Се добива впечаток како добар дел политички субјекти во државата да немаат ниту визија ниту курс по кој се раководат, како едноставно не знаат во кој правец нѐ водат. Или, пак, со своите потези и политики заземаат сосема погрешен курс, кој води кон разградување и обезличување на државата и ги загрозува нашите идентитетски обележја. Затоа, политичари од власта и од опозицијата, крајно време е да го поставите вистинскиот курс. Да застанете на истата страна со народот и да работите за интересите на државата и на граѓаните
Деновиве на политичката сцена продефилираа редица навигатори, иако Македонија нели нема море, кои кажуваат кој курс треба да го заземеме. И бидејќи многумина од овие копнени навигатори се занимаваат со насочување и диктирање правец, ќе потсетам на една случка од минатото, која има допирни точки со насочувањето.
Своевремено во новинарските кулоари се прераскажуваше едeн интересен настан од периодот на поранешна Титова Југославија. Имено, тогаш по некој значаен конгрес на КПЈ и на државното раководство требало да се отпечати сублимиран извештај од конгресот на насловната страница, под наслов „Остануваме на Титовиот курс“. Ама се случило нешто сосема неочекувано и непредвидливо.
Во тоа време графичката технологија била таква што секоја буква се редела посебно на плоча пред да се отпечати текстот. Така, при подготовката, од предвидениот наслов „Остануваме на Титовиот курс“, од последниот збор „курс“ испаднала буквата „с“. А без оваа буква, насловот добил сосема друга, крајно провокативна и вулгарна конотација. Може да замислите во тоа време на таканаречено едноумие некој да се подбива или да го навредува Маршалот. За вакво нешто се одело на Голи Оток.
За среќа, грешката брзо била увидена и печатењето стопирано. Дали сето тоа било игра на случајноста, техничка грешка, немарност или можеби некој намерно си поиграл со буквите, не е познато. Но случката останала да се прераскажува и до ден-денес. И да се вратам на поентата. Колку е важна секоја буква, секој збор и уште повеќе поставениот курс по кој се движи државата.
И денес голем број домашни политичари сакаат да се повикуваат на некаков политички континуитет и курс што го поставиле нивните претходници. Континуитетот и курсот во политиката може да се дополнуваат, но може и целосно да се разидуваат. Континуитетот е посакувана категорија и вредност, која гарантира постојаност и непрекинатост на процесите и политиките, но само доколку курсот е исправен, вистински и во интерес на граѓаните и државата. Во спротивно, ако курсот е погрешен или проблематичен, за каков континуитет зборуваме? Тогаш веројатно повеќе станува збор за калакурница, или за континуитет на деструкција, девалвација и разградување на државата.
Еве и низ конкретни примери.
ДУИ и Али Ахмети се најеклатантен пример за политички континуитет во државата. Оваа партија и нејзиниот лидер се речиси две децении дел од владејачките структури и со самото тоа носат голем дел од одговорноста за состојбите и условите во државата. Поочигледен пример за толкав политички континуитет нема ниту во регионот ниту во светски рамки. Но ајде да видиме каков е курсот на партијата и нејзините челници. Што добро таа им донесе на државата и нејзините граѓани? По повеќе од две децении во врвот на власта, оваа партија не може да се пофали со ниту една реформа, иницијатива, проект, достигнување во интерес на државата и на граѓаните. Иако се ребрендира во зелена партија, ДУИ останува тесно етноцентрична структура, на која во прв план ѝ се исклучиво етничките рамковни вработувања, партизацијата, тендерите, забошотувањето и изигрувањето на законите и правото. До каде допираат отровните пипала на партијата се покажа и со неодамнешниот избор на јавен обвинител, но и со редица други примери за вработувања во државната администрација, контролата на летање итн. Апетитите на ДУИ за моќ и пари се неограничени. Таа сака да ги контролира и да владее и со небото и со земјата, кога веќе немаме море. И да не се разбереме погрешно, воопшто не е проблем етничката или партиската припадност на носителите на раководни функции. Клучното прашање е во реализацијата, компетентноста, критериумите, професионализмот, конкурентноста. Тука континуирано потфрламе. Каде се резултатите? Зошто и по повеќе од две децении на власт нема резултати на ниту едно поле, и од оваа партија и од другите како неа? Зошто Македонија и понатаму е рангирана како најкорумпирана и економски најзаостаната земја во Европа? Да не ги наведуваме и катастрофалните резултати на планот на образованието и владеењето на правото. Во сите овие сфери на клучни позиции изминативе години меѓу другите биле и припадници на ДУИ. Сето тоа е пример за лош курс, погрешен правец, погрешни политики. И по ова, некој пак се фали со континуитет, кој нѐ води сите во пропаст.
