Доколку внимателно анализираме, неизбежен е заклучокот дека македонската интелигенција има извонредна улога во создавањето на современата бугарска држава: Имено, тоа е придонес во делот од развојот на прогресивната мисла, во борбата за индивидуални човечки и колективни права, во ослободувањето од заедничкиот јарем наметнат од османлиското царство, во стремежите со ист именител за слобода и свои национални држави… Се разбира различни држави, бидејќи во основа е различен и бугарскиот и македонскиот национален супстрат, како фундамент за национални држави. Но тоа не значи дека Македонците и македонската интелегенција ѝ попречиле на бугарската авангарда во создавање и градење на својата држава. Напротив, силниот слободарски дух и македонските интелектуалци дури им помогнале на други, соседни нации, вклучувајќи и на бугарската, во нивната борба за слобода и државност! Но тоа не нѐ прави дека имаме заедничка историја! Зар нашата здушна помош на другите, а и нашата несебична партиципација за борба до победа на универзалните демократски вредности сега ќе ни се удрат од глава?
Историјата е наратив преку кој се обидуваме да го разбереме минатото, надевајќи се дека ќе ги објасниме процесите на нашето постоење. Како наука, историјата ги проучува луѓето, односно човековите постапки, одлуки и однесувања, обидувајќи се да ја изложи општата човечка состојба во сите нејзини облици низ времето, вклучувајќи го и развојот на една национална држава. Но, историјата како процес е сложена и нештата не секогаш се разбирливи. Оваа историска сложеност, германскиот филозоф Хегел се обидел да ја објасни со својата дијалектика (метод за анализа или откривање на реалноста), која се состои од три елементи – теза, антитеза и синтеза. Врз основа на оваа дијалектика, Хегел објаснувал дека во минатото никој немал држава, денес имаат само некои, а во иднина ќе имаат сите.
Следствено, појавата на современата македонска национална држава не е случајност, а уште помалку историска контрадикторност. Фактите потврдуваат дека Македонците, во споредба со соседните народи, подоцна создаваат национална држава, а оваа состојба се должи пред сѐ на геополитичките игри на моќните европски империи, како и на внатрешните политичко-општествени услови во Македонија. Но доколку внимателно анализираме, подоцнежното создавање на современата македонска држава може да ни помогне да ја разбереме заедничката историја на Македонците со соседните народи, особено со Бугарите, но и со Србите и Грците.
Но оваа заедничка историја не е онаква како што некој се обидува да ни ја претстави. Ако внимателно ги проследиме историските процеси од крајот на 19 и почетокот на 20 век, очигледно е дека Македонците учествуваат во создавањето и развојот на современите балкански држави, како во политички, така и во културолошки поглед. Доколку на ваков начин гледаме на нештата, многу лесно можеме да го разбереме искажувањата на главниот грчки критичар Александар Ризос Рангавис за „Сердарот“, најпознатото дело на македонскиот поет и преродбеник Григор Прличев, дека тоа е „творба на чудотворно длето, а секој стих светка како чист бисер“. Не случајно Прличев беше прогласен за втор грчки Хомер, а непобитен е и фактот дека овој македонски преродбеник со своето најпознато дело се вбројува и меѓу најзначајните грчки поети. Следствено, Костас Кулуфакос вели дека Прличев му „припаѓа како на пределот и народот што го родил и го воспитал, така и на народот чиј јазик го избрал за да се изрази и на пределот што му оддаде почит… И пошироко од нашите два народа, поетот што му оддаваме почит, му припаѓа на човештвото“.
Ова е совршен пример за ист именител при градењето на историјата на Македонците со соседните народни, како и за влијанието на македонската интелигенција врз развојот на современите балкански општества. Но на што се должи оваа реалност? Историските факти посочуваат дека по создавањето на современата грчка и српска држава, Македонците започнале да се преселуваат во овие земји. Во Грција главно се населувале одделни лица, како што е писателот Димица. Поголема преселба имало во Србија, главно од прилепскиот крај. Во градот Алексинец и неговата околина се преселиле многу прилепски родови, а помалку во Белград и Смедерево.
