Не сум ревносен јазичен чистотник, ама секогаш кога можам да употребам наш збор, попрво ќе се послужам со него. Иако не секогаш им одолевам на замките, ако се веќе одомаќени во јазикот и звучат природно, ми пречи кога во јазикот се презема туѓата синтакса и буквално се преведуваат идиоми и фрази, кога е нарушена ритмиката на јазикот, кога тој е извештачен и грд. Ми пречи кога употребата на интернационализми некои ја сметаат за „престижна“ општествена јазична варијанта. Смешни се таквите беседници, ама тоа е само показател за непознавање на сопствениот јазик. И тука доаѓаме до главната алка во системот на правилна употреба на јазикот – лектурата. Лекторите се неопходни, особено оние што се умни, потковани, едуцирани и не претерано крути. Многу може да се научи од нив. Јас секојдневно учам. Сѐ уште
Научив да читам на четири години. Додуша, да бидам искрена, не по своја волја, туку благодарение на сестра ми, која тогаш веќе ученичка во второ одделение ги имаше совладано пишувањето и читањето, па сакаше да ни го пренесе дома тоа што го научила. Мене и на баба ми, хахаха. Ни „држеше часови“, на баба ми „по латиница“ (и денес не знам откај ѝ беше идејава), мене кириличните букви од азбуката. Буква по буква, секој ден. Не се знае кој беше понеподобен и понетрпелив ученик, јас, немирно и енергично дете, или баба ми, жена домаќинка, без особен интерес на тие години да научи нешто ново. Сепак, овие домашни предавања, кои повеќе беа некаква детска игра, не беа залудни, целта беше постигната.
Поттикната од усвојувањето на оваа вештина, уште во предучилишната возраст почнав да читам книги, многу книги, секакви книги. Почнав со оние од нашата скромна домашна библиотека, ги имавме томовите на Толстој, Теодор Драјзер, љубовни романчиња од Мир-Јам, Сидни Шелдон (не знам зошто тогаш мислев дека е жена!), „Историја света“… Комплетно неслективен избор на книги, земени преку синдикат, како и во секое друго просечно работничко семејство во тоа време, главно неприкладен за таа моја возраст. Ама важно беше нешто да се чита. Подоцна, кога го открив непрегледното богатство на детски книги во библиотеката „Другарче“ во Карпош, најблиската до местото каде што живеевме, почнав да ги позајмувам. Дури бев прогласена за читател на годината, на само петгодишна возраст. Ја примив наградата во друштво на мнооогу повозрасни читатели, се сеќавам дека бев многу горда. Го паметам чувството кристално јасно. Добив значка со ликовите на Миладиновци и пакетче од десетина детски книги, врзани со панделка, повеќето на српско-хрватски јазик. Во раните 1980-ти сѐ уште многу се читаше на јазикот на поранешната држава. Можеби затоа и денес не ми пречи да читам на соседните јазици (имам и доста литературни преводи), дури и уживам во прекрасните српски преводи… Се разбира, подоцна оваа љубов кон книгите се разви во љубов кон пишувањето, го одреди изборот на образование и, конечно, ја одреди и мојата сегашна професија. Во првите години новинарска работа (културните редакции во тоа време, пред повеќе од 20 години, имаа новинар за безмалку секоја област од културата: филм, театар, музика…), мој сектор беше книжевноста. Тоа траеше со години. Друштвото на писателите ми беше втора канцеларија, уште ме стоплува помислата на жешката термопечка што стоеше во канцеларијата на Вики (денес моја колешка) врз која седевме во зима на паузите од долгите промоции и книжевни манифестации.
Мојот интерес за јазикот прерасна во страст и во своевидна опсесија.
И денес, иако можам нескромно да кажам дека во голема мера го познавам македонскиот стандарден јазик, сакам да си ги препрочитувам текстовите откако ќе ја поминат лектурата. Не можам да читам лоши преводи, дури и да станува збор за мој омилен автор. Некој книжевен превод знаел да биде толку неразбирлив, дури апсурден, што ми доаѓало да ја фрлам книгата од тераса. Ми текнува на еден таков пример, на едно постаро издание на романот „Новела за сонот“ од Артур Шницлер, во кое на повеќе страници од текстот во книгата, буквата „з“ беше замената со „с“, па имате ваков дијалог: (- А ти свириш таму, некому? – Сошто некому? Јас воопшто не снам кому. Навистина, не снам. Само свирам и свирам… со саврсани очи.“)… Значи, преведувањето е сериозна работа. Сентенцата дека „не може да се научи да се биде добар преведувач, како што не може да се научи да се биде добар писател“ нека ги обесхрабри „најоптимистичните“. И не се само книжевните преводи толку лоши. Не издржувам да следам филм ако титлот е на лош македонски, а повеќето се такви. Па, одам дотаму што „ловам“ грешки дури и во најличните, секојдневни, онлајн преписки, понекогаш едвај воздржувајќи се да не искоментирам.
Не сум ревносен јазичен чистотник, ама секогаш кога можам да употребам наш збор, попрво ќе се послужам со него. Иако не секогаш им одолевам на заемките, ако се веќе одомаќени во јазикот и звучат природно, ми пречи кога во јазикот се презема туѓата синтакса и буквално се преведуваат идиоми и фрази, кога е нарушена ритмиката на јазикот, кога тој е извештачен и грд. Ми пречи кога употребата на интернационализми некои ја сметаат за „престижна“ општествена јазична варијанта што го одредува говорителот како припадник на интелектуално висока класа. Смешни се таквите беседници, ама тоа е показател за непознавање на сопствениот јазик.
Тука доаѓаме до главната алка во системот на правилна употреба на јазикот – лектурата. Лекторите се неопходни, особено оние што се умни, потковани, едуцирани и не претерано крути. Многу може да се научи од нив. Јас секојдневно учам. Сѐ уште. Ме возбудува кога заедно пронаоѓаме интересни јазични решенија или кога бараме оправданост за преземање на некој странски збор.
Законот за употреба на македонскиот јазик (и стариот и овој што во моментов е во фаза на усвојување) предвидува задолжителна лектура. Ама тој никогаш не се почитувал. Колку и да е подобрена верзијата на новиот закон, како што велат, залуден ќе биде целиот труд ако продолжат неговото непочитување и неприменување. Правилното пишување и зборување се единствениот начин да се заштити македонскиот јазик, а првиот чекор е вработувањето лектори во целата јавна сфера да стане задолжителна обврска. Во спротивно, попусто ќе биде и секој нареден 5 мај да носиме нови закони, да организираме панел-дискусии, собири, средби, тркалезни маси, манифестации, настани, да се одушевуваме на фотографиите од светлечките видеоцитати од нашите омилени автори врз фасадите на скопските објекти.