Каков костум ЕУ ќе ѝ скрои на Македонија – по теркот на Лагерфелд или на Лоран

  • Сѐ погласно се зборува за реформи на ЕУ – како на пример за враќање во игра на моделот „Европа во две брзини“, кој го туркаат Германците, како и промена на моделот на гласање за да се спречи правото на вето, на пример при гласањето за нови членки на ЕУ. Постојат повеќе причини за оптимизам, но и за скептицизам, и затоа Македонија мора со забрзано темпо да работи на свој сувренистички план за да избегне несакани сценарија

Два процеса се од извонредна важност за Македонија, затоа што од нив многу ќе зависат нејзиниот опстанок и натамошен развој. Тоа се два огромни витела во кои ќе се најдат многу земји, не само Македонија, и секој на најсебичен и безобѕирен начин ќе ја носи водата на својата воденица. Нема да се има милост!
Првиот потрес е поврзан со иднината на НАТО. Дали ќе се распадне? Моменталните сили во светот покажуваат дека времето го згазило НАТО и тој повеќе не може да го чува статусот на воена алијанса што ќе го гарантира светскиот мир во име на Обединетите нации. Ова е статус добиен од ОН во време на Бутрос Гали. Многу меѓународни принципи прекрши НАТО предводен од некогаш единствената суперсила – Америка. Денес и самиот Вашингтон зборува за мултиполарност, притоа настојувајќи да игра на империјалистичка карта и да лапне што поголемо парче од колачот што го сервираат геополитичките потреси. Ова секако дека може да биде и поттекст за сериозен конфликт со некоја од соперничките, како што се Русија и Кина. Во моментов се трудат да бидат на пристојно растојание од директен конфликт.
Вториот ветер на промените („Wind of change“, според песната на „Скорпионс“, германски метал-бенд), а за нас и поопасен, е најавениот крај на Европската Унија во форма каква што денес ја познаваме. Веќе дваесетина години се зборува дека ЕУ мора да се сврти кон самата себе и да се реформира, што би значело и да се модернизира, а сега гледаме дека се отвора не пат, туку автопат и да се милитаризира. Во потрагата по својот нов идентитет, Македонија повторно може да биде фрлена на маргините како небитен субјект за Брисел, оставајќи ја земјата на бришан простор под изговор дека не ги завршила реформите. Главно прашање се промена на Уставот и внесување на Бугарите во највисокиот закон. Ама не просто внесување, има тука финеси. Тоа би била многу незавидна позиција затоа што државата тешко ќе се одбрани од сите напади од секаков вид кон нејзиниот суверенитет. Гледаме што ни се случува и дека сме предмет на опасни хибридни пенетрации, најмногу од првите соседи. Сите си ја сакаат Македонија (Киро Глигоров). Ако не цела, тогаш би да ја си ја поделат. Како да играат табланет, а писарот е Брисел.
Се појави некаков знак на разум и надеж за црната европска дупка наречена Балкан, но сега и проширена и за најмалку уште три земји – покрај Македонија, Албанија, Босна, Србија, Црна Гора (Косово), во некаков нов пакет се ставаат и Украина, Молдавија и Грузија. Сите овие земји се најавува дека влегле во новата стратегија на ЕУ за проширување, процес што би завршил во наредните две години на операција што би била изведена софистицирано и, како што би коментирала претседателката Силјановска-Давкова, „креативно“. Каков е тој костум што Брисел би го кроел за нас според креативноста, да речеме, на еден Карл Лагерфелд (германски) или Ив Сен Лоран (француски)? Бидејќи Брисел повремено боледува од болеста наречена ветократија, се планира за проширувањето да се укине ветото како механизам на блокада. Дали е ова како што вели народот „не умри магаре до зелена трева“? Навистина големо прашање. Кој би се откажал од правото на вето? Од можноста да го употреби своето нуклеарно оружје, како што на времето викаше грчкиот министер Теодорос Пангалос? Но, можеби навистина е пронајдено креативно решение за членките на ЕУ да не паничат ако за одредени прашања останат без еден ас во ракавот. Можеби канцеларот Мерц, кој се гледа како нов лидер на Европа, има моќ, или ќе ја добие, во интерес на геополитиката да изврши блицкриг во процесот на проширување и сите да ги внесе во ЕУ. Или не баш сите? Што со Косово? Што со Босна? Што со Македонија…?

