Да се биде амбициозен е основата на модерните економски текови, оттука амбицијата на македонските граѓани да се инвестира е за поздравување. Но за секое инвестирање е потребна акумулација на знаење, кое е условено од паметењето или сеќавањето. Аферата „Конти“ е потврда дека Македонија како нација, општество и држава има „куса колективна меморија“. Доколку имавме „долга колективна меморија“, немаше да ги повторуваме грешките од минатото, како на пример „ТАТ“ или, пак, „посвежата“ измама на фамозната Ружа Игнатова и нејзината компанија „Онкоин“ кога „мистериозно“ исчезнаа 4,5 милијарди долари од милиони луѓе, вклучувајќи и на многумина Македонци
Мудроста и знаењето се различни концепти, честопати се користат наизменично, меѓутоа имаат различна суштина. Се вели дека знаењето е стекнување информации и факти, а мудроста е вештина за примена на знаењата заедно со искуството и доброто расудување, односно знаење е да знаете дека доматот е овошје, а мудрост е да не го ставате во овошна салата. Со други зборови, знаењето е акумулација на информации, а мудроста е правилна употреба на податоците, а без овој концепт немаше да има напредок на човечката цивилизација. Нештата не се создаваат сами од себе, потребна е подготовка, односно потребно е постојано развивање. Истражувањата покажуваат дека читањето книги им овозможува на луѓето да бидат 95 отсто подобри во однос на оние што не читаат, оттука не треба да се зачудуваме од фактот дека Бил Гејтс, еден од најбогатите луѓе во светот, во текот на денот чита од две до три книги од различни теми.
Но ова е само еден сегмент, особено се важни истражувањето и споредбата на информациите, бидејќи оттука произлегува расудувањето, односно рационалната процена на нештата и донесувањето на одлуките. Ова е суштината на мудроста, толкување и разбирање на знаењето, како и стекнување на што поголем увид. Доколку внимателно се проследи, силната желба да се постигне нешто не е можно без толкување и разбирање на знаењето, а знаењето не е можно без меморијата, колективна или индивидуална. Дека нештата во македонското општество не функционираат според овој модел покажува и последниот пример со измамата на илјадници македонски граѓани преку платформата „Конти“. Само замислете, велешани, кавадарчани и радовишани купувале пакети за помала сума на пари, надевајќи се дека за 25 дена ќе си го вратат износот со добивка, пакет од 150 долари, а за неколку месеци износот требало да се дуплира или триплира. Надевајќи се дека лесно ќе се збогатат, некои од македонските граѓани подигнувале и брзи кредити. Каков апсурд!
Да се биде амбициозен е основата на модерните економски текови, оттука амбицијата на македонските граѓани да се инвестира е за поздравување. Но за секое инвестирање е потребна акумулација на знаење, кое е условено од паметењето или сеќавањето. Аферата „Конти“ е потврда дека Македонија како нација, општество и држава нема колективна меморија. Доколку имавме колективна меморија, немаше да ги повторуваме грешките од минатото, како што беше измамата на фамозната Ружа Игнатова и нејзината компанија „Онкоин“ кога „мистериозно“ исчезнаа 4,5 милијарди долари од милиони луѓе, вклучително и на многумина Македонци.
Колективната меморија, вклучувајќи ја и индивидуалната, ни овозможува правилно да расудуваме и да носиме стратегиски одлуки. Без меморијата знаењето е невозможно, а без знаењето мудрото одлучување исто така е невозможно. Како општество мора да се стремиме кон зајакнување на колективната меморија, само на овој начин нема да ни се повторуваат аферите од форматот на „Конти“, но нема да ни се повторуваат и ситуациите од типот на т.н. Договор за пријателство со Република Бугарија.
Доколку негувавме долга колективна меморија немаше да ја прифатиме бугарската стапица за блокирање и уценување на нашиот пат кон Европската Унија. Како што платформата „Конти“ ги имаше сите сигнали дека станува збор за пирамидална измама, така Договорот за пријателство ги имаше сите сигнали дека станува збор за политичка измама. Но нашето прифаќање на стапицата се должи на недостигот од колективна меморија, во спротивно немаше да се заплеткаме во бугарските политички интриги.
Колективната меморија вели дека Бугарија како држава и општество отсекогаш имала негативен став кон македонските национални особености – јазик, историја, култура итн. Колективната меморија исто така вели дека Бугарија како држава склучи воен пакт со Адолф Хитлер во замена за Македонија. Доколку имавме здрава колективна меморија ќе бевме свесни дека бугарскиот естаблишмент не е искрен и дека постои одредена заднина со т.н. Договор за пријателство. Денес сите ги чувствуваме последиците од блокадите и уцените на Република Бугарија, но тоа немаше да се случи доколку имавме колективна меморија.
Во иднина, доколку не сакаме да ни се повторуваат аферите како што е аферата со платформата „Конти“ или контроверзните договори, кои всушност се замка за уцени и исполнување на одредени политички агенди, треба постојано да се сеќаваме какви се нештата, а не онакви како што некој се обидува да ги претстави. Без меморијата немаме мудрост, а без мудроста влегуваме од грешка во грешка. Затоа ние како држава и општество доматот го ставаме во овошната салата.