Ваквата упорност и непоколебливост на нашата црква треба да бидат пример и за нашите врвни политичари и дипломати, за начинот на кој треба да комуницираат со светот. Па така, како што нашата македонска црква во Цариградската патријаршија најде соговорник и сојузник што ќе ја разбере и ќе ги прифати нејзините аргументи, а потоа истото тоа да го стори и Српската православна црква, така треба и во меѓународното право да најдеме сојузници и соговорници што ќе го спроведуваат правото на вистинскиот начин. Со тоа и во делот од политичкото признавање нема да правиме само отстапки, туку ќе ја постигнеме посакуваната цел на вистински начин
На 24 мај, Денот на сесловенските просветители Свети Кирил и Методиј, Македонската православна црква – Охридска архиепископија ја доби една од најрадосните вести во историјата. Светиот Собор на Српската православна црква едногласно ја одобри и ја прифати автокефалноста на МПЦ-ОА, а радосната вест за МПЦ-ОА ја соопшти српскиот патријарх Порфириј, поглаварот на СПЦ, на вчерашната заедничка божествена литургија со поглаварот на МПЦ-ОА, г.г. Стефан, во соборниот храм „Свети Климент Охридски“ во Скопје.
Во прилог на патот кон конечната автокефалност, МПЦ-ОА, на 12 јуни, денот кога верниците го прославуваат Духовден, ќе одржи заедничка литургија со вселенскиот патријарх Вартоломеј, во седиштето на цариградската патријаршија во Истанбул.
Вчерашната литургија во Скопје следува по неодамнешната заедничка литургија на помирување во храмот „Свети Сава“ во Белград.
Ова е конечен чекор кон признавањето на долгогодишната борба за автокефалност на Македонската православна црква – Охридска архиепископија.
На овој начин, МПЦ-ОА дочека голема победа, за која црквата во својата историја долго се бореше за духовноста на нацијата. Иако на моменти верниците, па и граѓаните сметаа дека црковната дипломатија не дава резултати и не ги разбираа напорите на МПЦ, со овој последен подвиг се покажа дека во голема мера оваа црковна дипломатија била потребна и конечно, на задоволство на МПЦ и на верниците, истата таа даде плод, а тоа е чекор до автокефалноста на македонската црква. Мудроста, трпението и силната вера беа доказ дека ништо од долгогодишните напори во изминатиот период не било залудно.
Ваквата упорност и непоколебливост на нашата црква треба да бидат пример и за нашите врвни политичари и дипломати, за начинот на кој треба да комуницираат со светот. Па така, како што нашата македонска црква во Цариградската патријаршија најде соговорник и сојузник што ќе ја разбере и ќе ги прифати нејзините аргументи, а потоа истото тоа да го стори и Српската православна црква, така треба и во меѓународното право да најдеме сојузници и соговорници што ќе го спроведуваат правото на вистинскиот начин. Со тоа и во делот од политичкото признавање нема да правиме само отстапки, туку ќе ја постигнеме посакуваната цел на вистински начин. Нацијата очекува да биде исполнета и во правно-политичкиот дел, како што сме конечно и во духовниов дел. Или, да ја парафразираме некогаш многу користената реченица што веќе се одомаќини кај нас – цело е кога има сѐ.
Но да се навратиме повторно на радосната вест. МПЦ-ОА конечно ќе биде признаена рамо до рамо со сите други православни цркви во светот.
Радост за верниците, за државниот врв, вчерашниот ден се прославуваше од страна на верниците во цела Македонија.
Црквата во православието е една и единствена, верата е иста, верниците му се молат на еден Бог, а со оваа радосна вест, нашите свештеници конечно ќе можат рамо до рамо да богослужуваат насекаде во светот.
Со право честитки пристигнаа од сите страни, вклучувајќи го и државниот врв, со што само се потврдува дека 55 години чекање и исчекување не биле залудни.
Во следниот период, МПЦ-ОА и верниците можат да очекуваат технички и организациски детали за свеченото прогласување на службениот акт на автокефалност, односно со потпишување на томосот од вселенскиот патријарх г.г. Вартоломеј, што ќе придонесе за исполнување на вековниот сон на многубројните верници, припадници на Македонската православна црква.
Навистина беше прекрасно да се биде дел од оваа литургија. Никој од верниците не одолеа на зборовите на српскиот патријарх Порфириј, па громогласен аплауз, солзи, насмевки и меѓусебни прегратки и честитки, можеа да се забележат помеѓу присутните верници.
Од овој голем ден, ние, како верници, треба да извлечеме силна поука, дека трпението, вербата, но и правдината секогаш се задоволуваат, дека ништо не е залудно и дека надежта никогаш не треба да умре.