечно. Моментот е историски, како повеќепати досега во нашата национална историја. Не бегаме од моментот, ниту од предлогот, ниту од дијалогот. Но, ако треба да им се каже НЕ на оние што сакаат да нѐ нема нас Македонците, да ни го нема јазикот, да си ја заборавиме историјата, тогаш НЕ е неопходно да одекне јасно и гласно. (Не е неопходно она со кубурот или, уште подобро, она „со два кубура во рацете“, па да ги потсетиме господата од Европа и од светот каде е патентирано т.н. македонско пукање, односно тактика на користење два пиштола истовремено, во литературата попознато како пукање во македонски стил, македонски дуел, македонска стрелба…).