Како Македонија стана „легло на екстремизам“?!

Калемењето на квалификацијата „екстремизам“ на реакцијата на македонската јавност на сите неправди и континуирани притисоци за себенегирање и откажување од националниот идентитет, историја и јазик во процесот на евроинтеграциите на Македонија е препознаено како уште еден обид за компромитирање и дисквалификација на македонизмот. Македонија и македонизмот никогаш не биле закана за ничиј мир и безбедност, па реакциите за самоодбрана на македонското национално достоинство, идентитет и јазик никако не можат да влезат во дефинициите на насилниот екстремизам и тероризам

Несомнено, една од најголемите насилни закани на денешната цивилизација е тероризмот, за кој е докажано дека не познава граници, нема милост и не ги избира жртвите. Борбата против тероризмот е легитимна обединувачка активност на глобалното меѓународно дејствување, поддржано од меѓународното право и претставува точка високопоставена во плановите и програмите на сите релевантни меѓународни организации. Освен со подготовки за оперативно дејствување и со обука на специјално обучени оперативци, борбата против тероризмот и екстремизмот се пренесува и на одредено теоретско-истражувачко ниво, како превентива преку утврдување на идеологиите, психологијата, начинот и методите во дејствувањето на терористите. Според таквите искуствени теории, првата појдовна точка на тероризмот е екстремизмот. На најчесто користената интернетска енциклопедија Википедија, екстремизмот е опишан како „израз со кој се означуваат дела или идеологии кои излегуваат од рамките што се сметаат за општествено прифатливи, било од прагматични, било од морални причини“. Екстремизмот, пред сѐ, се подразбира како однесување што е на самите граници на одржливото, дозволеното и нормалното, но има и тенденција таа граница да се премине. Во политиката, како политички екстремизам, односно за екстремни идеологии вообичаено се сметаат оние што им припаѓаат на екстремната левица, екстремната десница или на верскиот фундаментализам. Сепак, многу теоретичари признаваат дека самото дефинирање на екстремизмот претставува проблем сам по себе, зашто најчесто зависи од опкружувањето во кое се практикува, како и од интересите и намерите на одредени центри на моќ. Таквата релативност во критериумите за дефинирање на екстремизмот остава простор за теоретска манипулација во имплицирање на неговата поврзаност со тероризмот, до степен што оди до замена на тези и первертирана логика, според која, и жртвата може да стане терористичка закана, деструктивен општествен елемент, како во басната каде што јагнето му ја заматува водата на волкот, иако пие подолу во потокот, од позицијата каде што е поставен предаторот.

Претставувајќи ја како превентивна алатка за следење екстремни и крајнодесничарски групи и организации на Западен Балкан, кои со своето дејствување, односно „постапки го нарушуваат процесот на градење стабилно и здраво општество“, неодамна регионалната Балканска истражувачка репортерска мрежа (БИРН) презентира интерактивната мапа, во која идентификува 71 организација и групи во шесте земји од регионот. Меѓу тие 71 формална и неформална организација, квалификувани како крајнодесничарски и екстремистички на интерактивната мапа на БИРН, во Македонија се препознаени 11, додека во целиот регион како такви во Босна и Херцеговина се детектирани 21, во Србија 20, осум во Косово, седум во Црна Гора и четири во Албанија. Забележлива особеност на списокот за Македонија е тоа што меѓу детектираните како десничарско-екстремистичка опасност и закана, девет од 11-те наведени организации и групи дејствуваат или дејствувале од македонистички позиции, додека само во две од наведените, според имињата, може да се претпостави поврзаност со албанско-исламскиот екстремизам. Друга нетипичност за македонскиот дел од мапата за екстремизам на БИРН е што поголемиот дел од организациите што се наведуваат како крајнодесничарски и екстремистички се транспарентно законски регулирани и активни на политичката сцена во Македонија со децении. За разлика од македонскиот случај, според признанието на претставниците од БИРН, составувањето на базата на податоци траело неколку месеци, зашто процесот бил комплициран од фактот што повеќето од овие организации и групи не се регистрирани и нивните активности може да се следат само онлајн. Инаку, проектот на мапата за екстремизам е спроведен како заеднички напор помеѓу БИРН и независни истражувачки новинари и истражувачи, финансиран од Владата на Кралството Холандија, во рамките на поголем проект „Иднината на екстремизмот во Западен Балкан“.

Обидот за ставањето на Македонија во контекст на регионалната закана од екстремизам со тенденција за тероризам, од аспект на целото триесетгодишно опстојување на државата како независна и сите политички провокации и притисоци од соседите и меѓународната заедница во процесите и настојувањата за нејзино меѓународно етаблирање и признавање, во најмала рака е некоректно и неверодостојно. Дури може да се препознае злонамерна тенденциозност во мапирањето екстремистички организации од позиција на македонски екстремизам, за држава што низ децениите на својата современа независност била жртва на разни форми на тероризам (препознаен и директно посочен и од меѓународната јавност) и на потежок начин прифатила да ги интегрира во општеството подоцна политички модифицираните „практиканти“ на екстремизам. Македонија е предмет на замена на тези или на некаква операција од езоповски вид, од јагне-жртва да биде претставена како волк-предатор. Калемењето на квалификацијата „екстремизам“ на реакцијата на македонската јавност на сите неправди и континуирани притисоци за себенегирање и откажување од националниот идентитет, историја и јазик во процесот на евроинтеграциите на Македонија е препознаено како уште еден обид за компромитирање и дисквалификација на македонизмот. Македонија и македонизмот никогаш не биле закана за ничиј мир и безбедност, па реакциите за самоодбрана на македонското национално достоинство, идентитет и јазик никако не можат да влезат во дефинициите на насилниот екстремизам и тероризам.