Како што се обединуваме за Курбан бајрам, да се обединиме и за националните и државните интереси!

Факт е дека Курбан бајрам, како еден од најважните празници во исламот, како празник преку пророкот Авраам и неговата симболика за љубезност, сочувство и соживот ги обединувал сите без разлика на нивниот јазик или народност, меѓутоа оваа соединетост треба да се пренесе во сите општествени сфери. Како нација, држава и општество треба да се соединиме во една целина, муслиманите и христијаните да создадат единство и заеднички интереси за благосостојба и просперитет на Македонија како заедничка држава и татковина

Вчера започна прославувањето на Курбан бајрам за припадниците на исламската вероисповед. Но големиот празник се прославуваше и честиташе во нашата Македонија и многу пошироко. Честитки и полни софри делеа муслиманите со православните, католиците и припадниците на другите верски заедници во државава.
Курбан Бајрам е еден од најважните празници во исламот, празник што во суштина е сеќавање на подготвеноста на пророкот Авраам (Ибрахим) да го жртвува својот син Исмаил, кога Бог (Алах) му наредил. На самиот момент на жртвувањето, Бог го заменил Исмаил со овен, кој требало да биде жртвуван наместо синот на Авраам. Според исламските верувања, заповедта на Бога била опитување на подготвеноста и посветеноста на пророкот Авраам да ја послуша заповедта на својот Бог, без никакви приговори или прашања. Затоа Курбан бајрам значи празник на жртвата. Во зависност од земјата, прославата на Курбан бајрам може да трае помеѓу два или четири дена, а чинот на жртвување се врши по бајрамските молитви, кои се извршуваат во најблискиот муслимански храм. Месото од жртвата се дели на три еднакви дела, една третина е за семејството, една третина за пријателите и последната за сиромашните. Традиционално денот се прославува со семејството и пријателите, како и со раздавање подароци. Овој ден е и кулминација на аџилакот на аџиите што заминале да се поклонат на Светата Ќаба во Мека, родниот град на пророкот Мухамед.
Курбан бајрам е традиционален муслимански празник, но и традиционален празник во Македонија и на македонската нација. Во историските записи не е точно определено кога стапнал првиот муслиман на македонска почва, но историските факти велат дека со пристигнувањето на Турците османлии, исламот станува неразделен дел од македонското религиозно и културно битисување. Оттука Курбан бајрам е еден од најважните празници во Македонија низ вековите, како празник на меѓусебна доверба и солидарност помеѓу припадниците на македонскиот народ, турскиот народ, албанскиот народ, бошњачкиот народ итн., празник што обединува, а не разделува.

Не случајно Авраам (Ибрахим) е високопочитуван во јудаизмот, христијанството и во исламот како пророк. Всушност Авраам е заеднички именител за љубезност и сочувствителност кај христијаните и муслиманите, како „исконскиот човек на универзалното предавање на Божествената реалност пред нејзината фрагментација во религии одделени една од друга со разлики само во формата“. Во оваа смила, христијаните го почитуваат Авраам како пророк на кој Бог избрал да му се открие и со кого Бог започнал завет, а муслиманите го почитуваат како имам на народите и татко на муслиманите, како пророкот што заедно со својот син Исмаил ја изградил Светата Ќаба во Мека. Со други зборови, Авраам (Ибрахим) и Курбан бајрам се симболи за љубезност и сочувство кај муслиманите и христијаните. Затоа низ вековите, кога муслиманите го чествувале Курбан бајрам во Македонија, честопати биле во придружба на христијаните.
Факт е дека Курбан бајрам, како еден од најважните празници во исламот, како празник преку пророкот Авраам и неговата симболика за љубезност, сочувство и соживот ги обединувал сите без разлика на нивниот јазик или народност, меѓутоа оваа соединетост треба да се пренесе во сите општествени сфери.

Како нација, држава и општество треба да се соединиме во една целина, муслиманите и христијаните да создадат единство и заеднички интереси за благосостојба и просперитет на Македонија како заедничка држава и татковина. Како што се почитуваме и обединуваме за време на празникот Курбан бајрам, како нација без разлика на религиозната припадност треба ги обединиме зборовите и делата, да се здружиме, да станеме една целина околу националните и државните интереси. Само на овој начин Македонија ќе биде богато и просперитетно општество, општество без корупција, каде што владеењето на правото ќе биде правило, а не исклучок. Општество во кое младите без разлика на религијата ќе одлучат да останат и да се посветат на професионален план, а не да заминуваат низ светот. Тоа е решението, а не како досега!