Со години патот не ме водел кон Крушево, но ете на 8 Септември, случајно или не, по иницијатива на наши блиски пријатели отидовме во ова славно македонско гратче, стуткано високо во пазувите на Бушева Планина. По кривулестиот пат, до некаде делумно тазе асфалтиран, се качувавме со возилата пругоре, уживајќи во убавините со секој нов свијок. Горе високо на небото развиорени параглајдери, користејќи го сѐ уште топлото време и пријатното ветре, кое тука е постојано присутно. Долу во далечината распослана Пелагонија. И движејќи се така по угорнините нѐ пресретна графит „Добредојдовте во Крушево“. Само што го одминавме, завлеговме во гратчето каде што се роди првата република на Балканот, каде што се роди и сонот за независна Македонија. Низ крушевските улички нѐ дочека невообичаена раздвиженост. Бандерите накитени со знамиња, да се знае дека нашата Македонија одбележува 33 години независност.
Успешно провлекувајќи се со возилата низ тесните улички, се упативме горе, кон „Македониумот“, споменички комплекс во Крушево, откриен на 2 август далечната 1974 година, на денот на триесетгодишнината на заседанието на АСНОМ и 71-годишнината од Илинденското востание. Споменикот ги означува непокорноста, борбата и вечниот стремеж на македонскиот народ за слобода и самостојна држава. Истовремено, споменикот ја покажува и институционалната негрижа во врска со неговото одржување, па повторно патниците намерници и туристите, кои и завчера ги имаше, се соочуваат со излупена фасада, обелена боја, одлепени плочки и коцки во близина. Но за тоа во некоја друга пригода.
Додека ги чекав другите, подзатскриен во сенките во близината на споменикот и посматрајќи го од некоја одредена дистанца, забележав двајца германски туристи како се упатија кон споменикот, очигледно фасцинирани од неговиот необичен футуристички изглед. Отидоа до влезната врата, фрлија кратко поглед на цените на влезниците, се завртеа назад и се вратија. Очигледно тие две евра за влезници им беа премногу, па додека поминуваа покрај мене на заминување надолу, нешто незадоволно мрмореа на германски. Не сум познавач на германскиот јазик, но според она што ни го преведоа децата што беа со нас, коментарот беше насочен за висината на цената.
Си помислив, кога и на Германците две евра им дојде скапо, кај отиде светот. Што да кажеме ние со најниски плати во Европа, кои сега за секое влегување во Европската Унија ќе мора да плаќаме по седум евра, да се соголуваме до гола кожа кажувајќи кои сме, од кај сме, што работиме, дали и колку размислуваме со своја глава, колку сме „опасни“ за Европа, која крвна група сме, колку лектири сме прочитале, за на крајот да имаат можност и да нѐ одбијат. И уште ни кажуваат не било тоа враќање на визниот режим. Жими мајка!
А во името на таа Европа сиве овие 33 години направивме сѐ што е во наша моќ да се европеизираме до максимум, многу повеќе од тоа што го прават и некои земји членки на Унијата, кои без оглед што се дел од европското семејство и по 17 и повеќе години, сѐ уште ги живеат соништата од минатото, соништата за големи држави, соништата за Балкан без Македонија и македонски народ.
За разлика од нив, Македонија не само што ја има највисоката оценка за усогласеност на надворешната политика со онаа на ЕУ туку дури и претерува бидејќи на моменти се добива впечаток дека изминативе години и немавме наша сопствена надворешна политика, туку дејствуваме како промотор на европските политики, а не како кандидат што повеќе од 20 години чмае во европската чекалница, без сигнали дали некогаш ќе ни ја отворат главната врата или, пак, ќе нѐ пратат во „помошната просторија“.
Арно ама, ова Крушево горе во кое викендов дојдов по многу долго време, некако ми ја враќа вербата дека горе високо во планините останува чиста и зачувана македонската идеја.
Со таква пријатна празнична мисла го напуштивме платото пред „Македониумот“ и се упатуваме кон блиското вештачко езеро. Од лево џагор од стотици навивачи собрани да проследат фудбалски натпревар на локалниот тим, токму на денот на независноста. Бодрење, извици, воздишки по секое промашување, небаре Ливерпул дошол во гости. Баш убаво, си помислив, колку си го сакаме македонскиот фудбал. Се спуштивме до езерото и се сместивме на блиските клупи. Крај пешачката патека луѓе, млади, стари, деца, сите шетаат и уживаат во топлото сонце, кое ги одбројува последните летни денови. На брегот, три-четворица рибари упорно го фрлаат блинкерот, хранејќи ги само рибите, без да извлечат нешто. Прекрасен празничен септемвриски ден во кој вниманието ми го привлече еден постар господин, кој дојде дотеран во вратоврска и костум и седна на неколку клупи подалеку. Можеби некуртоазно од моја страна, но сосема случајно го наслушнав муабетот што го правеше со помладиот човек што го придружуваше. „Што вака дотеран за на езеро“, го прашува помладиот. Овој му одговара: „Синко, имам 96 години и секогаш кога Македонија празнува, празнувам и јас. Во наше време на празниците секогаш се дотерувавме“. Тогаш веќе го имаше сето мое внимание. „Треба да си ја чуваме државата, оти ако ние самите не ја чуваме, ќе ни ја земат“, продолжи стариот. „Е, не се секирај, кога ќе влеземе во ЕУ, државата ќе ни биде зачувана и голема, со сите делови, ќе одиме каде што сакаме и ќе кажуваме слободно кои сме и што сме“, го тешеше помладиот. Постариот, го погледна малку под око, со доза зачуденост и му врати: „Па и денес кажувам кој сум и што сум, не ми треба Европа за такво нешто. Европа 30 години ни раскажува бајки, а дозволува да ни го сменат името, дозволува да нѐ бришат како Македонци, ни ја преправаат историјата, а ние пак се правиме поголеми Европејци од сите други. Да си ја фатиме сами работата, да си ја средиме државата, оти друг нема да ни помогне“, рече старецот кого годините го научиле дека она што сам ќе си го сработиш, тоа е сработено, сѐ друго е ветер и магла.
И додека демек ги набљудував рибарите и се сончав на слабото сонце, кое полека заоѓаше над сртот, зборовите на стариот господин ми останаа врежани во главата. Си помислив, каква коинциденција. Ова ич не е случајно. И баш во Крушево дојде аберот и баш на 8 Септември, блиску до споменикот на непокорот и нашата борба.
Понесени од некаков празничен занес станавме и полека почнавме да ги пакуваме работите. Со крајот на окото го забележав старецот како стана и замина по пешачката патека околу езерото заедно со помладиот придружник, додека во далечината се слушаа ѕвонците на стадото овци што се напасуваше на околните ридишта. Веќе во самрак го напуштивме Крушево. На небото имаше уште параглајдери, а на високиот јарбол гордо се вееше македонското знаме. Спуштајќи се надолу се наѕираа светлата на Кривогаштани и на другите населени места. Тогаш си помислив колку е убава оваа наша Македонија за која многумина ги дале животите, а за која никој денес од нас не бара да ги дадеме животите, туку да го посветиме срцето градејќи од неа дом за сите, дом од кој Европа одамна учела и ќе продолжи да учи. Крушево остана високо во планината, Крушево остана длабоко во срцето, онаму каде што во секој од нас спие нашата Македонија.