Кошаркарска федерација на Македонија: Спортска и патриотска одлука!

Дали последната иницијатива на Кошаркарската федерација на Македонија, предводена од новиот претседател, кој беше избран неодамна, на следниот состанок на УО на КФМ, нејзините членови да размислат за промена на името на федерацијата, отвора ново поглавје, кое реално го поставува прашањето дали тоа ќе го следат и оние спортски федерации што досега не го сториле тоа или воопшто и не размислуваат сериозно на овој план. Дали ќе се врати исконското име Македонија на дресовите на спортистите, што секако ќе претставува успех на концептот со многу подлабока национална победничка идеја…

Една неодамнешна спортска вест, која ја лиферуваше Управниот одбор (УО) на Кошаркарската федерација на Македонија (КФСМ), на својот последен работен состанок, на чело со новиот претседател на оваа спортска федерација, посебно го привлече вниманието на целокупната спортска јавност. Имено, новото раководство, на чело со претседателот на КФСМ, Томе Главчев, побара размислување од членовите на УО за промена на називот на Федерацијата од Кошаркарска федерација на Северна Македонија, во Македонска кошаркарска федерација или Национална кошаркарска федерација. Дали ова е показател дека се враќа старото име Кошаркарска федерација на Македонија и кратенката ќе биде КФМ, наместо досегашната КФСМ по шест изминати години?

Кошаркарската федерација на Северна Македонија (КФСМ) беше една од првите што се „истрча“, односно го направи тој прв чекор, да ја додаде наметнатата додавка на името на државата, што потоа, за жал, се покажа како грешка во „чекори“. Сега федерацијата ќе настојува со новиот претседател таа грешка во „чекори“ да се исправи и да се врати на вистинскиот колосек.

Иако, и тука има една стапица. Ако се врати старото име, иницијативата вреди, ако, пак, се замени со концептот Национална кошаркарска федерација, тогаш исто како да си добил „техничка“ грешка или „петта лична“, оти тогаш едноставно концептот е поразителен. Со „Национална“ не се постигнува ништо, федерацијата повторно е обезличена. Така, ниту името Македонија нема да се споменува! Но да оставиме да видиме како ќе се развие целата оваа работа, со патриотска, спортска, непокорна надеж дека ќе се избере вистинската опција. Но овој случај нѐ враќа малку назад во времето, за да се потсетиме дека неколку спортски федерации го сменија своето име, односно ја додадоа придавката Северна. Непотребно, беспредметно, бесправно, лицемерно, подлизурковски… А, која беше всушност причината да се стори тоа? Да се покаже политичко/спортско додворување или некакваси лојалност кон дневната политика на државата на која ѝ припаѓаат? Чуму тоа кога спортот сепак им припаѓа на спортистите, тие треба заедно со нас, нивните навивачи, поддржувачи и критичари, да се радуваат на националните, регионалните, европските и светските настапи и успеси, а не да се гради, доградува и спроведува некаква дневна политика. Тоа најмалку ни е потребно, особено во спортот. Но токму тука, всушност, и се навлекоа гневот и големото разочарување кај повеќето клубови, спортски федерации и поединци. Дали случајно или намерно? Дали можеби и тука политиката ги вмешала своите прсти или не, не сакам ни да помислам, ама ако продолжат со ваквите несоодветни имиња, тогаш разочарувањето ќе биде уште поголемо кон тие на кои им е и наменето.

Сепак повеќето спортски федерации не го сменија своето име и не се срамеа поради тоа и покрај заканите и притисоците од некои спортски федерации и асоцијации во Европа и светот или, пак, држави, односно не ги криеја своите дресови длабоко во патните торби кога минуваа одредени граници.

Но, ако се навратиме на тоа време кога стапи во сила тој страшен противправен и деноминирачки за Македонија Преспански договор (7 јуни 2018 година, н.з.), кој всушност претставува меѓународен договор потпишан од министрите за надворешни работи на Грција и Македонија и посредникот на ООН за спорот за името на Македонија во селото Нивици, на Преспанско Езеро, ќе видиме дека и други македонски спортски федерации го променија своето име, иако тоа не беше строго обврзано да се стори според тој договор, кој беше донесен односно изгласан со неисполнети услови преку т.н. консултативен референдум. Тоа претставуваше вистински шок за огромниот дел од народот, а секако и за спортистите, кои со вчудовидување ја примија веста дека „не треба да брусат шахти“, ама на нивните дресови и тренерки треба да се допише придавката Северна. Во секој случај, мора да признаеме дека тоа беше гром од ведро небо за спортистите и спортските работници, од кои многумина веднаш го изразија своето разочарување. Но, за разлика од некои македонски спортски федерации што немо се потчинија на овој факт, други спортски федерации и понатаму на своите дресови ги носеа грбот и името на својата држава како што беше и дотогаш, храбро, чесно и пожртвувано, бранејќи ги боите на својата земја секаде каде што се натпреваруваа.

Дали последната иницијатива на Кошаркарската федерација на Македонија, предводена од новиот претседател, кој беше неодамна избран, на следниот состанок на УО на КФМ, нејзините членови да размислат за промена на името на федерацијата, отвара ново поглавје, кое реално го поставува прашањето дали тоа ќе го следат и оние спортски федерации што досега не го сториле тоа или воопшто и не размислуваат сериозно на овој план. Дали ќе се врати исконското име Македонија на дресовите на спортистите, што секако ќе претставува успех на концептот со многу подлабока национална победничка идеја…

Сепак, одговорот лежи во стратегијата што ќе се спроведе, и тоа не само во спортот туку и во сите други сфери на општествениот живот. Секако, нема да биде лесно, и на ова поле треба уште многу да се работи, ако се знае дека патриотизмот е најголем и најдлабоко втемелен токму на успесите на спортистите, развојот на духот и социјализацијата на младите. Тоа е единствениот пат што треба да го следат спортските федерации и за кој треба да се борат, иако знаеме дека тој пат ќе биде трнлив и нерамен, патем придружен со високи ѕидови и скриени замки, кои ќе нѐ демнат и ќе настојуваат да ја попречат оваа направена неправда кон една слободољубива и праведна држава.

На сите ни е добропознато дека политиката отсекогаш била вклучена во спортот и со тоа (не)свесно креира(ла) погрешни патеки, по кои, пак, потоа се движеле непосредните актери – спортистите, што е во спротивност на суштината на спортскиот олимпизам како синоним за мир, толеранција и меѓусебно разбирање помеѓу државите.

Во овие турбулентни времиња за македонскиот опстанок, тоа е уште еден доказ за нејзината тежина, од која треба да учат нашите спортски фунционери, но истовремено и да помогнат со нивната психолошка стабилност, љубов кон татковината, соработка, но и верба во сопствените можности. Не треба да заборавиме – Македонија е сепак дел од Европа и нејзиниот спортски „глас“, треба рамноправно да се чуе и правилно да се резонира, односно да поприми елементи што ја красат како држава. А дали е подготвена за прекројување спортската карта на Европа со враќањето на официјалното име на нашата држава во спортските федерации, ќе покаже времето.
Поголем мотив за нов спортски успех од ова сметам дека нема, а деновите и месеците што наидуваат, ќе покажат каде токму одиме и што сме сработиле по ова прашање. Едно е сепак познато, а тоа е дека Кошаркарската федерација ја презеде иницијативата да се врати кон имињата и симболите со кои публиката и спортистите се идентификуваа пред промената на уставното име на државата. А, дали тоа ќе предизвика верижна реакција и кај другите федерации, спортски тела и институции, останува да видиме.