Останува да се надеваме и да веруваме дека случајот со смртта на младиот ракометар Денис Тот ќе добие посакувана разврска и оти виновниците ќе бидат изведени пред суд и ќе ги добијат заслужените казни. Но она што ни се повторува како лоша ненаучена лекција од минатото се немањето одговорност, аматеризмот, поради многуте досегашни пропусти во слични случаи, недоследности, развлекувања, грешки во чекори, непочитување на протоколите и стандардните процедури и што ли
уште не
Вистинска медиумска и институционална конфузија беше предизвикана деновиве во врска со трагичната смрт на младиот хрватски ракометар, 27- годишниот Денис Тот, кој настрада пред неколку дена и кој би требало денеска да биде погребан во родното Ѓаково. Токму несреќниот случај со Тот покажа на немањето чувство на одговорност на повеќе различни нивоа и непридржување до нешто што се нарекува стандардна процедура во вакви случаи.
Па, така, јавноста и граѓаните се изнаслушаа сѐ и сешто, се пласираа, па потоа се демантираа секакви непроверени информации и тези, без да се води сметка за чувствителноста на случајот, болката на семејството, но и интегритетот и одговорноста на институции што се задолжени за точно информирање и расчистување на сите детали поврзани со случајот.
Надлежните служби во случајот би требало во што пократок рок да си го завршат својот дел од работата и да ги откријат виновниците за неделото, но она што интригира и што предизвикува мачнина кај сите се конфузијата и контрадикторноста што настанаа поради многуте шпекулации, недоречености, болнички објави/изјави за причината за смртта и на крајот политичките расправии и обвинувања за тоа кој(и) се одговорни за случајов! Имаше и разно-разни избрзани, нелогични и непотврдени информации, од болничката установа каде што бил донесен Тот, потоа и од Министерството за внатрешни работи.
Овие тези и изјави во најмала рака беа контрадикторни и спротивставени едни со други. Најпрво од болнички извори се велеше дека немало никакви видливи физички повреди. Јавноста се прашува кои се тие стручни служби што го утврдиле ова, каква е нивната стручност, која потоа истите болнички извори ја негираат и оспоруваат. Зошто не била примената стандардна процедура што е пропишана при вакви случаи? Зошто се импровизирало со нешто што ни на крај памет не е дозволено? Прво се тврдеше дека ракометарот воопшто не бил нападнат и тепан, а потоа се излезе со официјален став дека имало такво нешто и се трага по сторителите. Сето ова создава конфузија и збунетост во јавноста за една сензитивна и чувствителна тема каде што нема простор за какви било шпекулации и импровизации.
На сето ова се „налепија“ некои од медиуми, кои без да почекаат официјални информации објавуваа сѐ и сешто, во трка по читаност, лајкови, што и да е.
Во целата оваа конфузија свое учество имаа и политичките партии, кои побрзаа политички да профитираат и евентуално да добијат некој партиски поен, на тој начин што ќе се обвинуваат меѓусебно во врска со причините за несреќата. Навистина е трагично и жално некој да печали политички поени на нечија смрт и ваквите обиди предизвикуваат згрозеност во јавноста.
Останува да се надеваме и да веруваме дека овој случај ќе добие посакувана разврска и оти виновниците ќе бидат изведени пред суд и ќе ги добијат заслужените казни. Но она што ни се повторува како лоша ненаучена лекција се немањето одговорност, аматеризмот, поради многуте досегашни пропусти во слични случаи, недоследности, развлекувања, грешки при истрагата, непочитување на протоколите и стандардните процедури и што ли уште не.
За жал, досега сме имале повеќе лоши, трагични примери за нефункционалноста на одредени институции и за многуте недоречености при вакви случаи со трагични последици. Лани во Бугарија, близу Софија, се запали автобус што сообраќаше на релацијата Скопје – Истанбул, во кој изгореа близу 50 лица, меѓу нив деца, старци… И тогаш имаше мноштво шпекулации и дезинформации во врска со причините за несреќата, пропусти при издавањето на дозволата за вршење на дејноста, извршени технички прегледи итн.
Како заедничка констатација при сите вакви трагични случаи останува и избрзувањето со процените и немањето стандардна системска кризна процедура во вакви случаи. Секогаш нешто паушално непроверено се пласира во јавноста, без да се почекаат сознанијата на истрагата и официјалните органи. Таа брзоплетост и неодговорност потоа скапо нѐ чинат. Затоа, потоа да не нѐ чуди што македонските граѓани сѐ повеќе ја губат довербата во институциите
Претходно во септември 2021-та, во Тетово се запали модуларната болница, во која, исто така за кратко време живи изгореа 15 лица. И тогаш во јавноста се пласираа мноштво непроверени информации.
Потоа дојдоа врвни форензичари од Германија и без никаква помпа си го завршија техничкиот дел од работата околу утврдувањето на причините за несреќата.
Се покажа дека имало грешки, но се чини како повторно да изостана одговорноста. Пред три години кај селото Ласкарци на патот Скопје – Тетово се преврте автобус, при што загинаа 13 патници. Подоцна истрагата утврди дека автобусот бил неисправен, но без проблеми ги минувал техничките прегледи! Виновен – само шоферот, друг(и) немаше. Имало и други слични случаи со трагични последици и, веројатно, нема потреба сега да се набројуваат и да се навраќаме на сите поединечно. Но она што останува како заедничка констатација е избрзувањето со процените и немањето стандардна системска кризна процедура во вакви случаи. Секогаш нешто паушално непроверено се пласира во јавноста, без да се почекаат сознанијата на истрагата и официјалните органи. Таа брзоплетост и неодговорност потоа скапо нѐ чинат.
Затоа, потоа да не нѐ чуди што македонските граѓани сѐ повеќе ја губат довербата во институциите. На трагичните настани без разврска, како на фабричка лента се надоврзуваат и многубројните афери со проневера и корупциски скандали во кои се вмешани високи функционери. Поради сите овие правни, институционални и политички небулози, Македонија станува непосакувано место за живеење и делче од светот од кое особено младите на секакви начини се обидуваат да побегнат.