Зошто ние како држава немаме сериозен пристап кон оваа работа, како и кон милион други? Се појави коронавирусот, лекарите беа задушени од надрилекари, антиваксери, бајачи и гледачи во ѕвезди. Резултатот го знаеме сите многу добро.
Од некои дамнешни времиња ми остана во сеќавање еден афоризам: „Каква е градацијата на зборот лага? Лага-паралага-статистика“. Изминативе денови ми дојде на памет овој афоризам, додека ги слушам коментарите и дискусиите во врска со резултатите од пописот. И не дека сум јас некој посебен познавач на статистичките операции, туку асоцијацијата ја извлекувам според мнозинството, кои главно искажуваат незадоволство од конечниот исход, поточно од бројките што се обелоденети досега.
Незадоволни имало и ќе има, па дури и да се работи за поделба на две јаболка на две деца, секогаш едното ќе каже „другото е поубаво/поголемо/послатко“. Уште повеќе, ако се работи за една вака обемна операција, како што беше пописот, операција што, за жал, сѐ уште некои ја сфаќаат како алатка преку која треба да се задоволат многу вкусови, многу порачки, многу очекувања и којзнае уште што не. Но проблемите настануваат кога сето тоа ќе се стави на купче, кога сето тоа ќе се собере, особено кога на крајот ќе се дојде до некоја бројка на жители што е речиси идентична со бројката на гласачи, тогаш недовербата, а со тоа и скептицизмот, расте и се зголемува.
Во таква ситуација, во недостиг од сериозно, студиозно, издржано толкување на бројките и споредбите што го збунуваат обичниот граѓанин, правопропорционално расте бројот на „стручњаци од општа практика“, кои токму во моментов специјализираат статистика, математика, антропологија и уште нешто, патем, па користат мал одмор за на неедуцираното граѓанство да му објаснат за што станува збор. Социјалните мрежи се преплавени, јавувањето на отворените телевизиски програми одекнува од гласовите на овие наши неоткриени таленти, кои нема што не знаат.
И не е проблемот во нив. Им треба на луѓето некој вентил, па нека си зборуваат. Тие и така ќе си зборуваат, па ги слушале ние или не. Некаде мора да се испразнат. Проблемот е во нешто друго. Зошто ние како држава немаме сериозен пристап кон оваа работа, како и кон милион други? Зошто едноставно дозволуваме и се доведуваме во ситуација секогаш да реагираме пост фестум, да гасиме пожари, наместо да превенираме?
Се појави коронавирусот, лекарите беа задушени од надрилекари, антиваксери, бајачи и гледачи во ѕвезди. Резултатот го знаеме сите многу добро.
Сега со пописот исто. Има ли некој авторитет, има ли „маж во куќата“ (нека биде и жена, сеедно, овде „маж“ е употребено симболично) кој ќе каже што е што? Сѐ додека работите се држат вака како досега – кажани, недокажани, недообјаснети, ќе се множат толкувачите на бројки, кои во тоа се разбираат колку јас во вселенски бродови. Има многу отворени теми и дилеми што се наметнаа по објавувањето на резултатите од пописот. И како по обичај, одговорноста или, пак, вината за бројките, такви како што беа презентирани, политичарите веднаш почнаа да си ги префрлаат едни на други, не сфаќајќи дека со тоа само си прават мечкина услуга и ѝ наштетуваат на државата.
Сега со пописот исто. Има ли некој авторитет, има ли „маж во куќата“ (нека биде и жена, сеедно, овде „маж“ е употребено симболично) кој ќе каже што е што? Сѐ додека работите се држат вака како досега – кажани, недокажани, недообјаснети, ќе се множат толкувачите на бројки, кои во тоа се разбираат колку јас во вселенски бродови
Токму поради таквата политизираност, па и обидите за злоупотреба на статистиката дојдовме и до ова дереџе – на уште поголема збунетост и конфузија.
И по еден таков попис, како да ни се малку проблемите и дилемите дома, се огласија – а кој друг ако не Бугарите. Бугарскиот европратеник Ангел Џамбаски дури се истрча да биде прв, да го земе муштулукот, та во Европската комисија пријави неправилности во пребројувањето на населението на пописот во Македонија, како што известија од прес-центарот на партијата ВМРО, каде што тој е копретседавач. Странските емисари од Бугарија одат и чекор понатаму, па почнаа да даваат и свои препораки и квалификации за пописот. Дрско и грубо да се мешаат и во македонската статистика, како што тоа го прават во политиката, дипломатијата, историјата и каде ли уште не.
Токму затоа, поради сите овие недоумици – реални или пропагандни, државата треба да најде начин да ја објасни, да ја протолкува целата оваа ситуација околу пописот. Колку повеќе ќе се одолжува со давањето целосен, аргументиран одговор и не се најде решение за сите недоумици, толку повеќе ќе растат незадоволството, неприфаќањето и негирањето на понудените податоци. А такво нешто никому не му оди во прилог. Државата и институциите мора да најдат начин да го затворат ова поглавје во интерес на граѓаните и идниот развој на државата.