Кога се во прашање интересите на државата и нацијата, секогаш постојат можности!

Колку и да звучи чудно, еден подолг период дефетизмот и песимизмот се политичка мантра во македонското политичко суштествување, кое првпат се пројави со потпишувањето на Преспанскиот договор. Од тогаш, па сѐ до денес дефетизмот и песимизмот се неизбежен декор на македонската политичка сцена. Некој, без подлабока анализа и расудување, од дефетизмот и песимизмот создаде идолопоклонство, кое е очигледно во прифаќањето на сѐ и сешто, без да се води грижа за македонскиот државен суверенитет, но и за достоинството и самопочитта на македонските граѓани

Дефетизмот како феномен е сеприсутен во македонското општество, видливо во многу аспекти на нашето битисување, но што конкретно е дефетизам? Зборот има негативна асоцијација, а наједноставната дефиниција гласи дека дефетизмот во суштина е прифаќање на поразот, односно дека поразот е подобар од победата или дека предизвикот е изгубен однапред. Не случајно, дефетизмот е истозначник со зборовите: песимизам, прифаќање, согласност, понизност, кротост, послушност, пасивност, сервилност, потчинување, покорност, попуштање и сѐ така до бесконечност! Во секојдневниот говор може да се користи во релација со спортот, психологијата, филозофијата или политиката итн., но ние би се задржале на неговиот заемен однос со песимизмот, поточно со филозофијата на песимизмот, расудување што очигледно се одразува и на политичкото суштествување во нашето општество.
Како филозофски систем, песимизмот е неразделно поврзан со Артур Шопенхауер, еден од најголемите филозофи на сите времиња, а негово најзначајно дело е „Светот како волја и претстава“. Шопенхауер останува запаметен како краен песимист поради неговите песимистички погледи за битисувањето на човекот. Верувал дека универзумот е фундаментално ирационален, а човековите суштества се управувани од сила што се нарекува волјата, основна сила во универзумот, која никогаш не може да биде задоволена и ние луѓето немаме самоконтрола за да се бориме со неа. Оттука, Шопенхауер аргументирал дека најдобар начин за остварување на среќата е воопшто да не се трага по неа. Оваа идеја се одразува во филозофијата на психологијата, нешто што не е психолошка диспозиција, туку светоглед на нештата. Песимизмот како филозофија предлага дека секогаш треба да го очекуваме најлошото со цел да го добиеме најдоброто, како и дека преку филозофските принципи на песимизмот можеме да ги отстраниме ирационалните надежи и очекувања во животот, а оттука и можеме да живееме помирно и посреќно.

Но филозофијата на песимизмот, како и секоја друга филозофија е систем (збир од методи и принципи) со свои недостатоци, грешки и противречности. Оттука е и укажувањето на филозофот Никола Милошевиќ дека: „Никому досега не му успеало своите идеи да ги изложи на начин целосно хармоничен и кохерентен, лишен од сите можни противречности. Постои само стремеж кон логична доследност што одделни мислители го остваруваат, помалку или повеќе, успешно“. Шопенхауеровите недостатоци и противречности биле согледани од Фридрих Ниче, кој претходно се воодушевувал од неговите филозофски мисли. Ниче аргументирал дека Шопенхаеровиот песимизам е симптом на декаденција, на опаѓачки поредок на животот, поредок што е уморен и нарушен, насочен само кон задоволување на биолошките побуди и ништо повеќе.
Накратко да го оставиме мудрувањето и да се насочиме кон суштината. Колку и да звучи чудно, еден подолг период дефетизмот и песимизмот се политичка мантра во македонското политичко суштествување, кое првпат се пројави со потпишувањето на Преспанскиот договор. Од тогаш, па сѐ до денес дефетизмот и песимизмот се неизбежен декор на македонската политичка сцена. Некој, без подлабока анализа и расудување, од дефетизмот и песимизмот создаде идолопоклонство, кое е очигледно од прифаќањето на сѐ и сешто, без да се води грижа за македонскиот државен суверенитет, но и за достоинството и самопочитта на македонските граѓани.
Како општество, држава и нација наскоро ќе имаме можност да престанеме да се клањаме пред идолите на песимизмот и дефетизмот, а совршена можност ќе бидат претседателските избори што се наближуваат.

Некој може да нѐ запраша како може да се оддалечиме од сервилноста или покорноста, но одговорот е едноставен. Новиот македонски претседател ќе треба да ги поставува вистинските прашања, а вистинското прашање гласи – зошто Бугарија не го почитува сопствениот устав, особено членот 6 во кој се вели дека: „Сите луѓе се раѓаат слободни и еднакви по достоинство и права. Сите граѓани се еднакви пред законот. Нема да има привилегии или ограничувања на правата врз основа на раса, националност, етничката самоидентификација, пол, потекло, религија, образование, мислење, политичка припадност, личен или социјален статус или имотен статус“.
Денес, премногу често слушаме дека ова или она не е возможно, затоа и го прифативме францускиот предолг, а преговарачката рамка со Европската Унија е онаква каква што е, го нарушува државниот суверенитет и внесува идентитетски прашања. Затоа македонскиот претседател пред сѐ треба да биде државник, односно да се одликува со храброст, оптимизам, визионерство, надеж и отпорност. Тој не може да биде дефетист или песимист, треба да им погледне на предизвиците во лице, да ја прифати борбата и да се соочи со неа, бидејќи „ништо не е завршено, сѐ додека дебелата дама не запее“, во смисла дека не можеме да го претпоставиме крајот на настанот, бидејќи сите средства ги имаме на располагање. Оттука, претседателот на Република Македонија никогаш не смееме да заборави дека предизвикот никогаш не е изгубен однапред и секогаш мора да аргументира на следниот начин: „Кога се во прашање интересите на државата и нацијата, секогаш постојат можности!“