Се правеле многу експерименти за тоа како да се изгради идеална држава. Веројатно идеална држава подразбира и идеален народ или граѓани. Каде сме ние во приказната? Градиме ли држава по мера на сите, особено на децата, по мера за нивната иднина, за нивното здравје? Ова не е рецепт како да изградиме држава, која веќе наликува на лабораториски експеримент на Менгеле, туку да ја видиме реалноста, нашите мани и дали успеавме да ги утврдиме вистинските приоритети. И ова е мој личен обид да избегам од магичниот круг на дволичноста
Си реков ајде да му пишам отворено писмо на премиерот, арно ама остана само како идеја. Си велам можеби имаме некои сличности, и тој е татко и јас, и тој сака подобра држава и јас, и тој сака подобри услови за децата и јас исто така, повикува на раст на наталитетот, ете и тука сме на исто… Но, сепак, поарно да си останам во мојот двор наречен колумна. Никогаш не сум напишал отворено писмо и така ќе остане.
За да ги оствариме тие високи цели, речиси сите наредени и навезени во Уставот, оти ние сме и социјална држава (рецидив од социјализмот), треба да имаме и таква држава и систем што ќе ги утврди своите приоритети. Дали ние правилно сме ги утврдиле? Не сум сосема уверен.
Нема некој рецепт како да се направи совршена држава, иако со векови се филозофирало на темата „Идеална држава“, па толку многу се филозофирало што од пештерата на Сократ (алегорија на Платон) се отишло до волчата јама на Хитлер. Тоа не е цивилизациски скок и тоа не смее да се заборави. Интересни се и експериментите со спортистите, каде што ги допингувале како коњи за трки, но еден е особено интересен и останал во лабораториите. Научниците компјутерски и графички се обидувале да создадат совршен спортист (такви се и експериментите за создавање совршен војник), атлетичар што ќе ги урива сите светски рекорди и на Дуплантис и на Болт и на Кратохвилова… Конечно заклучиле дека тоа е невозможно, затоа што постои опасност или да скокне надвор од стадионот, преку трибини, или да фрли копје некаде во публиката, едноставно самиот ќе се уништи.
Не треба лабораториски експеримент за да се утврди дека вакво нешто неминовно би се случило доколку некој сака да создаде лабораториска држава. Македонија е во таква фаза. Жално, ама вистинито, и тоа не по волја и барање на нејзините граѓани, туку според диктатот на белосветските менгеле-политичари. Двата договора – Преспанскиот и тој со Бугарија се токму таков менгеле-експеримент – да се создаде лабораториска држава, едно тело составено од повеќе тела. Еден устав лепен, долепен, па заличел на Франкенштајн. Судбината на лабораторискиот спортист е неизбежна и за таквата лабораториска држава. Да го наречеме ова супердопингувана држава што ќе настрада од автоимуна болест. Одговорот за имунитетот го знаат нашите баби и прабаби и прадедовци, тие совршено биле подготвени да создаваат сопствен имунитет. Ако ја следиме оваа моја линија на размислување, а секако, вие не мора да одите по мојата патека, која сепак ме води до мојот двор и до мојот дом, тогаш можеме да заклучиме дека нам ќе ни се случи синдромот на автоимуна болест, телото да го јаде и на крајот можеби и да го изеде сопственото тело.
Како да се спречи тоа? Првиот одговор е навремена реакција и разбирање на состојбата во која се наоѓа државата. Тоа значи дека треба да се има волја. Волја кај лидерите, нашите овчари, волја на стадото. Со волја сѐ може да се направи и да се смени.
Нема докрај да одам со рецептот за правење држава, мислам дека ова е доволно, за да укажам каде е иднината. Таа, секако, е во нашите деца, во внуците и на тие што потоа ќе дојдат и ќе останат да живеат овде, во сончева и богата, но запустена Македонија. Македонија е пљачкана со векови, а тој процес како по инерција, еве продолжува и натаму. Уште што остана да се исцица од ова земјиче што некогаш било златната кокошка на Балканот?! Изгледа има уште, но нели сега сакаме промени. Сакаме ли?
Еве, прва работа нека биде – пролетната сеидба на стари и нови култури да биде за 50 проценти поголема од ланската, па да видиме што ќе се случи. Да пробаме.
Сега за нашата иднина, тука ми е маката и болката. Едно семејство влегува во скопска (може да било и во струмичка или тетовска) кафеана, заедно со своите малолетни деца, за да има заеднички ручек. Скаричка, салатиче, убава атмосфера, планови. Мажот прашува: Каде ви е делот за непушачи? Келнерот со насмевка му вели: Нема! И тие продолжуваат да бараат меана каде што не се пуши. Зарем ќе дозволат децата да ручаат во задимен простор. Никако! Запомнете – не сме сите исти, а кога не сме, се бара и се спроведува најдоброто решение имајќи ја предвид нашата иднина – децата. Овде сме потфрлиле, и тоа сериозно. Иако, во таа меана, како и во многу други, децата си ручкаат ќебапчиња, татковците и мајките си дуваат цигарчиња и сите се среќни. Навистина!?…
Ми вели пријателот: „Детето беше на систематски и му рекле да го однесеме на очно и на ортопед“. Потоа тие сето тоа го поминале. На очно си платиле и за преглед, но и за очилата (помагала). И на ортопед, иако чекале два месеца за термин во државно, оти во приватно ќе им наплатат саглам сума. Си платиле, но ги ошуриле (постар збор) за специјални влошки.
