И волкот сит и овците на број

Од денешна перспектива, колку и да звучи чудно, споменатата карикатура како да им ја предвиде иднината на Македонија и на македонскиот народ. Дека авторот или авторите на карикатурите биле во право е очигледно по завршувањето на Балканските војни и Букурешкиот договор од 1913 година, кога Македонија и Македонците беа поделени меѓу балканските држави. Поделбата на Македонија, како решение за македонското прашање, беше избрана поради многубројните балкански претенденти, како и противречните интереси на големите сили. Европската дипломатија на крајот одлучи да го „отплетка“ македонското прашање како во поговорката – и волкот сит и овците на број, со што му беше запечатена судбината на овчарот, во овој случај Македонија и македонскиот народ

Во 19 век, Европа и светот се соочија со една од најдеструктивните идеолошки матрици на човештвото, идеологија што се манифестираше со екстремен нациошовинизам и го поплочуваше патот кон најголемите трагедии во светската историја. Овој егоцентричен национализам, за разлика од патриотизмот, го приграбуваше туѓото и го прикажуваше како сопствено. На меѓународната политичка сцена ова се изразуваше преку колонијализмот кога на недозволен начин беа присвојувани цели народи и земји. Но и помалите држави не беа имуни на оваа идеолошка болест, а ова беше очигледно токму околу т.н. македонско прашање, кога балканските држави се обидуваа да ја приграбат Македонија и да ги претстават македонските национални особености како сопствени, односно како бугарски, српски или грчки, надевајќи се дека на таков начин ќе ги оправдаат своите шовинистички претензии пред европската дипломатија.
Кон крајот на 19 и почетокот на 20 век, македонското прашање дополнително беше заплеткано поради интересите на големите сили, кои настојуваа да го зацврстат или да го прошират своето влијание на Балканскиот Полуостров. Најтрагичен околу тогашната македонска расположба беше односот на Софија, Атина и Белград, но и на Лондон, Москва или Берлин, кон македонскиот народ. Во настроение кога Македонците живееја во една авторитарна држава и немаа основни човекови права, балканската и европската политичка елита исклучиво се водеше од сопствените егоцентрични амбиции без да се грижи за потребите на македонскиот народ.
За разлика од политичките елити, европската и светската интелектуална фела совршено ја разбра положбата на Македонците и Македонија. Ова е очигледно од објавите на тогашната светска сатира, која на многу вешт начин ги исмеваше, надевајќи се дека ќе ги разобличи овие крајно негативни политики. Во светските архиви постојат многубројни сатирични карикатури, на кои многу јасно се разобличуваат дворските игри околу македонското прашање.

Класичен пример е токму една карикатура од 1903 година, на која, меѓу другото, се претставени две марионети што се именувани „Македонија“ и „Бугарија“, притоа последната со меч ѝ ја отсекува главата на првата. Над нив како куклар е претставена царска Русија, воопштена симболика за политиката на големи сили, која потајно ги влече политичките конци на Балканот.
Од денешна перспектива, колку и да звучи чудно, споменатата карикатура како да им ја предвиде иднината на Македонија и на македонскиот народ. Дека авторот или авторите на карикатурите биле во право е очигледно по завршувањето на Балканските војни и Букурешкиот договор од 1913 година, кога Македонија и Македонците беа поделени меѓу балканските држави. Поделбата на Македонија како решение за македонското прашање беше избрано поради многубројните балкански претенденти, како и противречните интереси на големите сили. Европската дипломатија на крајот одлучи да го „отплетка“ македонското прашање како во поговорката – и волкот сит и овците на број, со што беше запечатена судбината на овчарот, во овој случај Македонија и македонскиот народ.

Екстремен нациошовинизам, особено балканскиот, во изминативе децении повторно оживеа, а ова е особено очигледно во односот на бугарската надворешна политика, која отворено ги негира македонските национални особености. Софија доби одредена поддршка од европската дипломатија, поддршка што се олицетвори во протоколот. Во овој контекст, Илијана Јотова, бугарската потпретседателка, изјави дека „Договорот за пријателство и добрососедство меѓу Бугарија и Македонија, повеќе не е договор меѓу две земји, туку е дел од европското законодавство и, освен Бугарија, европските институции и сите земји-членки строго ќе го следат неговото спроведување.“
Без разлика на настојувањата на Софија за злоупотреба на споменатиот договор и протокол за остварување одредени националистички интереси, историјата потврди дека ниту еден меѓународен договор, како што беше и Букурешкиот договор од 1913 година, не може да ги разнебити македонските национални особености – јазик, историја, обичаи итн. Кога сите мислеа дека овчарот е изеден од волкот, овчарот ги постави темелите на асномска Македонија. Не случајно Петре М. Андреевски ги напишал следниве зборови: „Пиреј е троскотна трева, а некои ја викаат и коштрева. Ама ти колку сакаш кошкај ја, корни ја, куби ја, таа пак не умира. Само малку да се допре до земјата и пак ќе се фати, ќе оживи, ќе потера. Ништо не ја ништи таа трева.“