Во моментов иако Македонија има стабилна влада, што е голем плус кога се во прашање евроинтеграциите, затоа што Брисел има чист терен и знае со кого да води дијалог, но имаме проамериканска влада со нагласен сувренистички приод кон водењето на политиките. Ова за Брисел е сигнал за размислување, а тоа значи време. Дополнително време поминато во чекалницата на Брисел?! Ова е едно можно сценарио.
Она што сега е некаков индикатор, ако е, зашто од Брисел постојано се испраќаат топло-ладно изјави и информации, е изјавата на Фридрих Мерц по барањето на Зеленски ЕУ да одреди датум за членството на Украина во Унијата. Зеленски ја фрла последната карта. Но Мерц со германска ладнокрвност, зад која се крие типичен прагматизам, го отфрли барањето на украинскиот лидер Володимир Зеленски за датум за пристапување во ЕУ во 2027 година, наведувајќи дека процесот ќе трае „неколку години“, бидејќи Киев прво мора да ги исполни критериумите за членство во блокот.
„Пристапувањето на Украина на 1 јануари 2027 година не доаѓа предвид. Тоа не е можно. Сите кандидати – вклучувајќи ја и Украина – кои сакаат да се приклучат кон Европската Унија мора да ги исполнат Копенхашките критериуми“, изјави во средата Мерц во Берлин.
Сепак, она што почна како тивка иницијатива на Словенија, Австрија и Италија за промена на моделот на одлучување, се прошири и зад него застанаа десетина земји. Овој процес оди напред, но сепак е неизвесно каде ќе заврши. И покрај тоа не е јасно дали тргањето на ветото ќе важи за сите кандидати. Дали за Македонија ќе остане рамката на Макрон како ултимативен услов, но и стрес-тест за опастанокот на државата? Дали на пример Брисел заедно со Црна Гора и Албанија ќе ги турка на брз колосек и Украина и Молдавија, а другите ќе ги остави да чмаат во црната дупка? Дали Македонија ќе биде оставена да ја игра улогата на гладијатор како забава за бриселската бирократија? Не би сакале да се случи тоа, но и таа варијанта е можна. И конечно постои уште најмалку еден парадокс, а тој е дека промената на правилата за гласање повторно ќе треба да се случи со консензус. Можно ли е тоа?
Тука не е крајот на бриселските креации, затоа што за тимот на Фон дер Лајен и на главните европски лидери постои план, задача и обврска кон своите избирачи, да тргне напред, да побегне од економскиот застој, да стане респектабилна воена сил… и уште многу, многу обврски. Како да го постигне тоа? На маса се враќа стариот план „Европа во две брзини“. Прва лига држави што ќе бидат економската локомотива, а тоа значи најмоќните економии, потоа втората лига, а сегашниве кандидати ќе бидат тешка трета лига. Што ќе значи тоа не е докрај јасно, зашто само се нафрлаат извесни предлози, како што е тие да немаат право на глас и свои комесари и веројатно ниту пристап до сите фондови, па и информации. Некаковси вид партнерство.
„Ројтерс“ неодамна објави дека Германија, и порано анализиравме дека таа ќе ја води Европа, промовира план во рамките на ЕУ за развој, а во остварување на тој план од 4 клучни точки се повикани Франција, Полска, Шпанија, Италија и Холандија. Тоа бил моторот на новата Европа, кој треба да обезбеди моќ, сила и отпорност и да го одбрани суверенитетот. Сакале или не, и во ЕУ влезе во секојдневниот политички речник зборот – суверенизам.

А, Берлин смета дека развојот на одбранбената индустрија на најбрз начин ќе обезбеди економски напредок. Некои во овие редови можеби ќе прочитаат подготовки за војна, што секако не е далеку од реалноста. Да, Европа се подготвува и за војна, а и нас нѐ подготвува за војна. Ќе војува не само против Русија, туку ќе војува и за ресурсите, за технологијата, ќе војува за нови пазари… Дали Балканот и Македонија ѝ требаат на таа Европа? Без дилеми, само како да се изведе таа операција?
Бидејќи Годо никогаш нема да дојде, Македонија треба забрзано да работи на свој план како да избегне колапс доколку ЕУ ни ги затвори вратите за наредните десет години. Предолг период и многу фрустрации. Првиот чекор е свртување кон себе и искористување на сите свои ресурси. Апсолутно сите – од луѓе и знаење до земјоделство, водостопанство, аграр, технолошки иновации, промена на закони и намалување на администрацијата и нејзино пренасочување во продуктивни сектори. Барање нови пазари, барање и создавање пријателства. И на Брисел му е јасно дека премногу закони, премногу регулации и стандарди значат и голема и гломазна администрација, која мора да се плаќа. Брисел ќе се менува! Ако првиот чекор е најдолг, а последниот најважен, тогаш треба да се чекори со свои нозе, а не да се потпираме на бастунчето на Брисел, кое не ни гарантира сигурност.