Во ситуација во која извештајот на американските разузнавачи недвосмислено укажува дека Русија ја искористува корупцијата за да купи влијание во европски земји, меѓу кои и во Бугарија, зборовите на копретседателот на македонско-бугарската историска комисија, Ангел Димитров, ми личат на онаа позната изрека „држете го крадецот“. Наместо неосновано да обвинува и „тропа“ дека Македонија би можела да биде „тројански коњ“ на Москва во некој натамошен развој на настаните, нека го прочита извештајот на Националната разузнавачка служба на САД, во кој се содржат информации заклучно со 21 јануари (а е декласифициран минатиот месец) и во кој основано и недвосмислено се тврди дека токму Софија е корумпирана при донесувањето одлуки да помогне во извршувањето на руските надворешни работи и цели…
Во екот на бугарската лавина вербални напади и конструирани медиумски обланди во кои не се избираат зборови за да се пласира нивната „вистина за Македонија“, сѐ со цел да се сврти вниманието на светската јавност, но и патем да се придобијат барем уште десетина, па можеби и дури цели стотина нови приврзаници кај нас, нов студен туш дојде отаде океанот.
Во извештајот на Националната разузнавачка служба на САД, кој содржи информации заклучно со 21 јануари, а е декласифициран минатиот месец, се наведува дека Русија ја користи корупцијата како ефективна алатка за надворешна политика, за да ги унапреди своите геополитички цели и да купи влијание во други земји. Во извештајот децидно е потенцирано дека „Русија ја искористи корупцијата за да помогне во развојот на мрежи за покровителство во земјите, вклучувајќи ги и Унгарија, Бугарија, Словачка и Украина, да влијаат на донесувањето одлуки и да помогнат во извршувањето на руските надворешни работи и цели на политиката“.
Ете, така велат од Националната разузнавачка служба на САД. Не го вели тоа некој неосвестен Бугарин, кој сѐ уште за себе мисли дека е Македонец, како што сакаат да нѐ претстават нашите „браќа“ од Истокот, туку тоа го вели службата чиј глас се слуша и почитува и во Скопје и во Софија, исто како и во Берлин, Париз или Тимбукту. Без разлика каков е односот на која било држава кон оваа служба, сепак нејзините ставови се земаат како релевантни, па врз основа на тоа се донесуваат сериозни заклучоци и неретко се градат и исто така сериозни планови за тоа – како понатаму.
И сега, откако се разоткриваат работите околу тоа кој за кого работи и чии интереси застапува, треба ли дополнително да ги коментираме зборовите на копретседателот на македонско-бугарската историска комисија, Ангел Димитров, човекот што своевремено беше амбасадор токму во Скопје. Човекот, очигледно многу добро упатен во состојбите во оваа област за која зборуваме, пред неколку дена во колумна за агенцијата БГНЕС ја посочи Македонија како блиска до Москва, или уште попрецизно како држава што е генетски поврзана со Србија и со Русија. Уште повеќе, тој ги повика ЕУ и САД да не ја критикуваат само Бугарија, бидејќи Македонија би можела да биде „тројански коњ“ на Москва во некој натамошен развој на настаните.
Во ситуација во која извештајот на американските разузнавачи недвосмислено укажува дека Русија ја искористува корупцијата за да купи влијание во европски земји, меѓу кои и во Бугарија, зборовите на искусниот дипломат ми личат на онаа позната изрека „држете го крадецот“. За негова жал, предоцна се јави да каже дека Македонија е во нечија сфера на влијание и контрола, кога зборовите на американските разузнавачи го поклопија пред да изусти уште некоја умотворина со која ќе се обиде да ја разубави сликата за Бугарија, а да ја оцрни што повеќе Македонија. Луѓето многу јасно и недвосмислено си кажаа кој под чија капа бил, е и ќе биде. И нека му е со среќа. Впрочем, тоа е нивна работа, нивен избор и ние нема што да им се мешаме или, пак, да носиме какви било заклучоци околу тоа.
А би можеле да потсетиме на она што ѝ е достапно на јавноста – неодамнешното апсење на еден бугарски висок офицер во пензија, на ланското обвинение против шест воени претставници за шпионирање во корист за Русија… Но нема да се навраќаме на деталите, како што реков, тоа е нивна внатрешна работа и нека си се снаоѓаат како што знаат и умеат.
Повеќе би се навратил на она што во домашната јавност беше проследено со чудење и неверување, имено, би кажал некој збор за молчењето и нереагирањето на официјалните македонски претставници на зборовите на Димитров. Ако ништо друго, барем да се кажеше некој збор, колку да се види дека и ние имаме наши, македонски претставници. Но ништо. Ние си решивме да молчиме. Убаво ни е вака, „нека нѐ зборат, па макар и по лошо“. И немој сега некој да објаснува дека Димитров не е официјален претставник и затоа нема официјална реакција. Со самото тоа што тој води официјална меѓудржавна комисија добива функција што го прави претставник на неговата држава и кој подлежи на соодветен третман. Но, сепак, како и во други слични ситуации, ние ќе си премолчиме.
Како што си премолчевме и пред некоја недела кога поранешниот високорангиран припадник на безбедносните служби, Слободан Богоевски, изнесе интересни сознанија за уште еден Бугарин, кој со посебен жар зборуваше и ја оцрнуваше Македонија. Имено, според Богоевски, кој долги години беше прв човек на тајната служба, Красимир Каракачанов додека студирал во Скопје имал интересни контакти со одредени луѓе. И наместо да се расветли докрај тој светол лик на современата бугарска историја, кој блуеше лаги и конструкции против Македонија и Македонците, работата се забошоти и остана на таа една изјава, кој видел, видел, кој не, кој му е виновен.
Не сакам ниту да помислам какво би било бугарското сценарио ако случајно во Софија дојдеа до сознание за некој Македонец што дошол во близок контакт со бугарските служби, а овде зборувал нешто сосема поинакво од тоа во што се заколнал и се заложил кога им бацил рака на службите.