– Платив 3.400 денари, поскапо од патиките – рече тој.
– Ааа, вие добро сте поминале – возвраќа една патничка во полупразната 11-ка, и додава „мене ми побараа 200 евра“. Сите на глас: „Срамота, од децата наши крадат“. Некој вели: „Медикополи“!!! Не го разбравме најдобро, но веројатно сака да каже дека здравствово ни е на ниво на лихварско друштво. Ќе платите, знам, деца се во прашање и нивното здравје и правилен развој. Еве и за забни протези за детето да си ги исправи забите и да може правилно да ја соџвака храната, сумата е 1.500 евра. Може и поскапо, и над 2.000 евра. Кој има ќе плати, а тој што нема? Тој прашал во ординацијата дали фондот нешто ќе покрие, одговорот бил – неее, не покрива за ова. За овие помагала што ги наведов фондот ништо не покривал. Да кажам само срамота, не е доволно, но… Има веројатно и подрастични случаи. Еден го видов со свои очи кога бев на операциона маса за операција на кила, а до мене подготвуваа едно тинејџерче за операција. Ми вели докторот: „Малечково има рак на желудникот. Од Свети Николе е, таму имаме чести вакви случаи. Не им чини водата, водоводот“.
Кога го читате ова, не фаќајте се веднаш за коса, има многу вакви случаи. Некои и се кријат. Но Детската клиника во Скопје каде што нашите дечиња одат поради астматични проблеми, опстипации, шлајмови или алергии, ја знае вистината. Еднаш напишав колумна со наслов „Тие ги исчистија реките, ние ставивме табла со натпис Забрането капење“. И мислиме дека така сме го решиле проблемот. Решен ли е проблемот ако на Детската клиника ставиме натпис „Одделот е реновиран со средства на УСАИД“ или со донации на некој тајкун. Не, секако не.
Како да се излезе од овој магичен круг, од оваа опасна спирала што се храни со енергијата на дволичноста? Треба да се има волја и план. Македонија не е изградена (како и Рим) за два дена, нема ни да биде уништена за два дена. Но мораме да одиме напред многу побрзо, многу поумно. Примерот е со ѓубрето. Ни се натрупа, но го исчистивме. Дали го исчистивме или само зачистивме? Тоа е секаде околу нас. Ние сме затрупани од депонии, од отпади што растат и на археолошки локалитети, од немање план како ефикасно да се собере тоа ѓубре, од давање еколошки дозволи за складишта на опасен отпад, и тоа веднаш до градинка и училиште. До кога? Па така, ние фрламе и ги полниме контејнерите со ѓубре, други ги буричкаат и дел од тоа ѓубре ни го враќаат по кејови, мостови или диви депонии. Голем дел го палат. Нема крај. А приватните фабричиња што загадуваат во текот на ноќта, што се спалува увозен отпад, што Цементара нѐ цементира белодробно и секако и што ли уште не се депонира по државава наместо да се сее и сади, што со тоа? Повикот или крикот на премиерот не е за ставање розови очила, барем јас така го разбирам, туку нешто да се прави. Па да засукаме ракави и да го направиме државичево подобро, многу подобро.
Да не се задоволуваме со подзачистување на куќата. Малку е тоа за да бидеме сигурни дека ќе обезбедиме добра иднина за нашите деца. Статистиката вели дека дури 30 проценти од тие малолетници на возраст до 14 години веќе почнале да пушат или да дуваат цигари, некои веројатно и отишле подалеку. Ако за некого тоа не е проблем, во ред, но дали поради тие некои така ќе ја тераме. А ќе се шокираме кога ќе чуеме дека некој наш Македонец или Србин бил казнет во Грција затоа што бил фатен како пуши во колата во која ги возел своите малолетни деца. Да, тие се негови деца, но здравјето на децата е само нивно, а тој не го почитувал тоа. Скапа работата е здравјето, особено на децата, а ние се однесуваме како да е тоа само една меркантилна стока. Нели треба сите да се засрамиме поради оваа култура на однесување? Треба, треба.
Секако, пушењето, кое го наведувам за пример, е само она видливото што го труе нашето општество и ни ги демаскира нашата ноншалантност и неподготвеност да се соочиме со проблемот што ни е како автоимуна болест – да не почитуваме закони, да не ја почитуваме околината, да не ја сакаме природата надевајќи се дека еден ден и така нашите деца ќе отидат негде по белиот свет. Колку тажно, колку бесмислено, а сепак, решенијата ни се на дофат и воопшто не се болни.
Христо Ивановски

