Да беше ДУИ вистинска демократска партија, како што се декларира, веројатно самата уште многу одамна требаше да побара целосно расчистување и расветлување на четирите случаи за воени злосторства против човештвото што Хаг ѝ ги врати на државата.
Одиме понатаму. На политички континуитет деновиве се повика и најголемата владејачка партија, нагласувајќи дека тие биле континуитетот на политиките на Киро Глигоров, Бранко Црвенковски, Радмила Шеќеринска, Зоран Заев итн.
За тоа колку политиките на овие ликови биле успешни и полезни за државата веќе се имаат изјаснето македонските граѓани на избори и во тоа не навлегуваме. Но ајде да појасниме уште нешто во врска со континуитетот. И тука изгледа некој ги помешал лончињата.
На каков континуитет се повикува Ковачевски, кога поранешниот претседател и лидер на СДСМ Бранко Црвенковски јасно и отворено се спротивстави на политиките на неговата партија во однос на Бугарија, па дури и го замрзна своето членство во партијата. И не само тој, голем дел од членството јавно се изјасни против договорот со Бугарија.
Договорот со Бугарија не само што не затвори ниту едно прашање туку, напротив, ја отвори Пандорината кутија и создаде основа за цела серија барања од страна на Бугарија, кои до таа мера задираат во нашиот национален идентитет и историја што едноставно не е можен компромис, порача Црвенковски. Ваквото дистанцирање не е показател за континуитетот?
Актуелниот лидер на СДСМ драстично отстапи и од позициите на неговиот претходник Зоран Заев. Да не речам му заби нож во грбот, за некому да не му прозвучи преостро. Но фактите се токму во таа насока. Пред заминувањето од функцијата, Заев јасно порача дека Бугарите можат да влезат во македонскиот устав само ден претходно или истиот момент кога Македонија ќе влезе во Европската Унија. Во најдобар случај, тоа би значело за околу осум години, или во 2030 година. Но на власта ѝ се брза и настојува уште сега да ги внесе во Уставот, заради што неделава беше свикана и лидерска средба. И ова не е пример за континуитет во ставовите, политиките и потезите. Многу повеќе личи на политичка калакурница и немање сенс и курс во кој правец се води државата.
Македонија и македонските граѓани во моментов имаат многу поголеми и посуштествени прашања за решавања отколку какви било политичко-партиски поигрувања со Уставот, по нечиј туѓ диктат. Во институциите треба да се дебатира и да се бараат решенија за спас на стопанските субјекти, за подобрување на животниот стандард на граѓаните, за излез од енергетската и економска криза. Тоа се темите. Нерешавањето на овие суштествени прашања е кочница за сегашноста и за иднината на државата, а не занимавање со некакви туѓи агенди и туѓи барања, како што некој сака да го претстави. По сето ова, се добива впечаток како политичките субјекти во државата да немаат ниту визија ниту курс по кој се раководат. Едноставно не знаат во кој правец нѐ водат. Или, пак, со своите потези и политики заземаат сосема погрешен курс, кој води кон разградување и обезличување на државата и ги загрозува нашите идентитетски обележја.
Затоа, политичари од власта и од опозицијата, крајно време е да го поставите вистинскиот курс. Да застанете на истата страна со народот и да работите за интересите на државата и на граѓаните. Во предвечерјето на Денот на ослободувањето на Скопје, 13 Ноември, да се ослободиме од сите внатрешни стеги, немири, поделби и да продолжиме заедно по патот на македонизмот, антифашизмот, евроинтеграцијата, правото, хуманизмот и вистинските вредности.