Не знам како да го наречам односот на надлежните. Дали е неагилност, неажурност, неодговорност, не знам, ама со сигурност знам дека на граѓаните веќе им е прекуглава од секојдневниот сообраќаен колапс во кој колективно тонеме сите заедно… А ќе споменам само една „мала инфраструктурна интервенција“ во кинескиот град Кингдао. Најдете ја на интернет, слободно. На Јутјуб. Имено, Кинезите неодамна урнаа еден голем надвозник… Инстантно прават ново сообраќајно решение и нормалниот сообраќај продолжува по прекин од само педесет и четири часа! Звучи невозможно? Воопшто не е невозможно! Можеби примерот не е соодветен за наши услови, но она што е соодветно е прифаќање на принципите: планирање, посветеност, труд, знаење, вештини, одговорност спрема граѓаните и државата! Тоа е прифатливо, нели?
Секое утро Центарот за управување и контрола на сообраќајот известува за метеж на одредени сообраќајници, нешто како предупредување за возачите да знаат каде низ Скопје ќе заглават доколку тргнат во определена насока.
И тоа е убав гест, но апсолутно народот нема никаква корист од тоа. А знаете ли зошто? Затоа што хаос владее насекаде низ главниот град. И тоа повеќе не личи на хаос, туку на целосен колапс.
Скопските радија исто така се зафатија со најдобра намера, малку од малку, да помогнат во утринскиот сообраќаен метеж. Секоја чест. Тик Так и Зорка на Македонското радио, Викса на Сити и метрополис радио, од петни жили се трудат да ги лоцираат утрински сообраќајните застои, сигнализирајќи им на учесниците во сообраќајот, во реално време, како да постапат и да заштедат време, нерви и пари. Тоа е уште еден потег за длабок поклон за општествено одговорно работење на медиумите, поточно на нашите гореспоменати радија, кои инволвирајќи ги слушателите и проследувајќи ги нивните информации, се од сериозна помош за учесниците во сообраќајот во скопската метропола.
А таму?
Раскопани улици, затворени мостови и улици, редици возила, нервозни возачи, закочен сообраќај… Тоа се само мал дел од утринските слики што, за жал, го следат народот во текот на целиот ден.
Пред само неколку дена ни се случи невидена катастрофа. Се запали еден од клучните мостови во Скопје, една од артериите без која денес гледаме дека тешко се функционира.
Којзнае до кога мостот „Беласица“, лоциран кај „Ист гејт“ ќе биде затворен за сообраќај. Не е безбеден ниту за возачи ниту за пешаци… Народот нема никакви информации. Ниту се знае што планираат да преземат надлежните за побрзо да го санираат проблемот ниту се гледаат некакви конкретни активности на мостот. Сега мостот стои како нем сведок за пожарот што ја загрози неговата безбедност.
Не знам како да го наречам односот на надлежните. Дали е неагилност, неажурност, неодговорност, не знам, ама со сигурност знам дека на народот веќе му е прекуглава од секојдневниот сообраќаен колапс во кој колективно тонеме сите заедно.
Веста беше бомбастична, за фотографирање и за собирање поени. Ама што е со народот, со оние што го користеа овој мост секојдневно, на кои овој мост им кратеше време на патување и заштеда на финансиски средства за гориво.
И, за жал, ова не е единствен сообраќаен „нерешлив“ јазол на Скопје.
Кај Момин Поток веќе со месеци состојбата е очајна. Се гледаат и тешки механизации и работници, ама работава никако да тргне. Ниту се знаат рокови до кога надлежните планираат да ги завршат работите, ниту пак нешто многу се замараат да ги известат граѓаните што ги гласаа.
Дополнително, сите што ја користат Јадранска магистрала, ги искршија возилата. Тука нема дупки, туку кратери по коловозот. А кај нас изгледа важи правилото дека нема потреба малку од малку да се средат и пополнат дупките, да не се трошиме, кога веќе се работи на изградба на нова сообраќајница.
На оваа улица чиниш удриле десетици астероиди, бидејќи отворените кратери предизвикуваат отежнување на и онака хаотичниот сообраќај овде.
За да го избегнат метежот, возачите се надеваат дека успешно ќе „прелетаат“ преку споредната уличка кај Момин Поток, каде што се лоцирани фирмите. Ама тука бетер се случува хаос. Тука никој не фрлил ни рака асфалт, се вози по земјени патчиња, по базенчиња вода, по песок, по трева…
Зарем градот, а и ние како негови жители, кои плаќаме даноци и уште многу други давачки, ги заслужуваме раскопаните улички, правот и огромните кратери по улиците?
Па, кој тоа игра играчки со нас? Со што ние го заслужуваме ова? Каква е таа арогантност на надлежните да не нѐ удостојат ниту со информации за краен датум за да си ја вратиме барем надежта дека доаѓаат подобри сообраќајни времиња?
За кого овој народ гласа и зошто, кога неговите потреби никогаш не се во преден план?.
Да треба да помине делегација, патиштата веднаш ќе се расчистат, но народот, нека се тиска, нека се тепа меѓусебно заради тоа кој од каде се мушнал во единствената земјена лента што постои за возење, нека се пцујат и навредуваат.
Оваа неажурност на градот, на сите државни институции, што негативно влијае на половина милионското население во Скопје, е навистина чудна, неразбирлива за сите нас.
Па, ете, ова нека биде апел, молба или како и да сакате наречете го кон надлежните, во името на сите скопјани и нескопјани, во името на сите туристи, на сите посетители на главниот град. Нека остане како спомен на сообраќајните маки со кои се соочуваме, нека сведочи за глувоста на надлежните за секојдневните проблеми на граѓаните, нека биде аларм дека народот има потреба од брзо решавање на проблемите, дека на граѓаните веќе им е прекуглава од молк, од неажурност, од игнорирање. Бидејќи народот заслужува да добие одговори и да биде удостоен со информации, бидејќи многумина поради овој хаос секојдневно доцнат на работа, на училиште, на лекар или каде и да одат.
И за крај само ќе споменам една инфраструктурна интервенција во кинескиот град Кингдао. Најдете ја на интернет, на Јутјуб. Имено, Кинезите уриваат еден голем надвозник, прават ново сообраќајно решение и нормалниот сообраќај продолжува по прекин од само педесет и четири часа. Звучи невозможно? Воопшто не е невозможно. Можеби примерот не е соодветен за наши услови, но соодветно би било прифаќање на принципите: планирање, посветеност, труд, знаење, вештини, одговорност спрема граѓаните и државата. Тоа е прифатливо, нели?