Позначително преселување на Македонците започнало по Руско-турската војна од 1877 година и создавањето на Кнежеството Бугарија. Во младата бугарска држава, Македонците наишле на добар прием и затоа почнале да се иселуваат уште во првите години по ослободувањето на Бугарија. Македонското население од Разлог и Кресна по востаничкото движење од 1878 година избегало во кнежеството, а подоцна еден дел од нив се вратил во Македонија. Оние што останале се населиле во Ќустендилско, Дупничко, Самоковско, Пазарџиско и Ловечко. До 1918 година во Бугарија емиграцијата се состоела од околу 200.000 Македонци, а според анкетата на македонските братства објавена во 1918 година, македонската емиграција во Бугарија била политичка, односно Македонците не се населиле во Бугарија за да бараат подобар и живот и трајно да се населат.
Македонската интелигенција исто така била принудена да замине од Македонија и со своите способности успеала да влезе во сите гранки на бугарскиот политички и културен живот – поезија, новинарство, книжевност, учителство, политика, финансии, трговија, медицина и др. За моќта и влијанието на македонската интелигенција, Григор Начович (бугарски политичар и дипломат) во мемоарот од 24 јуни 1903 година вели дека „Македонците се честити во Бугарија, тие се примаат во сите служби, прават трговија и се најбогатите. Има Македонци министри, и пратеници, и адвокати, и владици, и свештеници и секакви. Министрите треба да им платат клучарина зашто се влијателни, дури кнезот се плаши од нив, бидејќи можат да му сторат големи пакости… еден поранешен министер ми рече дека во негово време Македонците добиле од Австрија 4.000 манлихерови пушки, кои тој тајно ги препуштил во Бугарија, бидејќи го заплашувале дека ќе го убијат ако се спротивстави“.
Доколку внимателно анализираме, неизбежен е заклучокот дека македонската интелигенција има извонредна улога во создавањето на современата бугарска држава.
Но тоа не значи дека Македонците и Бугарите имаат онаква историја како што се обидува да ни претстави бугарската политичко-општествена елита: „заедничка историја“?! Скраја да е! Неприфатливо е тоа, каде и да е напишано и од кого и да е потпишано!!! Тоа само значи дека сакаат да претстават дека „македонскиот народ е еден и ист со бугарскиот“!? Никогаш!
Доколку направиме компарација со местото и улогата на шкотската интелигенција во развојот и создавањето на современата англиска држава, можеме да заклучиме дека македонската интелигенција одиграла речиси идентична улога како и шкотските политички или културни умови. Речиси сета шкотска интелигенција од крајот на 18 век се наоѓаше во Лондон, слично како и македонската интелигенција што се наоѓаше во Софија, но денес никому не му паѓа на ум да тврди дека Шкотланѓаните се вештачка нација и имаат заедничка национална историја со англискиот народ.
Еве уште еден контрааргумент. Постојат низа историски докази дека без македонската интелигенција немаше да постои современата бугарска држава. Со овој непобитен факт треба да се соочи бугарското општество зашто само на тој начин бугарската нација ќе доживее катарза и ќе се ослободи од сенките на минатото. За тоа поопширно во друга пригода и со историски факти и факсимили.
А бидејќи денес се одбележуваат 17 години од смртта на Петре М. Андреевски, еден од најдаровитите и најпопуларни македонски поети и раскажувачи, нашиот текст ќе го завршиме со неговата најпозната мисла: „Племето наше е пиреј и не го ништи ни една војска! Ама ти колку сакаш кошкај ја, корни ја, куби ја, таа пак не умира. Само малку да се допре до земјата и пак ќе оживи, ќе потера. Ништо не ја ништи таа трева!“